Култура
Свечено доделување на наградата „Анте Поповски – Антево перо“

Вечерва, во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи централниот настан од годинешното, шесто по ред издание, на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Присутните посетители ќе имаат можност да проследат видеоматеријали со кус рецитал на академик Анте Поповски, но и снимки од негови песни во интерпретација на артистката Софија Гогова-Врчаковска. Модератор ќе биде м-р Александра Јуруковска, ќе биде прочитана одлуката на жири-комисијата за наградите, а пред присутните ќе се обрати д-р Атина Цветаноска.
Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски, и е поддржана со програмата за 2023 година на Министерството за култура.
По доделувањето на наградите, ќе се одржи и поетско читање, во кое, освен наградените автори, учество ќе земат и неколку други учесници на годинешниот конкурс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Седмо издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“

Кафе и филм КОТУР го најавува седмото издание на фестивалот на филм и музика Ѕирни, кое ќе се одржи од 29 септември до 6 октомври 2025 година.
Публиката ќе има можност да проследи богата програма со интернационална и национална филмска селекција, 48-часовниот филмски предизвик, специјални проекции, концерти, изложби, интервјуа и музичка селекција, проследено со вкусна храна и урбана атмосфера.
Оваа година, покрај кино салата на КОТУР, фестивалот ќе се одржува и на Платото пред Домот на АРМ, простор од големо културолошко значење и симбол на младата алтернативна сцена во Скопје.
Фестивалот ќе понуди две натпреварувачки програми – официјална и студентска, како и резултатите од 48-часовниот филмски предизвик.
Специјална проекција ќе има документарниот филм „Бабички на револуцијата“, во чест на Илинденка Петрушева.
Во официјалната селекција ќе бидат прикажани домашните филмови:
„Нова енергија“ – Сара Климоска и Радован Петровиќ,
„Избор“ – Марко Црногорски,
„Остров“ – Бранко Костески,
„Зајак“ – Ханис Багашов,
„Сенките на месечината“ – Тина Величковиќ.
Наградата „Данчо Чеврески“, поддржана од Халк банка, ќе се додели за најдобар краток филм. Студентската селекција ќе се натпреварува за најдобар студентски филм, а публиката ќе го избере својот фаворит. Жирито е составено од режисерката Дина Дума, актерката Кристина Леловац и режисерот Трифун Ситниковски.
48-часовниот филмски предизвик ќе има свое жири во состав: Игор Христов (режисер), Горјан Атанасов (монтажер) и Слаѓана Вујошевиќ (актерка).
Концерти и изложби
Програмата вклучува:
концертна промоција на албумот „Наше после сè“ на бендот „Занаду“,
концерт на Луфтханза пред Дом на АРМ,
настап на Hot Jazz Orkestar,
изложбата „Добредојде, добро те најдов“ на Ана В’чкова.
Музичката селекција ќе ја збогатат Томи Бојаџи, Давид Николовски, Миа Ѓоргиевска, Игор Спироски, Никола Димитријеќ (Double G) и Бојан Јанев (Soul Case).
Фестивалот се реализира со поддршка на Македокс, Трн.мк, Саманта ДОО, Скопско, Винарија Тиквеш и Халк банка.
Целосната програма и распоредот се достапни на социјалните мрежи на КОТУР и Ѕирни, како и на dzirnifestival.com
👉 Влезот за целата програма на Ѕирни 7 е слободен.
Култура
„Детски повреди“ со Слобода Миќаловиќ и Вук Костиќ во Скопје

