Култура
Со традиционалното читање на „Т’га за југ“ утревечер свечено ќе се отворат „Струшките вечери на поезијата“
Со традиционално читање на „Т’га за југ“ и палењето на поетскиот оган утревечер свечено ќе биде отворено 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, коешто ќе се случува на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ со почеток во 20 часот.
Меѓутоа, фестивалските настани ќе почнат точно напладне во Паркот на поезијата со садење дрво во чест на годинешниот лауреат и добитник на „Златниот венец“, македонскиот поет Влада Урошевиќ.
Фестивалот, кој ќе трае до 28 август, ќе се одржи под мотото „Чувствотворен јазик“.
Оваа година главните поетски читања ќе ги предводат повеќе од 25 странски и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.
Во рамки на програмата ќе се одржи поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен венец“, Влада Урошевиќ. Настанот ќе биде на 26 август во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид.
Пред поетскиот портрет на Урошевиќ, во црквата „Св. Софија“ ќе се одржи свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, кој бил и претседател на првиот фестивалски одбор.
Чествувањето на Шопов ќе продолжи со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот. Ќе бидат промовирани и негови преведени изданија на неколку јазици.
Годинешната програма предвидува и портрети на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски.
Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.
По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на прогрмата на СВП ќе биде отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.
Од СВП најавија и Тркалезна маса на тема „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“.
Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и филозоф Иван Џепароски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Цуцковски: Заедно со новите селектори ќе создадеме врвна уметничката програма на Охридско лето
Симона Ѓорчева, музички менаџер и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и драмскиот дел од програмата на НУ „Охридско лето“.
Директорот Ѓорѓи Цуцковски најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма. Вели дека ќе се залага да се искористи високиот уметнички кадар од Европа а ангажманот на Симона Ѓорчева во Македонија е прв пример за тоа. Според него нејзиниот придонес ќе биде од огромно значење во создавањето на една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековна традиција на Фестивалот.
„Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесиме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика“, вели Цуцковски.
Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.
Годинава од 12 јули до 20 август ќе се одржи 65 фестивалско издание на „Охридско лето“.
Култура
Промоција на книгата „Гледна точка” на Јани Бојаџи
На 21 јануари, вторник, со почеток од 19 часот, во Кинотека на Македонија, ќе биде промовирана книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски режисер, продуцент и сценарист.
„Дали навистина сум таков во текот на работа на сет или пак можеби не сосема? Со нетрпение чекам да видам дали е така како што сум пишувал?“, вели Бојаџи во најавата за промоцијата на книгата.
Водител на настанот ќе биде Александар Русјаков, а искуства ќе споделат и неколку актери, директори на фотографија и монтажери, соработници на Бојаџи.
Авторот најавува и специјално изненадување за сите кои ќе дојдат на промоцијата и ќе бидат дел од забавата. Ќе биде покажан трејлер од долгочекуваниот нов проект „Утре наутро“!
Книгата „Гледна точка“ навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн. Но, она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми кои влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“ – д-р. А. Чуповски
Јани Бојаџи е познат македонски режисер, продуцент и сценарист, кој зад себе има повеќе од десетици филмски и телевизиски проекти. Тој е доктор на науки, професор по филмска и телевизиска режија на Интернационален Универзитет Europa PRIMA и од 2019 година, е директор на Телевизија Алфа. Во 2013 година, се вработил во Канал 5, каде бил режисер, сценарист и извршен продуцент на серијалот „Македонски народни приказни“ и играни и документарни филмови, каде работел до 2017 година. Во март 2023 година, Бојаџи станува основач на платформата „Кинемое” која е наменета за македонска продукција за филмови и серии. Тој е директор на Фестивалот „Преку езерото“, кој се одржува еднаш годишно во Дојран од 2023 година. Бојаџи, има напишано повеќе од 50 колумни за весникот „Нова Македонија“, за театар и филм.
Тој им се заблагодарува на сите кои биле причина и инспирација да го создаде ова авторско дело од триста и кусур страници пишувани со љубов и страст кон филмот и уметноста на екранот, во безмалку три, за, како што вели, многу лути и многу слатки години, во исто време.
Култура
„Глумците пеат“ на сцената на МНТ
На 8 април, со почеток во 20:30 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, ќе се спојат музиката и театарот, во уникатното шоу Глумците Пеат. Организаторите најавуваат вечер исполнета со хумор, енергија и незаборавни изведби, а публиката ќе има можност да ужива во музички точки кои носат дух на едно гламурозно време.
На Глумците Пеат ќе настапат триесетина врвни актери од сите генерации, придружувани од биг-бенд составен од извонредни музичари. Режијата е на Дејан Пројковски, музичките аранжмани на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а под диригентската палка на маестро Љупчо Мирковски.
-Годинава сме инспирирани од филмската уметност и ќе ја исполниме сцената со ритам, страст и хумор, но детали ќе откриеме наскоро. Глумците Пеат е единствена независна продукција од ваков обем, каде сè почнува од празен лист хартија и сé се создава од нула. Се осмислува тема, се пишува сценарио, се подготвуваат аранжмани, и внимателно се избираат актерите и соработниците. Ова е продукција што бара темелна и прецизна подготовка, изјави организаторот.
Творец на шоуто Глумците Пеат е починатиот актер Марин Бабиќ, кој заедно со своите колеги во 1992 година сакал да покаже дека глумците, покрај тоа што глумат, знаат и одлично да пеат. Ова шоу се прави во чест на Светскиот ден на театарот, празник кој ги слави креативноста, слободниот дух и заедништвото помеѓу глумците.
Картите за овој единствен настан можат да се набават на билетарницата на МНТ и онлајн преку официјалната веб-страница на театарот. Местата се ограничени, па организаторите препорачуваат публиката да ги обезбеди своите карти навреме.