Култура
Српска вечер на Охридско лето-Врвно естетско доживување со виртуозот Миленковиќ и камерниот оркестар „Камерата Нови Сад“
Врвно естетско доживување приредија за бројната публика на „Охридско лето“ виртуозот на виолина со светско реноме Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Камерата Нови Сад“ од Србија вчеравечер на Долни Сарај во рамките на Српската вечер на фестивалот.
Српската вечер ја отворија директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ и министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ.
Како што истакна директорката Поповиќ, „Охридско лето“ е предизвик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува, како што рече, токму благодарение на поддршката што ја добива од Министерството за култура, од спонзорите и помагателите, но и од амбасадите во Република Северна Македонија преку кои успева да донесе плејада славни и реномирани уметници.
„Како директор, и вечерва сум горда што токму тука, на најубавата сцена, благодарение на Српската Амбасада во Република Северна Македонија ги имаме најголемите светски уметници кои ќе ја надополнат врвната уметничка вредност што ја негуваме со години. „Охридско лето“ со вечерашниот концерт „Кармина Бурана“ со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и ансамблот „Камерата Нови Сад“, ќе понуди уникатност, совршенство и магичен амбиент. Во надеж дека нашата соработка ќе продолжи и следните години и заедно ќе ја градиме богатата културна традиција на „Охридско лето“ Ви изразувам искрена и огромна благодарност за поддршката која ни дава уште поголем мотив да ја негуваме љубовта кон уметноста но и да го градиме патот кон поголем културен развој, рече директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Српскиот министер за надворешни работи , Никола Селаковиќ обраќајќи се во име на Владата на Република Србија и министерството на чие чело е тој, рече дека Охрид и „Охридско лето“ ги запознал пред 19 години кога како студент по право избегнувајќи ги летните белградски горештини дошол во Охрид и се нашол помеѓу публиката на фестивалот токму на Долни Сарај.
„Тогаш се родија и многу пријателства и кумства. Горд сум што вечерва ѝ се вратив на љубовта од младоста, а тоа се секако Охрид и „Охридско лето“. Овој фестивал ја слави културата, а културата не е култура ако зад неа не стои јазикот“, рече Селаковиќ, кој своето обраќање го продолжи на македонски јазик.
Тој изрази посебна благодарност за организацијата на Српската вечер што ја организира фестивалот „Охридско лето“.
„Задоволството е дотолку поголемо што музичката уметност на Република Србија која има долга и богата традиција вечерва ќе ја претстави нашиот прославен виолинист Стефан Миленковиќ. Стефан е уметник од светска класа кому не му е потребен посебен вовед и чии настапи ширум светот ги воодушевуваат љубителите на музиката. Покрај него, годинава на фестивалската програма од Република Србија ќе настапат и балетскиот оркестар на Српскиот Народен театар од Нови Сад, пијанистот Александар Џермановиќ и виолончелистката Ирена Јосифоска, како и Народниот театар од Белград и Југословенскиот драмски театар со претставите „ Војна и мир“ и „Вујко Вања“, истакна српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, најавувајќи го денешното отворање на Почесниот конзулат на Република Србија во Охрид.
Виолинистот Стефан Миленковиќ кој ужива светска слава, е поврзан со Охрид уште од мали нозе и секогаш, како што вели, се враќа со огромно задоволство.
„И приватниот и уметничкиот живот ми е исполнет со спомени од Охрид. Мојот прв концерт во Охрид беше кога имав 7 години и оттогаш многу пати сум бил во Охрид кој е неизбришлив дел од мојата лична и уметничка историја“, кажа српскиот виртуоз со светско реноме Стефан Миленковиќ.
Српските уметници кои настапија синоќа на Српската вечер на „Охридско лето“, Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Камерата Нови Сад“ го изведоа атрактивниот проект „Кармина Бурана“ на музика од Карл Орф, а во режија на Ана Крстајиќ. Тие нѐ потсетија на творечкиот артизам на таткото на американската класична музика Џорџ Гершвин, изведувајќи ги неговите „Три Прелудиуми“, а ги отсвирија композицијата „Лето“ од Астор Пјацола, соодветна за летниот амбиент под ведрото небо над Долни Сарај, како и „Боемската рапсодија“ на Фреди Меркјури и групата „Квин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.
Култура
Објавена книгата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска
„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата од областа на теоријата на литературата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Во првиот (воведен) дел од овој труд авторката ја третира теоријата на романот, почнувајќи од историскиот развој до постмодерните и метафикциските парадигми. Се задржува на дефинирање на романот и неговото место во книжевната теорија, видовите и типологии на роман, теориските дијалози со романот и на концептите на фикцијата и метафикцијата.
Во вториот дел пишува за дескрипциите и моделите на македонски романи на преминот од ХХ во XXI век, осврнувајќи се на македонскиот роман и неговата класификација и на дескрипцијата на македонски романи во овој период. Потоа, во најобемниот дел од овој труд, се задржува на дескрипција на неколку романи, и тоа: „Нишан“ од Блаже Миневски, „Скриена камера“ од Лидија Димковска, „Братот“ од Димитар Башевски, „Тунел“ од Петре М. Андреевски, „Опишувач“ од Ермис Лафазановски, „Пророкот од Дискантрија“ од Драги Михајловски и „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски.
– Романот е најинтересната проза за читање. Содржи доволно настани и ликови со кои како читател може во секое време да си направите дијалог, а во романот секогаш има доволно материјал за промисла и размисла. Македонскиот роман ги има токму овие карактеристики и можности за дијалог. Тој е тематско-мотивски разнообразен, од женски приказни одгледани во патријархално семејство и осудени од јавноста (`Тунел`), преку општествено неодговорни функционери и братска љубомора („Братот“), до потресни патишта за човечка, женска љубовна нереализираност и потиснатост под налетот на доминантниот брат („Сестрата на Сигмунд Фројд“), како и историски и верски теми завиткани во лични приказни („Пророкот од Дискантрија“), игри и дијалог со писателскиот занает и современиот свет во кој сите сè гледаат и слушаат („Скриена камера“ и „Опишувач“) или пак продуцираат реалност која е лажна и постои само во свеста на ликот („Нишан“). Тематска разнообразност беше едниот поттик за анализа, а вториот поттик беше разнообразноста во начинот на конструирањето на приказните. Првата деценија од веков беше само временската одредница во која сакавме да истражиме како се движи уметничкиот збор во романот. Се обидовме да покажеме чувствителност за различните автори и нивните поетики, да ги коментираме некои од слоевите во дискурсите, да ги обединиме во смисловна целина, во која постмодернистичкиот пристап им е доминантен, задржувајќи критичка дистанца и научна мерка – пишува Марина Димитриева-Ѓорѓиевска за овој свој труд
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска ( 1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).

