Култура
СДСМ: Колку чинат екскурзиите на Љутков во странство со цела свита?

Додека институциите на културата едвај преживуваат, а вработените и понатаму се без исплатени плати, министерот за култура Зоран Љутков, заедно со голема партиска свита, си организираа „дипломатска“ екскурзија во Јапонија, велат од СДСМ преку соопштение.
„Со него се и министерот Тимчо Муцунски со сопругата, генералниот секретар на Владата и уште неколку „културни авторитети“, наводно за поддршка на ансамблот Танец и „јакнење на културната соработка“.
Колку точно лица брои оваа луксузна делегација? Колку народни пари беа потрошени за патувањето во Осака,за авионски билети, сместување, дневници, протоколарни вечери, гардероба и подароци?
И што, всушност, ќе донесат назад во Македонија? Освен албум со селфиња, објави за „успешни средби“ и неколку звучни фрази за „интеркултурен дијалог“?
Врв на иронијата, организирале и изложба посветена на архитектот Кензо Танге, визионерот што го проектираше Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Истото Скопје кое ВМРО-ДПМНЕ, со истата оваа структура, го изобличи со стиропор и лажен барок преку проектот „Скопје 2014“.
Па кој има образ сега да го слави Кензо Танге, кога неговото дело беше грубо погазено со партиска стиропорна естетика и кич?
Граѓаните заслужуваат одговор: Колку ги чинат екскурзиите на Љутков, колку чини оваа парада? И дали културата е само алиби за туристички луксуз?“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Од јануари до јули годинава Македонија ја посетиле 730.793 туристи

За 10,2 проценти е зголемен бројот на туристите од јануари до јули годинава и нашата стратегија е Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост, порача од Крушево министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој присуствуваше на манифестацијата „Одржлива трансформација во туризмот“ за денешниот светски ден на туризмот.
-Од јануари до јули годинава Македонија ја посетиле 730.793 туристи, што претставува зголемување од 10.2 % во однос на истиот период минатата година. Кај странските туристи имаме значителен раст од 15.1 %, што ја потврдува позитивната динамика на меѓународниот интерес за Македонија како туристичка дестинација. Вкупниот број на ноќевања во овој период изнесува 1.750.979, што е зголемување од 5.5 % во споредба со претходната година. Најмногубројни се гостите од Турција, Србија, Полска и Холандија. Овие податоци јасно покажуваат дека Македонија станува сè поатрактивна туристичка дестинација, особено за странските пазари. Тоа е резултат на активните политики и промоции што ги спроведуваме, но и доказ дека туристичката слика на нашата земја се менува во позитивен правец, рече Љутков при обраќањето на манифестацијата во крушевскиот хотел „Панорама“.
Туризмот за Македонија е прашање од стратешко значење. Нашата географска положба – на крстопатот на Балканот, каде се сечат европските Коридори 8 и 10 – ни овозможува да бидеме транзитен центар, но и повеќе од тоа.
-Наша цел е патниците кои минуваат низ земјата да станат гости, а гостите да станат амбасадори на македонската култура, природа и гастрономија. Тоа е дел од нашата стратегија: Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост, порача министерот за култура и туризам Љоран Љутков.
На манифестацијата беа презентирани туристичките можности и капацитети на Крушево, а беа претставени и гастрононските специјалитети како уникатност на традицијата и на културата што привлекува посетители и туристи. Воедно, Крушево ги претстави и сите предности на природните ресурси за планински и алтернативен туризам.
Култура
15 издание на „100 Илјади поети за промена“ во Струмица

Во Струмица во сабота, 27 септември 2025 година ќе се одржи јубилејното 15. издание на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“. Програмата ќе биде реализирана во НУ Завод за заштита на спомениците од културата и Музеј – Струмица.
Со почеток во 19:30 часот најпрво ќе биде промовирана годинешната збирка „100 Илјади поети за промена“ и ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети, меѓу кои гостите од Унгарија, Словенија, Грција, Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Македонија, за потоа да продолжи во 21:30 во кафе бар „Нагоре“ со ретроспективна изложба на платаите од изминатите години и концерт на хип хоп составот „Пука козметика“
На конкурсот годинава конкурираа повеќе од 200 учесници.
Култура
МОБ: Почеток на сезоната со „Реквием“ од Моцарт на 3 октомври

Остануваат уште неколку дена до свеченото отворање на сезоната 2025/2026 во Македонската опера и балет со едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика – „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт, најавија од Националната опера и балет.
„Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина“, истакна организаторот.
Големата сцена на Македонската опера и балет, на 3 октомври, во 20 часот ќе оживее со енергијата на маестро Џанлука Мартиненги и магијата на солистите Биљана Јосифов, Николина Јаневска, Јане Дунимаглоски и Владимир Саздовски, придружени од хорот и оркестарот при МОБ.