Култура
Танец организира комеморација за својот солист Далибор Ѓошиќ
Утре, петок, 20 октомври 2023, во просториите на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ќе се одржи комеморација по повод смртта на неодамна починатиот истакнат пејач од прв ред – солистот Далибор Ѓошиќ.
Настанот е закажан за 11 часот и е отворен за јавноста.
Далибор Ѓошиќ почина на 10 октомври во Скопје, на возраст од 41 година, по кусо и тешко боледување.
Својот професионален стаж го помина во НУ „Танец“, каде што оствари многубројни настапи дома и надвор. Покрај изведбите на традиционални македонски песни, тој реализира и многубројни фестивалски настапи, со квалитетни новосоздадени фолклорни напеви, од кои голем дел беше негови авторски композиции. За 16 години поминати во „Танец“, Ѓошиќ оствари 363 концертни настапи, во вкупно 23 држави во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.
Култура
Вечерва во МКЦ почнува 11. Издание на „Скопје Синема Сити 2025: филмови за постпанк, блуз, хип-хоп и изложба на фотографии
Во киното „Фросина“ во МКЦ, вечерва во 19 часот ќе биде отворено 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој оваа година ја поставува Холандија во фокус.
Отворањето ќе биде со култниот филм „Контрола“ на Антон Корбајн – легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и по своите влијателни музички видеа. Корбајн е лауреат на овогодинешното издание, а фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата.
Покрај „Контрола“, публиката на 29 и 30 октомври, ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб Бимхаус во Амстердам; краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; како и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје Синема Сити 2025“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и од Министерството за култура и туризам.
Дизајнот на плакатот за 11. Издание е дело на Милица Коцева.
Култура
Поетроника за млади: Кога поезијата пулсира во ритамот на електронската музика, вечерва во Скопје
Вечерва во 20:00 часот во Public Room, Скопје ќе се одржи „Поетроника за млади“, уникатен музичко-поетски перформанс што ја претвора поезијата во живо, звучно и современо искуство.
На сцената ќе настапат Оливер Митковски, Андреј Салпе и Радмила Петровиќ, најпрогресивната поетеса од Србија, која ја опишува „Поетроника“ како судир на интензивности, спој меѓу традицијата и електронската култура во време кога уметноста станува сè по хибридна.
„Поетроника за млади“ е дел од поширок проект чија цел е да ги доближи младите до поезијата преку современ музички израз и културна размена. Поезијата која општо, но и меѓу младите не е толку популарна, бара време и ментален напор со фокус. Преку „Поетроника“, тоа скапоцено вдахновение до некаде е загарантирано, бидејќи двајцата наши хиперталентирани перформери, заедно со гостинката од соседна Србија, имаат намера на оригинален начин да нè гоштеваат со продуховена еуфорија.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ.
Влезниците се со симболична цена од 250 денари и се достапни на: https://drugastrana.mk/event/poetronika-za-mladi/

