Култура
„Собирачи на пердуви“ на Пројковски триумфира на фестивал во Србија
Претставата „Собирачи на пердуви“ (Skupljaci perja), во режија на Дејан Пројковски, a во продукција на Српско Народно Позориште од Нови Сад, ја освои првата награда на реномираниот Фестивал „Театар во тврдината“ во Смедерево. На овој традиционален фестивал кој се одржува веќе 11 години, публиката ги оценува претставите.
– Во сериозна конкуренција имаше пет претстави, а највисоката оценка (4,81) на годинешниот фестивал, на кој публиката имаше можност да ги искаже своите впечатоци од претставите што ги гледаше, со рејтинг и гласање, ја доби претставата „Собирачи на пердуви“ во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад, во режија на Дејан Пројковски, се вели во официјалното соопштение на Фестивалот.
Премиерата на претставата „Собирачи на пердуви“ се одржа во ноември минатата година во Нови Сад и важи за една од најголемите продукции во регионот, за која се бара карта повеќе.

„Собирачи на пердуви“ е по текст на Александар Петровиќ, по кој е снимен истоимениот култнен филм, добитник на Гран при на канскиот фестивал во 1967 година. Драматургијата и адаптацијата ја потпишува Сашо Димовски, сценограф е Валентин Светозарев а композитор е Оливер Јосифовски, кој музуката ја изведува во живо со извонреден оркестар на сцена. Во претставата играат 30 актери од СНП, меѓу кои и Марко Савиќ, Марта Береш, Милан Ковачевиќ, Александар Гајин, Јована Балашевиќи други.
– Повеќе од половина век подоцна, враќањето на „Собирачи на пердуви“ е враќање на реалноста на болката и радоста на слободата, убавината на френетичното живеење, автентичноста на животот, желбата и страста, смртта и еросот. Тоа е враќање на константа која, без разлика на промената на контекстот, останува иста. Нејзината суштина е отпорна на општествените промени и го претставува токму отпорот да се обликува во конвенциите на современиот свет: толку многу што создава свет доволен за себе. „Собирачи на пердуви“ е химна на слободата до која секогаш се доаѓа поради затворот пред сопствени очи, вели Пројковски.

Критиките и оцените кои ги доби претставата по премиерата се восхитувачки.
Па така, Милица Николиќ за претставата ќе напише:
„Одличната режија на Дејан Пројковски, маестралната глума и колоритната сценографија се феноменално заокружени со музиката (Бели Оли и Скупљачи перја оркестра), која не само што многу интензивно не воведува во целата приказна, туку и не држи во неа до самиот крај. Тоа е речиси од клучно значење во преведувањето на филмското платно на театарски јазик“.
Според Марко Радојичиќ претставата е театарски спектакл кој ги надминал сите очекувања и вели:
„За мене нема поголема радост од тоа кога ќе излезам од добра претстава полна со емоции и задоволство да ја гледам во целост. Безвременски текст на Аца Петровиќ во одлична адаптација на Сашо Димовски, маестрален ансамбл предводен од талентираните актерки Бојана Милановиќ и Марта Береш, но и од Марко Савиќ во главната улога, кој симпатично го долови ромскиот „крал на собирачите на пердуви“.

Ефективна сценографија на Валентин Светозарев и шармантните костими на Ивана Ристиќ и музика на Оливер Јосифовски кои го одбележаа секој сегмент од претставата!
И секако, сигурните режисерски способности на Дејан Пројковски да создаде театарска магија за нешто повеќе од два часа. Па, овој спектакл е толку добар што верувам дека ќе ја одбележи оваа (полу) сезона кај нас! Во чест на театарот кој ја промовира културата“
Инаку, на истиот фестивал во конкуренција беше и „Ричард III“ во режија на Пројковски, на Новосадскиот театар и истата се најде на второ место според освоените гласови од публиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