На 23 ноември, во Македонската опера и балет, скопската публика ќе има ретка можност да ја доживее една од најемотивните и највозбудливи современи драми „Детски повреди“. Делото, кое критичарите го опишуваат како црна и романтична комедија споена со мелодрама, ја открива вечната потрага по блискост и љубов меѓу две души кои, иако животот ги носи по различни патеки, никогаш целосно не се губат една од друга.
Во главната улога публиката ќе ја види Слобода Миќаловиќ, една од најценетите и најпознати актерки на балканската сцена. Нејзините улоги во филмовите и сериите како „Зона Замфирова“, „Рањени орао“, „Мирис кише на Балкану“ и многу други ѝ донесоа статус на вистинска ѕвезда, а нејзината способност да ја пренесе најсуптилната емоција ја прави омилена кај публиката. Миќаловиќ е симбол на силна женска енергија, но и на суптилност и емотивна длабочина, токму тоа што е потребно за оваа предизвикувачка улога.
Не помалку значаен е и нејзиниот партнер на сцената, Вук Костиќ, актер со импресивна филмска и театарска биографија. Регионалната публика најмногу го препознава по улогите во култната серија „Убице мог оца“, како и „Јужни ветар“ и бројни други проекти во кои секогаш ја носи карактеристичната интензивност и автентичност. Костиќ е актер кој со својата појава и игра ја полни сцената, а во „Детски повреди“ ќе ја открие и својата ранлива и кревка страна.
„Детски повреди“ зборува за болката, за љубовта, за осаменоста и за неуништливата нишка што ги поврзува луѓето, дури и кога изгледа дека животот им е разделен.
Она што ја прави оваа драма посебна е нејзината нехронолошка структура: скокајќи од минатото во иднината и назад во сегашноста, публиката ќе биде вовлечена во динамичен вртлог на време и емоции, кој постојано ја одржува напнатоста.
Зад режисерската палка стои Иван Вуковиќ, еден од најинтересните современи режисери во регионот, кој со своето чувство за ритам, визуелна естетика и длабочина на карактерите, му дава нов живот на ова дело.
Култура
Концерт на дуо „Гелебешеви“ во камерната сала на Филхармонијата

Пијано дуо „Гелебешеви“, в четврток со почеток во 20 часот ќе настапат во Камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата се дела од Супе, Вагнер, Росини, Рахмањинов и Шостакович.
Во сферата на камерното музицирање, пијано – дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето делување во 2001 година, се наметнува како ансамбл со исклучително високо профилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера во С. Македонија и на бројни интернационални подиуми ширум светот.
Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Костадиновска -Гелебешева и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разновидни уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина – Пијано- дуо „Гелебешеви“ е препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за изразито талентирани и врвно подготвени уметници што со своите инспиративни интерпретации умеат да го задржат вниманието и на најпребирливата публика.
Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахмањинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век.
Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија.
Дуото „Гелебешеви“ претставува реномиран камерен ансамбл во Р. Северна Македонија што континуирано настапува во градовите низ земјата и на сите најзначајни фестивали во сферата на класичната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“…
Од 2005 година со настапот на Светскиот ден на музката во Париз, пијано – дуото „Гелебешеви“ ја започнува својата интернационална кариера. Низ годините што следат, се редат успешни концертни турнеи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција.
За својата плодна концертна дејност пијано – дуото „Гелебешеви“ е добитник на највисокото признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, наградата „Златна лира“ во 2012 година.
Имаат и соработка со повеќе медиумски куќи во Македонија и во странство и две ЦД изданија. Концертните остварувања на пијано дуото „Гелебешеви“ покрај афирмативните реакции на публиката, наидуваат и на одлични согледувања во стручните рецензии на музичката критика :
„…Високиот степен на техничката подготвеност, во спрега со уметничката емоционалност на двајцата пијанисти, претставува еден буен и чист звучен пејзаж, кој патува низ еден музички космос во кој нештата се идеално подредени…“ муз. рецензент Васка Наумова – Томовска. „….Игрив шарм, испреплетен со брзина, деликатна точност, перкусивна брилијантност, импресивен сонорен, лебдечки звук, со прецизно формирани мелодиски линии…“ муз. рецензент Јулијана Папзова. „… дуото „Гелебешеви“ се наметнува со неколку важни компоненти во музицирањето – бистрина и подвижност на пијанистичката техника како и исклучително прецизна артикулација во музичките фрази од познатите арии на Росини, што на моменти звукот на пијаното го претвора во реални вокални линии…“ муз. рецензент Викица Костоска – Пенева.