Култура
Со спектакуларен настап на светски познатиот виолинист, Џулијан Рахлин, и Македонската филхармонија отворен е фестивалот „Охридско лето“
Литванскиот виолинист со светско реноме Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија вчеравечер на Античкиот театар приредија незаборавна вечер за публиката на „Охридско лето“ отворајќи го 64. фестивалско издание.
Претседателката на државава Гордана Сиљановска -Давкова која е и покровител на фестивалот, прогласувајќи го за отворен, рече дека градот Охрид, покрај тоа што е природен споменик, пред повеќе од шеесет години, токму со раѓањето на фестивалот доби и културен споменик.
-Сведоци сме на богата програмска историја, плејада врвни уметници, бројни заслужени плакети за разбирање и соработка, дружење со посветени мисионери на културата. Колку ли национални уметнички вечери се одржале, колку ли музички и театарски кариери се крунисале? Колку ли слушатели и гледачи се израдувале? Колку ли срца се скршиле? Колку ли френетични аплаузи одекнувале, потсети претседателката Сиљановска-Давкова.
![]()
Уметноста, додаде претседателката Сиљановска-Давкова, е близначка на духовната слобода.
– Во музиката и во играта се вградени личната и колективната тага и радост, стремежот и надежта. Тука се изворот и причината за нашата страст кон пеењето и играњето. Уметноста е трезор на индивидуалната, но и на колективната меморија, влог во сегашноста, но и во иднината, рече Сиљановска-Давкова.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека една од главните карактеристики на модерното општество е неговатата идентификација преку културата и токму затоа, како што појасни, трајните вредности и посветената грижа за нив, претставуваат врвен интерес на новата влада и на министерството за култура и туризам.
-Овој фестивал претставува временска верига на високи уметнички вредности што се создаваат овде и само овде, во древниот Охрид. Тој како никое друго место на светот, умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нѐ поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечната уметност. Убеден сум, дека и годинава заеднички ќе посведочиме настани, кои пред македонската публика, ќе ги принесат највредните дарови: од умешноста на зборот да се искова бесмртност, од музичкиот израз да се долови вонвременоста, а на сцената да се одигра вечната игра на животот. Градот Охрид и фестивалот „Охридско лето“, беа и остануваат епицентар на македонската култура во кој децении наназад се испреплетуваат илјадници културни збиднувања и настани.Тие се најдобра потврда за нашиот чекор со актуелните европски и светски трендови, кои подразбираат континуитет на квалитетна продукција и интензивна творечка енергија која уметниците ја разменуваат со публиката, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
![]()
Уметничката порака годинава од сцената на Античкиот театар ја пренесе Владимир Костов, еден од најпознатите и најдобрите македонски виолинисти кој нагласи дека фестивалот „Охридско лето“ повеќе од шест децении ја рефлектира вечната борба за промоција на вистински вредности преку деликатен избор на најдобрите уметници кои на древните сцени во Охрид, секоја година го реинкарнираат духот на уметноста во неговата највозвишена форма.
-Креативност не значи да бидеш различен, ниту комплексен. Креативност значи да бидеш едноставен како Бах, восхитувачки едноставен во лавиринтот на комплексната звучна полифонија. Справувајќи се со комплексноста на современиот свет, да не ја заборавиме важноста на уметноста во нашите животи. Да ги поддржуваме и славиме уметниците, да инвестираме во уметничката едукацијата и да бидеме сигурни дека уметноста ќе остане длабоко интегрирана во нашето општество.Токму затоа е важно да ја препознаеме нејзината сила и да ја поттикнеме преку цврсто изграден систем на вредности да ја шири својата есенција, да едуцира, да создава здрав звучен амбиент кој ќе му пркоси на шундот и кичот, порача виолинистот Костов.

Шеесет и четвртото „Охридско лето“, по традиција беше отворено со интонирање на фестивалската химна напишана од композиторот Томислав Зографски и со палење на фестивалскиот оган.
До 20. август, љубителите на културата ќе уживаат во 36 уметнички настани, од кои 25 од областа на класичната музика, шест извонредни театарски претстави, едно стенд-ап шоу, и по една изложба и промоција на книга. Роденденскиот концерт годинава му е отстапен на салса ансамблот „Меркадонегро“, а во дополнителната програмата ќе настапи македонскиот виртуоз на гитара со светско реноме, Влатко Стефановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

