Култура
Свечено отворање на Струшките вечери на поезијата во Домот на поезијата во Струга
Утревечер (четврток, 22 август), во 20.30 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Домот на поезијата, ќе се одржи церемонијата на свеченото отворање на годинешното 63. издание на фестивалот, кое традиционално почнува со поетското читање „Меридијани“.
Оваа година церемонијата на свеченото отворање ќе биде во големата сала на Центарот за култура со специјално подготвена сценографија од студиото ОТП на начин што ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. Со ваквото поврзување се добива импресивен волумен, кој нуди безброј можности за разни видови мултимедијални настани. Последен пат ова е направено пред повеќе од 30
години.
Во рамките на церемонијата на отворањето е предвиден настап на нашиот познат пијанист Дино Имери, читање на поетската порака од страна на истакнатиот поет Веле Смилевски, а фестивалот за отворен ќе го прогласи министерот за култура, Зоран Љутков, кој ќе има свое обраќање.
Во рамките на поетското читање „Меридијани“ свои стихови ќе прочитаат: добитникот на „Златниот венец“, истакнатиот француски поет и драматург Жан Пјер Симеон, добитничката на „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, истакнатиот шведски поет Бенгт Берг, кој годинава ќе биде претставен и во рамките на едицијата „Плејади“, германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа, како и многу други странски и домашни поети.
„Мотото на годинешниот фестивал е ДОПИР НА УБАВИНАТА. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија. Но, исто така сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).
Култура
„Дедо мраз дојде со воз“: специјална новогодишна театарска претстава за деца на Железничка станица – Скопје
Училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“, заедно со Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници А.Д. Транспорт и оваа година ја продолжуваат успешната приказна што предизвика позитивни реакции кај илјадници посетители.
Интерактивната претстава ќе се одржува секој ден од 20 до 30 декември 2025 на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Публиката го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации:
– Музејската постановка на Македонски железници
– Театарска претстава во салон
– Посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот, истакнува организаторот.
„Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „ШПАНЕЦ“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата.
Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата“.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски, во кој се вклучени и 40 ученици од училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: Локомотива создадена далечната 1942 година, серија 33 и Вагон што е изработен 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70. години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „ШПАНЕЦ“ серија 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот.

