Изложби
Самостојна изложба на Филип Велковски – „Идиоми“
Денеска од 18 часот во просториите на КСП „Центар – Јадро“ ќе се отвори самостојната изложба на Филип Велковски – „Идиоми“.
Изложбата насловена „Идиоми“ е втора самостојна изложба на визуелниот уметник Филип Велковски (1988, Скопје). Со новиот проект Велковски го продолжува своето истражување во сликарството, преку серија од 9 слики во поголем формат.работени во комбинирана, претежно маслена техника, под работниот наслов „Пораки на тунгстен“ во периодот 2017-2020 година.
За разлика од неговиот прв проект „Лиминални фигури“ (2017, МКЦ), каде што примарен предмет на сликарското истражување е фигурата, во циклусот „Идиоми“ фокусот е на бојата, на пресекот помеѓу текстурата и скриените текстуални и визуелни пораки, кои се откриваат под површината низ изгребаните и излупени слоеви на густите наноси боја.
Сликите на тој начин формираат палимпсестна структура, која е метафоричен приказ на комплексното функционирање на човековиот ум, на аморфноста и флуидноста на мислите во некоја претпоставена фаза пред кристализирање на идеите.
Со дисторзија на фигуративните елементи во чудни, композитни структури, како и со кратките елиптични наслови, се остварува јаз во можноста за експлицитно откривање на наративот. Меѓупросторот на сликовното и текстуалното го заземаат апстрактни форми кои се симулација на текст и осцилираат во морфирањето, напред и назад.
На сличен начин фунционира и анимацијата, која е проектирана врз платно и претставува некој вид пунктум во целината, перцепциски крстопат: таа истовремено и припаѓа, но е и аномалија. Отстапувајќи од статичното, таа го открива и потенцијалот кај останатите слики.
Гледачот е соочен со еден вид отворено дело: просторот што авторот го замислува како реконструкција на „ќелија на умствени мапи“ ги поврзува поединечните слики заедно со насочената светлина и суптилниот звук, во една симбиотичка целина.
Владимир Јанчевски
Филип Велковски (1988) е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Во фокусот на неговото уметничко истражување се умствените слики, соништата и маргиналната митологија. Ги користи медиумите на сликарство, инсталација и дигитална илустрација со цел да произведе измислени сценарија и субверзивни простори. Делата на Велковски се составени од густи слоеви на бои и разновидност на материјали, преку кои тој ги потенцира материјалните и метафизички аспекти на самиот медиум и нејзината поврзаност со општеството.
Делата на Филип неодамна биле претставени на XII биенале на млади уметници во МСУ, Скопје, Македонија (2018); работилницата и изложба во Neu Neu Gallerie – експериментален галериски простор како дел од Documenta XIV во Касел, Германија (2017); а истата година тој ја имаше и својата прва самостојна изложба „Лиминални фигури “ во галеријата на МКЦ, Скопје, Македонија.
Од 2012 година Велковски работи со уметничкиот колектив КУЛА (платформа за вкрстени уметнички тенденции и инвентивни иницијативи на културната агенда на Град Скопје).
Покрај неговата уметничка пракса, Филип работи и како кустос на мултимедијалниот уметнички фестивал „Под земја полесно се дише “ во Скопје. Заедно со група уметници, тој го иницираше фестивалот во 2013 година, кој го организираат на годишно ниво. Заземајќи место во подземна гаража, целта на фестивалот е да го окупира јавниот простор и да го претвори во галерија и платформа за перформанси. Во улогата на кустос на ликовниот дел на фестивалот, Велковски експериментирал со изложување на ликовни дела во неортодоксни поставки, при што главен фокус е тоа како се менува контекстот на делата во рамките на локацијата и на индустрискиот изглед на гаражата.
Оваа изложба е релизирана со финансиска поддршка на Министерство за култура и е дел од годишната програма на КСП „Центар -Јадро“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.
Изложби
„Фрагментирана интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошевски во Неготино
На 23 мај 2024 од 19:30 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.
„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски,
Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

