Култура
Светската пијанистичка ѕвезда Фазил Сај на официјалното затворање на концертната сезона на Македонската филхармонија
На 23 мај, во четврток, со почеток во 20 часот, на концертот насловен „Алфа и омега“, ќе настапи еден од најпознатите пијанисти денес, турскиот и светскиот уметник – Фазил Сај. Овој извонреден пијанист, кој поседува навистина редок талент, а со кој повеќе од три децении директно допира до срцата на публиката и критиката, за македонската публика ќе го изведе маестралниот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 во c-moll,оп.37 од Лудвиг ван Бетовен.
Диригент на концертот е маестро Јерухам Шаровски од Израел, новиот шеф-диригент на Македонската филхармонија, а на програмата оваа вечер е и уште едно дело на генијалниот Бетовен, неговата увертира „Егмонт“ оп.84, создадена по истоимената трагедија на Гете.
Во вториот дел од концертот, ќе биде изведена атрактивната Симфониска свита „Шехерезада“, оп. 35 на Николај Римски-Корсаков, создадена по мотивите од познатата бајка „1001 ноќ“.
За време на својата кариера, маестро Јерухам Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер-часови на значајни универзитети во светот. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф-диригент и уметнички директор на Македонската филхармонија.
За турскиот и светски пијанист Фазил Сај (1970) критиката ќе каже дека концертите на овој пијанист се нешто поинакво. Тие се подиректни, поотворени, повозбудливи, накусо – стрелаат право во срцето. Токму тоа што го изјавил и композиторот Ариберт Рејман во 1986 година, кога при посетата на Анкара имал можност да го слушне тогаш 16-годишниот Сај. Тогаш, тој веднаш го замолил Дејвид Левин, американскиот пијанист што го придружувал на тоа патување, да дојде во Градскиот конзерваториум и му кажал: „Апсолутно мора да го слушнете, ова момче свири како ѓавол“. Фазил Сај своите први часови по пијано ги почнал кај Митхат Фенмен, кој студирал кај познатиот Алфред Корто во Париз. Чувствувајќи го талентот на неговиот ученик, Фенмен го замолил секој ден да импровизира на теми поврзани со неговиот секојдневен живот, пред да работи на зададените вежби на студиите по пијано. Токму ова, контактот со слободните креативни процеси, се смета за извор на огромниот импровизаторски талент на Фазил Сај, како и на неговиот естетски поглед и во творештвото, како композитор. Неговата извонредна техника бргу му овозможила со леснотија да ги совлада комплексните дела, од префинетоста на Бах, Хајдн и Моцарт, до виртуозната брилијантност на Лист, Мусоргски и Бетовен, што ќе му донесе победа на Меѓународниот натпревар „Young Concert Artist“ во Њујорк, во 1994 година. Оттогаш, тој настапува со сите реномирани американски и европски оркестри, со водечки диригенти, градејќи повеќеслоен репертоар, кој се движи од барок, до современите дела, вклучувајќи ги и сопствените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

