Култура
Стефоска: Културата e движечка сила која ги отвора границите што ги затвори вирусот
Министерката за култура, Ирена Стефоска, денеска учествуваше на седмата министерска конференција на Советот на министрите за култура на Југоисточна Европа – „Јакнење на културата во функција на одржливиот развој“, која, поради пандемијата на Ковид-19, се одржа онлајн. Домаќин на министерската конференција беше Министерството за култура и спорт на Република Грција, коe во изминатиот период претседаваше со Советот.
Министерката за култура, Стефоска, во своето обраќање изрази благодарност до домаќините и истакна дека е ова одличен повод да се нагласи заедничката посветеност за понатамошно унапредување на регионалната и мултилатералната соработка во областа на културата и културното наследство како движечка сила за дијалог, креативност и кохезија на регионот.
Таа нагласи дека Република Северна Македонија, како и другите земји во светот, ги усогласи својот социјален и културен живот за да се справи со предизвиците што ги наметна глобалната пандемија.
„Овие нови предизвици ни овозможија да започнеме да гледаме на културата повеќе како екологија отколку само како економија и да почнеме со преиспитување на старите модели на креативен пристап и државна поддршка. Меѓутоа, во овој поглед сè уште имаме многу повеќе да работиме и да учиме едни од други“, додаде Стефоска.
Министерката за култура информира дека како дел од сеопфатните државни пакети за поддршка беше обезбедена поддршка за културните работници, вклучително и првпат за независните уметници.
„Паралелно со осигурувањето дека културните работници може да продолжат да творат, Република Северна Македонија ги продолжи системските реформи, фокусирана кон нова стратегија и законска рамка за заштита на културното наследство“, рече Стефоска. Таа ја нагласи и важноста на културата како главна алатка, која им помага на луѓето да се справат со последиците од глобалната пандемија и рече дека културата мора и треба да биде движечка сила која ги отвора границите што ги затвори вирусот.
На конференцијата беше истакнато дека како дел од процесот на интеграција во ЕУ, Северна Македонија е посветена на спроведувањето на агендата на ЕУ за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт. Беше споделено и дека Министерството за култура на Северна Македонија ја изрази својата подготвеност да учествува во новата Програма за Креативна Европа 2021 – 2027 година. На конференцијата беше поздравена и иницијативата за формирањето на регионалниот фонд за културна соработка како сериозен механизам за практично унапредување на регионалната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

