Култура
Со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија утре се затвора Скопско лето

Овогодишното 46-то издание на фестивалот „Скопско лето“ свечено ќе се затвори со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“, кој ќе се одржи утре – 30.07.2025г. (среда) со почеток во 20:30 часот, во Сули ан.
Диригент: Иван Еминовиќ
Програма:
А. Вивалди – Четири годишни времиња
А. Пјацола – Четири годишни времиња
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ е основан пред повеќе од 35 години, како прв сегмент на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија во 1986 година. Составен е од студенти на Факултетот за музичка уметност од Скопје, но во него често може да се сретнат и млади музичари од други земји. Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија со своето музицирање во сиот овој период се наметна како изведувачки состав со високо професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле значајни имиња од македонската музичка сцена: Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, но и познати странски диригенти како: Арилд Ремерајт, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и други. Оркестарот е и добитник на национални награди и признанија.
Билетите се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и на влез на Сули ан, пред почетокот на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Премиера на „Смртта на еден човек на Балканот“ во Домот на културата во Кавадарци

Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, вечерва, со почеток од 20 часот, премиерно ќе ја одигра претставата „Смртта на еден човек на Балканот“, работена според текст на Мирослав Марјановиќ. Преводот, адаптацијата и режијата се на Александар Малинков
Претставата е црна комедија која ја истражува рамнодушноста и апсурдот на современото општество преку приказната за човек кој извршува самоубиство во својот стан. Наместо сочуство, настанот предизвикува… Проверете сами и уживајте!
Играат: Диме Коцевски, Видан Станоев, Диме Боцев, Сузана Димова, Елена Илова, Благица Боцева, Сашко Орешков, Никола Колев Зезо, Томе Атанасов, Петар Јованов, Драган Кабранов, Александар Видиков, Цветанка Прочков, Слободан Прочков и Александар Малинков.
Камера/тон/светло – Пепи Ангелов; Инспициент – Марјан Тодоровски; Сценска изведба – Тони Туриманџов; Соработник на сценографија/плакат – Билјана Соколова Тодоровска; Гардеробер/реквизитер – Благица Илиева.
Првите репризи се закажани за 29 и 30 октомври 2025 од 20 часот. Во меѓувреме, претставата доби покана за учество на In Vinica Veritas, кој традиционално се оддржува секоја година во Виница. Пред фестивалската публика во Виница, кавадаречкиот Театар со претствата “Смртта на еден човек на Балканот“ ќе настапи во сабота, на 25 октомври 2025.
Култура
Премиера на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II

На 25 октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот, на големата сцена на Националната опера и балет ќе се одржи премиерата на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II. Втората изведба на оперетата е закажана за 28 октомври, 20.00 часот.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска, Драган Ампов(25.10.)/Кристијан Антовски(28.10.), Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Избран изведувач за изградба на Универзална сала

Министерството за култура и туризам информира дека е завршена постапката за избор на изведувач за реализација на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје. Во саботата беше донесена Одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер на објект Универзална сала во Скопје – по принцип на изградба Клуч на рака“.
По завршување на законските рокови за доделување на договорот, ќе биде потпишан договорот за изведба, а по исполнување на сите потребни предуслови за почеток на градба и воведување на изведувачот во работа, ќе следи официјалното започнување на градежните активности.
Рокот за реализација на проектот е предвиден до декември 2027 година. Набавката се реализира по принципот Клуч на рака, што значи дека во предвидениот рок објектот ќе биде целосно изграден, уреден и подготвен за користење, односно за одржување на концерти, настани и други културни содржини.
Потсетуваме дека, по преземањето на објектот на Универзална сала од Градот Скопје, а особено по настанатиот пожар, Министерството за култура и туризам спроведе низа активности со цел успешна реализација на проектот за нејзина реконструкција.
Како дел од овие активности, Министерството преку измени и дополнувања на проектната документација преземена од Градот Скопје, обезбеди целосно нова проектна документација на ниво на основен проект за реконструкција на Универзална сала.
Овој проект беше претставен пред македонската јавност, а со неговата реализација ќе се зачува споменот и колективната меморија за објектот, а воедно ќе му се даде и нов, современ и повеќенаменски карактер.
Манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ покрај во останатите објекти од областа на културата во градот ќе се одвива и во обновената Универзална сала, која повторно ќе стане едно од омилените места за културни настани и собири на граѓаните.