Култура
Стефан Миленковиќ и „Профундис“ најавуваат ексклузивен концерт во Скопје

Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиоткамерен оркестар „Профундис“ на 20 септември ќе приредат ексклузивен концерт во големата сала на Македонската филхармонија. Со почеток во 20 часот ова музичко доживување ветува вечер исполнета со врвна уметност и незаборавни емоции, донесени од еден од најистакнатите виолинисти на нашето време.
Виртуозниот Стефан Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали во светот, а неговата изведба е позната по својата длабочина, но и прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера тој е добитник на многубројни награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за уметник на векот, најхумана личност и личност на годината и е еден од најпознатите српски уметници што гради кариера на сцените во светот.
„Поминаа повеќе од 5 години од мојот последен концерт, па затоа со нетрпение чекам да се видиме во Скопје, град што има прекрасна публика и каде што имам многу пријатели!“, изјави тој како најава за претстојниот концерт.
На сцената Миленковиќ ќе биде придружуван од камерниот оркестар „Профундис“, познат по својата уникатност, виртуозна музикалност и креативност во настапите, што ги прави еден од водечките камерни оркестри како во Македонија така и во регионот.
„Чест е да го имаме Стефан Миленковиќ како дел од нашата програма оваа сезона. Неговата виртуозност и страст кон музиката совршено се вклопуваат со уметничките стандарди на нашиот оркестар, а верувам дека публиката ќе ужива во еден од најдобрите концерти оваа година!“, изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар „Профундис“.
Инаку, Миленковиќ со својата кариера почнал на шест години одржувајќи повеќе од 1,000 концерти пред да наполни 16 години. На 10 години настапува пред претседателот на САД, Роналд Реган, на божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле II. На 16 години го свири својот 1.000-ти концерт во Монтереј, Мексико, а на 17 годишна возраст веќе има победено голем број натпревари за млади виолинисти.
На програмата ќе бидат изведени дела од П. И. Чајковски, Н. Паганини, К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и П. Сарасате ветувајќи музичка вечер проткаена со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Стефан Миленковиќ и „Профундис“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Доделена Нобеловата награда за литература

Нобеловата награда за литература денес му беше доделена на Ласло Краснахоркаи, објави Кралската шведска академија на науките.
Нобеловата награда за литература се доделува на писател од која било земја кој, според зборовите на тестаментот на Алфред Нобел, создал „најдобро дело со идеалистички тенденции во областа на литературата“.
Унгарскиот писател Ласло Краснахоркаи е прогласен за 121-ви добитник на најпрестижната награда во светот во областа на литературата, беше објавено на денешната прес-конференција, што ја одржа секретарот на Шведската академија.
Нобеловата награда за литература е основана во 1901 година, а првиот лауреат е француската писателка Селин Придро. Оттогаш, оваа престижна награда е доделена на вкупно 121 автор, вклучувајќи 103 мажи и 18 жени.
Најмладиот добитник беше британскиот автор Џозеф Радјард Киплинг, кој ја доби наградата во 1907 година на 41-годишна возраст. Најстарата добитничка беше Дорис Лесинг, која имаше 88 години кога ја доби наградата во 2007 година.
Франција се издвојува како земја со најголем број добитници на Нобелова награда за литература – 16 автори од оваа земја ја освоиле престижната награда. Германија е следна со 14 добитници, додека најзастапени автори се оние кои пишуваат на англиски јазик – вкупно 29. Во историјата на наградата, само двајца писатели одбиле да ја примат: Борис Пастернак (1958) и Жан-Пол Сартр (1964).
Во 2023 година, наградата ја освои јужнокорејскиот автор Хан Канг, додека претходната година лауреат беше норвешкиот автор Јун Фосе.
Добитникот на Нобеловата награда за литература, покрај златниот медал, добива и парична награда од 11 милиони шведски круни, што е нешто повеќе од еден милион долари. Оваа година, честа и износот гордо ги носеше Ласло Краснахоркаи.
Краснахоркаи, кој има 71 година, е познат по романите со силно изразени филозофски и дистописки теми, како што се „Сатантанго“ и „Меланхолијата на отпорот“. Тој веќе е награден со меѓународни награди, вклучувајќи ја Меѓународната награда Букер (2015) и Националната награда на САД за преведена литература (2019).
Фото: ЕПА
Култура
Денови на словенечки филм од 9 до 11 октомври во Кинотеката

