Култура
Со промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“ се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“
Промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“ ќе се одржи во националната галерија „Мала станица“ на 24 септември со почеток во 19 часот. Со овој настан се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, којашто беше отворена на 3 септември, годинава.
Уредници на брошурата „Прекарно за почетници“ се Виолета Качакова и Ивана Васева, лектурата и преводот се на Невенка Николиќ, графичкиот дизајн и илустрациите се на Немања Трајковиќ, а продукцијата на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).
– Оваа публикација „Прекарно за почетници“ се однесува на сите независни уметници, културни работници и оние што раководат со мали уметнички и културни субјекти, кои работат во сферата на субвенционираната култура, која има ограничени ресурси. Во оваа средина, индивидуализацијата и конкуренцијата се главните параметри на доминантниот капиталистичкиот начин на производство, кој е доминантен, а и институционалниот и вонинституционалниот сектор се потопени и потчинети на таа логика. Како резултат на тоа, преовладуваат лошите услови за работа, несигурноста на работата и недостатокот на социјална заштита. Публикацијата ги разгледува работничките права на независните уметници и културните работници, како и напорите за подобрување на нивните услови. Ги истражува овие прашања во поширок контекст на културните политики на земјата, кои ги обликуваат севкупните работни услови во вонинституционалниот културен сектор – објаснуваат организаторите.
![]()
Промовирана ќе биде и публикацијата „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“, која е резултат на двегодишна соработка во рамките на платформата „Острови на сродство“ (Islands of Kinship), која поврзува шест визуелни уметнички институции од различни региони во Европа (Прага, Братислава, Битола/Скопје, Келн, Хелсинки, Рига).
– Во оваа публикација група куратори, уметници и експерти, вклучени во нивните организации како координатори за инклузија и одржливост, размислуваат за социјалната и еколошката одговорност во уметничката и институционалната практика од теоретски, политички и практични перспективи. Публикацијата содржи и уметнички проекти што беа претставени на изложби и јавни програми во рамките на „Острови на сродството“ – велат организаторите.
Со промоциите се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ на која заземат учество десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена: селма баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнхамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.
„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ е во рамки на „19. АКТО фестивал за современи уметности“. Изложбата е поддржана и од Националната стратегија за ревитализација на Чешка (Chech recovery plan).
Досега „АКТО“ одржа целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во Битола во партнерска соработка со платформата „СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ“; серијата на мурали низ Македонија, односно на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на објектот на Националната установа Центар за Култура (НУЦК) „Марко Цепенков“ во Прилеп и два мурали на зградите на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје; и меѓународната изложба и јавна програма „Куќата што се распаѓа“ во Музеј на Македонија во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“.
До крајот на годината во рамки на фестивалот „АКТО“ предвидени се уште неколку настани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

