Култура
Самостојни изложби на младите уметници Наџа Крачуновиќ и Серхат Емрулаи во МСУ
На 5 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе бидат отворени самостојни изложби на младите уметници Серхат Емрулаи и Наџа Крачуновиќ, добитници на наградата „Најуспешен автор и дело“, која им беше доделена минатата година на 14. меѓународно биенале на млади уметници – „Будења“.
Куратори на изложбите се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.
Наградата се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, која се доделува на двајца автори за нивните дела.
Младиот уметник Емрулаи на минатогодишното биенале победи со инсталацијата „Помеѓу“, а уметницата Крачуновиќ е добитник на наградата за видеоперформансот „Хидра“.
![]()
На 5 септември Серхат Емрулаи самостојно ќе се претстави со инсталацијата „Се селиме на нова локација“.
Тој вешто ја интегрира уникатната архитектура на музејот во личен авторски наратив претворајќи го просторот во клучна компонента од уметничкото дожувување. Со тоа посетителите се вовлечени во внимателно трасиран пат преку просторен дизајн, промислено осветление и симболични материјали, за да се предизвика длабока ангажираност кај посетителите за теми, како родови улоги, економски превирања и демографски промени.
Емрулаи (Германија, Кил, 1989) студирал ликовна педагогија на Академијата за ликовни уметности во Тетово до 2013 година. Во 2016 година се преселува во Италија и се запишува на Академијата за ликовни уметности во Венеција, каде што првин дипломирал сликарство, а потоа завршил магистерски студии по сликарство на истата академија. Досега има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, работилници и аукции во Италија, Германија, Албанија и во земјата. Во 2022 година самостојно има изложувано во Скадар, Албанија, а истата година, на покана од „ВизАРТ“, учествувал на колективна изложба одржана во Националниот историски музеј на Тирана, каде што е награден за најдобар современ уметник.
Наџа Крачуновиќ на 5 септември ќе се претстави со самостојна изложба „Во име на мајка, во презиме на татко“ и со перформанс во живо „Во твое име“. Текстот за перформансот го потпишуваат Наџа Крачуновиќ и Ивана Маричиќ, која и учествува во самата изведба. Костумите за перформансот се на Луна Шаламон и Валентина Венцел.
Таа го испитува музејот како радикално место, каде што традицијата се среќава со современиот живот на бракот, како отпор, наместо социјална норма, и меѓугенерацискиот однос мајка – ќерка. Крачуновиќ се занимава со женското наследство од двата родитела и нуди стратегии за опстанок во патријархалните општества, кои го третираат актот на бракот како акт на отпор.
Наџа Крачуновиќ (Србија, Белград, 1996) е мултидисциплинарна уметница, која живее и работи во Вајмар, Германија, каде што дипломирала на магистерската програма „Јавна уметност и нови уметнички стратегии“. Комбинирајќи ги медиумите, Крачуновиќ создава дела специфични за локацијата и контекстот користејќи измислени наративи, хумор, раскажување, перформативна поезија и сопствениот глас, кои се присутни во нејзините видеоперформанси, звучни дела, објекти и писанија. Нејзините дела се занимаваат со секојдневната фикција, како и со просторите и телата што се дел од неа: индивидуални тела, женски тела, алтер его; сцени на јавни простори; и разни општествени конструкти и појави. Со искуство во театарот креира доживувања што ја водат публиката во светот на протагонистот, секогаш имајќи слатко-горчлива нота. Покрај самостојни изложби во Србија и Германија, Крачуновиќ има изложувано на над 30 групни изложби во Европа, а нејзините дела биле изложени во музејот „Баухаус“ во Вајмар и уметничките колекции на Кемниц. Учествувала во многу интердисциплинарни уметнички проекти и работилници, меѓу кои и AirR Free Radicals на Пловечкиот универзитет во Берлин и работилницата Heritage for Communities DAAD (наследство за заедниците ДААД) во Каиро, Египет. Во 2022 година таа учествуваше во „Документа 15“ во рамките на Cooking Conflicts Collective во Касел и на младинското биенале во Белград со „Носталгија по иднината ФМ“, имагинарна, бескрајна радиостаница, која ја основа во 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

