Култура
Стефоска: Децениската негрижа за Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ зборува за сите нас
Националната и универзитетска библиотека носи премногу големо име на кое мора да сме му достојни и благодарни – „Свети Климент Охридски“. Таа е и една од првите институции основана со одлука на АСНОМ во 1944. Децениската негрижа кон оваа ризница зборува за сите нас. Ги повикуваме медиумите, а со тоа и јавноста, не за да бараме изговор за лошата слика таму, туку да замолиме за поддршка во процесот на зацелување и заживување на просторот кој го чува нашето национално богатство и кој бил дел од нашето студентско минато, изјави министерката за култура, Ирена Стефоска, при денешната работна посета на НУБ „Свети Климент Охридски“.
Придружувана од новата в. д. директорка, Јелисавета Костадинова, министерката Стефоска информираше дека од пред неколку недели НУБ „Свети Климент Охридски“ има нов тим.
Министерката за култура соопшти дека е формирана специјална работна група за утврдување на состојбата во НУБ од сите аспекти, која изготвува план за ревитализација на Библиотеката.
„Архитекти и градежни инженери веќе направија проверка на проектот за санација на покривот и бидејќи сė е во ред со проектот, тој влегува во програмата за следната година. Се прави пресек на финансиско-нормативното работење на НУБ ‘Свети Климент Охридски’ – рече Стефоска. Додаде дека почнува процесот за прогласување на библиотечниот материјал за културно наследство во опасност, статус кој ќе овозможи брзи интервенции за негово зачувување и соодветно чување, како и вложување во стручен кадар, во опрема и во збогатување на содржината на библиотечниот фонд.
„Процесот на враќање на достоинството на овој репрезентативен објект со бесценета содржина започна. Сакам да истакнам дека НУБ не е само покривот и не се само новите столчиња. НУБ ‘Свети Климент Охридски’ е многу повеќе. НУБ е емоција“, рече Стефоска.
„Нема да сме првите во светот кои на ваков начин ги поткрепиле своите национални библиотеки. Веќе водиме разговори со одредени донатори зашто ова е голема работа и само сите заедно ќе успееме да ја кренеме на нозе Националната и универзитетска библиотека ‘Свети Климент Охридски’“, изјави министерката за култура.
Директорката Костадинова повика на свесност за непроценливото значење на овој објект и укажа на неговата долгогодишна импозантност и сјај, кој, како што рече, веројатно избледел под „забот на времето“, но ни во миг не е намалена неговата важност за државата. Костадинова упати апел за поддршка од општествено-одговорната јавност, особено потребна во делот на санација на посебните читалници, кои некогаш служеле за научно-истражувачка работа, и нивно осовременување и компјутеризација.
Таа информираше дека покрај тоа што е расчистено предворјето на НУБ, се расчистиува внатре, а спомена дека е неопходна чуварска служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

