Култура
Со гала оперски концерт на НОБ почна Скопско лето
 
																								
												
												
											Вчеравечер со гала оперски концерт на Националната опера и балет под диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, беше отворено 40. издание на фестивалот Скопско лето, кој традиционално почнува на првиот ден од летото 21 јуни – Светскиот ден на музиката.
На свеченото отворање на овој фестивал, присуствуваше и градоначалникот Шилегов, кој се обрати пред присутните.
,,Овој фестивал, кој повеќето од нас го сметаме за обележје на градот, веќе 40 години ги задоволува вкусовите на сите оние коишто останале во топлото Скопје.Организаторите на фестивалот и годинава во текот на 40 најтопли денови ќе се потрудат со богата програма којашто ќе содржи концерти, претстави, ликовни изложби, мултимедијални проекти, филмска програма, традиционалното кафе кино, како и програма и за најмладите, да ја задоволат естетските вкусови на сите генерации”, истакна Шилегов.

Тој додаде дека фестивалот преку избор на различни и необични локации како што се Матка, Марков манастир, Водно, Старата скопска чаршија, Калето, Кејот на Вардар, Градски парк, плоштадите низ градот, старите маала, како и на веќе познатите простори за уметничка интерпретација ја вади уметноста надвор од стандардните простори и ја прави подостапна за сите граѓани и трагачи по културниот туризам.
,,И годинава централното градско подрачје и други локации низ градот и во околината во вечерните часови ќе се претвораат во летни сцени на културата, а јас се надевам дека програмата којашто ја нудиме ќе ве привлече да дојдете и да уживате во палетата културни збиднувања”,рече Шилегов на отворањето на фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Култура
Виенски валцери и нем филм во КИЦ: мултимедијална вечер со Пламенка Трајковска посветена на Јохан Штраус
 
														Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска на 5 ноември во Културно-информативниот центар – Скопје ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“
Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм ‘Веселата војна’“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.
Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.

Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.
Концертот е во рамките на фестивалот фестивалот „Есенски музички свечености“.
На концертот ќе настапи гудачкиот квартет во состав: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.
Култура
Концерт на ансамблот „Македониум“ во КИЦ Белград
 
														Вечерва во 19 часот, КИЦ Белрад ќе биде домаќин и организатор на концерт на музичкиот ансамбл „Македониум“ од Белград, со наслов „На срце ми лежи, мила мамо“. И самиот наслов асоцира дека на вечерашнава програма ќе се најдат грст изворни и новосоздадени македонски песни, со кои ансамблот веќе повеќе од 10 години стекнува симпатии како меѓу публиката од македонската заедница во Србија, така и меѓу српската публика, каде и да настапува.
Концертот кој се организира во партнерство со Здружението на Македонците во Белград „Македониум“, ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а овој концерт е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Ансамблот „Македониум“ е основан во 2015 година, со цел да бидат сочувани, негувани и популаризирани старите македонски изворни песни, да се сочуваат и почитуваат старите обичаи, како и да се афирмираат песните од современото македонско музичко творештво.
Ансамблот има настапувано скоро на сите поголеми манифестации во рамките на македонската заедница во Србија, како што се „Деновите на македонска култура“ во Нови Сад, централните македонски прослави поврзани со нашите големи празници, како што традиционалните празнувања на Илинден во Јабука и Качарево, а ансамблот бил и претставник на Македонскиот национален совет во рамките на Саемот на националните малцинства во Белград, како и претставник на меѓународниот фестивал „Експлорес“.
Култура
„Фрида од Македонија“ со концерт на „Есенските музички свечености“
 
														В недела со почеток во 20 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт на женскиот хор „Фрида од Македонија“ насловен „Фрида Музикотерапија“, во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“.
Аматерски женски хор ФРИДА е формиран во октомври 2023 година. Основач, раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог. Хорот функционира во 2 секции/групи составени од по 60тина хористки аматери, со големо хорско искуство.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											