Култура
Театарската претстава „Лагата“ на Драмскиот театар од Белград го затвори 63-тото Охридско лето
Театарската претстава „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во изведба на Драмскиот театар Белград од Србија, вчеравечер на Античкиот театар го затвори 63-тото издание на фестивалот Охридско лето.
Како што истакна директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, во своето завршно обраќање пред повеќе од двеилјадната публика на Античкиот театар преку изминатите четириесет фестивалски вечери одекна гласот на уметноста од древниот Охрид во целиот свет потврдувајќи ја уметничката совршеност негувана и градена со години.
„Реализиравме восхитувачки настани, кои публиката ги проследи со огромна радост. За повеќето настани се бараше билет повеќе, бележиме 50-процентно зголемување на продажбата, а она што за нас е особено значајно, е тоа што имаме рекордна посетеност на странската публика. Резервации се правеа од Англија, Франција, Турција, Србија, Америка, Канада, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Холандија, Унгарија, Грција, Шпанија, Португалија, Полска, Норвешка, Финска, Шведска, Русија, Белгија, Австралија, Бразил, Израел. Тоа е доказ дека силата на музиката и театарот не познава граници“, рече Поповиќ.
Годинешното фестивалско издание на 12 јули почна со спектакуларниот настап на оперската дива Анџела Георгиу, а заврши исто така маестрално, со една современа, модерна естетика, актерски впечатлива претстава, интригантна, провокативна и доста комична, со извонредните актери Милош Биковиќ, Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радоњиќ и Јелисавета Теодосиќ.
„Тоа е текст што потврдува дека во животот се опстанува со лага, дали за да заштитиме некого, дали за да се скриеме себеси, дали за да манипулираме некого, таа ни е едноставно неопходна како едно епително ткиво што нè заштитува, еден психолошки код за одбранбен механизам, а притоа претставата не се занимава со лагата како феномен, туку со вистината што можеме или не можеме да ја прифатиме таква каква што е, дали е вистина тоа што ќе го слушнеме или е вистина она во што ние сакаме да веруваме и дали по отворањето на овие прашања, брачните односи остануваат исти, дали ние остануваме исти и дали ќе можеме да останеме, а притоа да не бидеме изедени од параноичните сомнежи“, појаснува селекторката на драмската програма на Охридско лето, Сања Арсовска.
По завршувањето на претставата, беше изгаснат фестивалскиот оган, кој гореше во текот на изминатите фестивалски вечери, а крајот на ова фестивалско издание беше означен и со богат огномет на небото над Античкиот театар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