Од 9 до 11 октомври 2025 година, македонската публика ќе има можност да ги погледне три понови словенечки филмови на Деновите на словенечки филм во Кинотека.
Фестивалот ќе биде отворен во четврток, на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања, во реимагинација на „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини: во привидно совршено словенечко „nouveau riche“ семејство влегува Жулиен, син од претходен брак, чија присутност го нарушува кревкиот семеен баланс и ги открива пукнатините под внимателно негуваната фасада.
„Филмот започнува како општествена сатира, преку која ги истражуваме современите проблеми, но како што се откриваат слоевите, приказната преминува во истражување на човечката состојба,“ вели Соња Просенц.
Во главните улоги настапуваат: Марко Мандиќ, Катарина Стегнар, Алиоша Шнајдер, Мила Безјак, Јудита Франковиќ Брдар и Јуре Хенигман.
Соња Просенц со својот дебитантски филм „Дрвото“ (2014) гостуваше на повеќе од 50 филмски фестивали низ светот. Нејзиниот втор долгометражен филм „Историја на љубовта“ (2018) доби специјално признание од жирито во Карлови Вари, со што таа стана првата словенечка режисерка наградена во главната програма на фестивал од А категорија. „Спасение за почетници“ имаше светска премиера на фестивалот во Трајбека.
Филмот е копродукција меѓу Словенија, Италија, Норвешка и Србија, а е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Виба филм и РТВ Словенија. Продуцент е MonoO.
Во петок, 10 октомври, ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник.
Ова акциско-авантуристичко дело ја следи група млади скејтери кои се борат да го спасат своето маалско игралиште. Кога 12-годишната Алма дознава дека фирмата на нејзиниот татко ќе го урне игралиштето, таа мора да се здружи со својата најголема ривалка и нејзината екипа за да го одбранат просторот. Тие имаат само една недела.
„Со филмот сакам да им ја приближам на децата убавината на играта на отворено и дружбата со врсници, и да им пратам порака дека никогаш не треба да се откажуваат – заедно можеме да направиме промени и да градиме подобра иднина,“ вели режисерот.
Во филмот настапуваат млади актери: Каја Забрет, Каја Шуштар, Нико Лемарк, Јури Фридерих, Давид Тронтељ, Марк Џејкоб Каваца, и професионални актери како Марко Мандиќ, Грегор Зорц, Сања Павчек, Аленка Крајгер и други.
Филмот е создаден во продукција на A Atalanta, во копродукција меѓу Словенија, Србија, Хрватска и Чешка, со поддршка од РТВ Словенија.
Клемен Дворник е активен во аудиовизуелната индустрија и работел на реклами, видеа, настани, телевизиски серии и филмови. Тој е познат и по популарната словенечка серија „Језеро“ (2019), премиерно прикажана на фестивалот во Сараево. За своето дело е добитник на повеќе награди.
„Игралиштето не го даваме!“ имаше премиера на фестивалот во Локарно и освои 12 награди, вклучувајќи ја и Златната ролна во Словенија, бидејќи филмот го гледале над 25.000 гледачи.
Завршната вечер, сабота, 11 октомври, е резервирана за најновиот документарен филм „Планината не оди никаде“ (2025), во режија на Петра Селишкар. Филмот премиерно беше прикажан во август во Скопје, на фестивалот Македокс, токму во периодот коха и се прикажуваше и во словенечките кина. Досега има освоено две меѓународни награди.
Далеку во македонските планини, меѓу стадо од 600 овци чувани од големи кучиња, се наоѓа засолниште. Таму одекнува детски смеа. Тоа се браќа, на возраст од осум до дваесет години. Слободното време го минуваат во игра и разговори за животот. Каква иднина ги чека?
„Децата живеат во импровизирани колиби со овците и кучињата, во селото се враќаат можеби пет пати годишно. Тие се едноставни луѓе на земјата – не се водени од пари, туку живеат полнокрвно и во хармонија со сите. Тоа е затоа што отсекогаш го знаеле само тој начин на живот – го наследиле од генерации овчари пред нив. Толку чисти и искрени души се ретки,“ вели Селишкар.
Петра Селишкар е режисерка, сценаристка и продуцентка. Во 2003 година ја основа продукциската куќа Petra Pan Film, специјализирана за креативни документарци. Таа ги режираше и филмовите: „Бабите на револуцијата“ (2006), „Мама Европа“ (2013), „Мојот наопаку свет“ (2016) и „Телото“ (2023).
„Планината не оди никаде“ имаше светска премиера на фестивалот Visions du Réel во швајцарскиот град Нијон. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Франција и Македонија.
Култура
Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и балет

На 10 октомври со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од најубавите музички драми во оперската литература „Риголето“ од Џузепе Верди. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимографијата на Кристина Ачети (Италија), а кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Насловната улога (Риголето) ќе ја толкува гостинот од Јужна Кореја, Леон Ким, во улогата на Џилда ќе настапи, Биљана Јосифов, во улогата на Војводата од Мантова, Чуан Ванг од Кина, во улогата на Спарафучил, Владимир Саздовски, во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Риголето“ е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и „La Donna è mobile”, и на воопшто, убавата мелодиска структура.