Култура
Сиљановска Давкова со директорот на МНТ, Кимовски: разгледана тековната работа на театарот и подготовките за новата сезона
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Охрид го прими директорот на Македонскиот Народен Театар, Никола Кимовски.
На средбата претседателката беше информирана за тековната работа на МНТ и подготовките за новата сезона 2024/2025, која ќе биде означена во септември, со свечено отворање на летната сцена „Славиша Кајевски“.
Кимовски ја информираше претседателката Сиљановска Давкова за предвидената програма на настанот, кој ќе се одвива во периодот од 17 септември до 1 октомври и ќе опфати популарни театарски претстави и познати музички изведувачи од македонската сцена.
На средбата се разговараше и за престојниот јубилеј – 80 години МНТ, што ќе биде одбележан во 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот народен театар и Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, потпишаа меморандум за соработка
Директорот на Македонски народен театар, Никола Кимовски, заедно со еминентниот режисер, Дејан Пројковски, престојуваат во официјална посета во Унгарија, по повод потпишувањето на меморандумот за соработка со еден од најголемите и најзначајни театри во Европа – Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта.
Со овој договор Македонскиот народен театар и Националниот театар на Унгарија стануваат партнери кои што ќе реализираат заеднички проекти и размена на претстави од двата театри. Договорот вклучува реализирање и размена на претстави, уметници и идеи, како и зајакнување на соработката за нови театарски проекти.
Во рамките на оваа соработка, двете институции ќе организираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има за цел да ја зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји. Посебен акцент е ставен на поддршката на млади театарски уметници.
Со потпишување на оваа значајна соработка се поставува основа за заедничка работа и унапредување на културната размена, преку која ќе се создадат услови за продлабочување на соработката меѓу нашите две театарски институции.
Една од главните заложби ќе бидат и заедничките европски проекти, со цел преку нашата работа да создадеме нови естетски вредности и креативни искуства.
Како што истакна директорот, Никола Кимовски, веќе се договорени гостувања на МНТ во Будимпешта и гостување на Националниот театар (Nemzeti Színház) во Скопје. Исто така, тој истакна дека по повод јубилејот „80 години МНТ“, наш драг гостин ќе биде директорот на Националниот театар (Nemzeti Színház), Атила Видњански со неговите најблиски соработници.
Култура
Ева Ивановска од Делчево е автор на најдобрата беседа за 2025 година
Младата средношколка Ева Ивановска од Делчево е добитничка на престижната награда за најдобра беседа за 2025 година на Конкурсот за најдобра беседа на НУ „Григор Прличев“ од Охрид, годинава под наслов „Чувај се себеси“.
Таа во текот на вчерашниот ден со посебен примерок го докажа авторството и објасни дека е ученичка во четврти клас во гимназијата „Методи Митевски – Брицо“ .
-Посебно сум среќна и горда што ќе бидам дел од Прличевите беседи годинава, напиша Ивановска.
Наградата за најдобра беседа во вредност од 9000 денари и статуетка со ликот на Прличев на Ивановска ќе и’ биде бидат врачени на 6 февруари на манифестацијата „Прличеви беседи“ во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.
На Конкурсот, трет по ред и тоа на државно ниво имаа право да се пријават млади автори од 15 до 30 годишна возраст.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ традиционално е поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.
Култура
Соло концерт на пијанистката Анастасија Кочева
На 31 јануари, петок, во Културно информативниот центар – Салон 19’19, концерт ќе одржи пијанистката Анастасија Кочева. На програмата се дела од Франц Шуберт и Морис Равел.
Детална програма:
Франц Шуберт – Три композици за пијано (Franz Schubert – Drei Klavierstücke D 946)
Mорис Равел – Огледала (Maurice Ravel – Miroirs)
Анастасија Кочева (1997) е дел од новата генерација активни и надоаѓачки пијанисти на домашната сцена. Своето формално музичко образование го започнува на 7 годишна возраст а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на д-р Ана Гацева, каде дипломира и магистрира. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари.
Освен на класичната, таа е активна и на алтернативната и независна музичка сцена, создавајќи авторска електронска музика како и со учество во различни импровизациски формации. Минатата година го објави нејзиниот деби албум насловен „Тар“, во издание на „Стотројка“ – издавачка куќа зад која стои независното радио „Канал 103“.
Моментално работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.