Култура
Симфониски концерт за денот на вљубените „Париз те сакам“
 
																								
												
												
											
Следејќи ја традицијата, Македонската филхармонија и оваа година по повод Денот на вљубените ќе одржи атрактивен симфониски концерт.
Под наслов „Париз те сакам“, на 14 февруари (вторник) во Салонот на Македонската опера и балет во 20 часот, за љубителите на музиката ќе бидат изведени едни од најпознатите француски шансони кои ги испеаја славните грла како Едит Пјаф, Ив Монтан, Жо Дасин, Мишел Легранд, Салваторе Адамо…
Солистка на концертот е популарната унгарска џез-вокалистка Миртил, која е позната токму по уникатните изведби на француските шансони, како и по многу џез-проекти кои ги полнат европските сали на нејзините настапи. Наградуваната и харизматична уметница Миртил зад себе има богата дискографија на која претежно се наоѓаат познати џез-стандарди и соработки со врвни музичари.
Диригент на концертот е маестро Борјан Цанев, за оригиналните аранжмани се погрижи Емин Џијан, додека режијата е на Дејан Прошев. Концертот ќе биде збогатен и со присуство на македонскиот врвен актер Васил Зафирчев, кој овој пат ќе ја има улогата и на пејач, и кој музичката слика ќе ја надополни со поезија од истакнатиот француски поет Жак Превер.
„Годинава, нашиот традиционален концерт по повод Денот на вљубените, го нарековме ’Париз те сакам‘, затоа што тематиката е француската шансона. Велат дека францускиот јазик е јазик на љубовта и веројатно тоа ќе го потврдиме на 14 февруари“, рече директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ. Таа додаде дека вокалистката Миртил, која е позната во Европа и во светот, е мошне интересна уметница, бидејќи композициите ги интерпретира на еден специфичен начин. „Ова нема да биде обичен концерт, туку ќе биде магичен концерт!“, рече Чанаќевиќ./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
 
														Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
 
														Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
 
														На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.


 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											