Култура
Танцот во „Тишина” со гласна порака против семејното насилство
На 20 јуни на големата сцена во Македонската опера и балет Културно-уметничкиот центар „Битрикс“ ќе ја изведе премиерата на најновата танцова претстава наречена „Тишина”. Идејата за претставата „Тишина” е поттикната од еден од најчестите проблеми на денешницата – семејното насилство. Низ перформансот осцилираат ситуации од вистинити приказни од секојдневието на членовите и нивното опкружување, кои, за жал, се прифатени и сè уште присутни во заедницата, а жртвите се чувствуваат немоќни.
„Тишина” е еден аудиовизуелен перформанс во кој повеќе уметнички фрагменти создаваат една неверојатна целина, а со цел да ја разбудат свеста и да охрабрат промена за оние на кои им е потребна!
Кореографи на претставата се Ивана Балабанова и Леонардо Хусеини од Битрикс, а во неа се вклучени 31 танчер.
Целосната креатива и изработка е поддржана со активноста на видеопродукцијата „Марсбен„, концепт-креаторот и графички дизајнер Ана Стојановска, веб-дизајнерот Томислав Балабанов, психотерапевтот Тина Васков, Владо Караев како надворешен соработник и активист против семејно насилство, фотографот Ѕвонко Петровски, Иван Петров -музички продуцент, вокалната група составена од: Стефан Манасиевиќ, Матеј Петров, Јулија Трајковиќ, Полина Тасева, Дамијан Каранфилов, Искра Мицковска и Маја Јанковска, професорката по актерска игра Кристина Леловац, здружението „Надеж” кое низ годините се бори против семејното насилство и ја нуди СОС линијата за помош на жртвите од семејно насилство и маркетинг-агенцијата McCann Скопје.
Билетите за претставата се веќе пуштени во продажба и се достапни во „Битрикс“ и преку онлајн продажба на: karti.com.mk и mktickets.mk. „Битрикс“ се повеќекратни шампиони на многу државни и меѓународни натпревари, а и вицешампиони на ESDU Светското првенство во модерни танци. Тие се креатори на многу проекти, меѓу кои позначајни се двете танцови претстави „Издигнување” (премиера 2013 на „Танц фест”) и „Делови” (премиера 2016 на кровот на катната гаража „Македонска фаланга”). Тие се креатори на единствениот танцов камп во Македонија „Битрикс танцова лига”, на кој до сега учествувале кореографи од Холандија, Швајцарија, USA, Италија, Германија, Украина, Естонија, Грција, Србија, итн. Нивното портфолио брои огромен број перформанси за: Вип, Apple, Timberland, Replay, Buzz Sneaker Station, Neuland, Seavus, итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

