Култура
Со промоција на зборникот „Шопов на 11 јазици“ завршува 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ
Денес, во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), ќе биде промовиран зборникот „Шопов на 11 јазици“, кој го објави УКИМ. Станува збор за единствен зборник од ваков формат, во кој се објавени преводи на песни од великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, на толку јазици, со вклученост на поголем број странски македонисти, познавачи на македонскиот јазик, литература и култура.
Конкретно, зборникот е произлезен од Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, која се одржа во јануари годинава како прва активност во рамките на националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“. Преводите објавени во него се на учесниците на Зимската школа од групата по литература, подготвени во текот на Школата и во периодот непосредно по нејзиното завршување, а со неколку преводи се вклучени и уште неколку странски македонисти, кои по завршување на Школата, изразија желба и подготвеност да остварат влог во вакво значајно издание.
Промоцијата на „Шопов на 11 јазици“ ќе се одржи со почеток во 19 часот во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Помотори ќе бидат директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и ас м-р Иван Антоновски, кој ја водеше лекторската настава по литература на Третата зимска школа, од која произлезе зборникот. За искуството од работата при преведувањето на поезијата на Ацо Шопов на настанот ќе зборуваат: проф. д-р Намита Субиото од Словенија, д-р Кристина Дуфкова од Чешката Република и Билјана Петковиќ од Србија, кои учествуваа на Третата зимска школа и се дел од странските македонисти, чии преводи се објавени во зборникот, а се учесници и на оваа 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.
Во зборникот се објавени преводи на песни од Шопов, кои досега не биле преведени на конкретните јазици, како и преводи на песни за кои странските македонисти имаат проценето дека е потребно да се објават во нов превод на нивните јазици. Изданието содржи и импресии на странските семинаристи – автори на преводите, за поезијата на Ацо Шопов.
Ова е трет зборник на преводи објавен од МСМЈЛК при УКИМ, а втор од ваков обем и формат по зборникот „Конески на 11 јазици“ објавен во 2021 година, кога се чествуваше 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.
Зборникот „Шопов на 11 јазици“ веќе е достапен и во електронски формат на веб-страницата на УКИМ: https://www.ukim.edu.mk/dokumenti_m/Zbornik_Ssopov_na_11_jazici.pdf
Со оваа промоција се заокружуваат активностите на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ. Утре ќе се одржат последните лекторски часови и затворањето на Школата со врачување уверенија на семинаристите.
В петок, 1 септември, активностите на МСМЈЛК при УКИМ продолжуваат со јубилејната 50. Меѓународна научна конференција, која традиционално ќе се одржи во Охрид. Ова издание на конференцијата, која е единствен научен собир во регионот посветен на јазик, национална литература и култура со толкава традиција на непрекинато одржување секоја година и толкав број објавени зборници, ќе биде посветено токму на творештвото на Шопов по повод значајниот јубилеј и на Крсте Мисирков по повод јубилејот 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“.
Оваа 56. Летна школа и претстојната 50. Меѓународна научна конференција, исто како и Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, се дел и од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

