Култура
Театарска претстава во чест на Горан Стефановски

Преку театарска претстава, посветена на Горан Стефановски, Актерска школа на Весна Петрушевска, КМК Продукција и Македонскиот народен театар ќе оддадат почит на еден од најзначајните и најизведувани македонски драмски автори воопшто.
Горан Стефановски е македонски драмски автор, универзитетски професор и академик. Претставник е на модерната македонска драматургија и автор е на сценарија за ТВ-серии, ТВ-филмови и драми. Драмските дијалози во неговите дела и по 30 години ја отсликуваат актуелната стварност во Северна Македонија.
„Горан е често име на нашите простори изведено од именката гора, но исто така со значение голем и силен. Таква е нашата љубов кон Горан, силна, огромна, истрајна и посветена. Можете лесно да паднете во неговата стапица на зборови. Децата од актерската школа лесно го разбираат и нивниот поттекст е прецизно точен. Јас сакам секое дете да знае барем по еден монолог на Горан. Така живее само онолку колку го зборуваме. Ние немаме друг Горан. Имаме само еден! Храбар, бескрајно талентиран, точен, шармантен и полн со љубов“, истакна Весна Петрушевска.
Стефановски е изведуван на сите македонски сцени (Скопје, Битола, Штип, Струмица, Прилеп, Велес, Охрид, и др.), потоа во сите некогашни југословенски културни центри (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад, Ниш, Титоград (Подгорица), итн.), како и во големите театарски центри во светот: Париз, Будимпешта, Лондон, Софија, Москва, во повеќе градови во САД, во Брезно во Словачка, во Лоѓ во Полска, Антверпен во Белгија, Стокхолм…
Премиерата на театарската претстава ќе се одржи на 26 март, со почеток во 12 часот, во Македонскиот народен театар, на чија сцена ќе излезат учениците од актерската школа на Весна Петрушевска.
„За првпат ќе се слушнат на сцена неговите генијални текстови од книгата ‘Стапица’. Таа книга ги содржи сите тајни на драмскиот занает и на приодот кон создавање и градење лик. Во вистинска смисла на зборот за еден актер предизвик, за малите актери мисловен и актерски предизвик и задача. Горан е нашиот идентитет, нашиот најдобар драмски писател. Театарот немаше да биде ист ако не постоеше Горан. Горан е љубов“, додаде Петрушевска.
Поради големиот интерес, двете изведби на 26 март се распродадени, додека, следната изведба е на 9 април, од 12:00 часот во Македонскиот народен театар.
Картите се во ограничен број.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Фото) Македонија со богата програма го одбележа Денот на независноста на ЕКСПО Осака 2025

Во рамките на еден од најголемите светски настани – ЕКСПО Осака 2025, Република Северна Македонија со специјална програма го одбележа 8 Септември – Денот на независноста. Настанот се одржа пред бројна меѓународна публика и понуди автентично претставување на нашата култура, традиција и современо уметничко творештво.
Во културно-уметничкиот дел настапија реномираните оперски уметници Ана и Игор Дурловски, придружувани од камерниот оркестар „Ајга“, кои изведоа македонски народни песни во современи обработки на композиторот Сони Петровски. Со својата интерпретација тие ја пренесоа магијата на македонската традиција на интернационалната публика.
Посебен интерес предизвика и концертот на познатиот џез-гитарист Владимир Василевски – Четкар, чие творештво претставува мост помеѓу македонската музичка душа и современите светски звуци, како и енергичниот настап на Кирил Џајковски со својот бенд, кој ја претстави Македонија во едно модерно и глобално прифатливо издание.
Значајна атракција беше изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге, чиј план за реконструкција на Скопје по земјотресот во 1963 година претставува историски пример за архитектура и урбанистичко планирање, како мост меѓу културите и народите.
Во македонскиот павилјон, кој бележи просечно по 30.000 посетители дневно, гостите имаа можност да се запознаат со културното наследство, туристичкиот потенцијал, природните убавини, уникатното наследство под заштита на УНЕСКО, како и богатата гастрономска традиција. Со тоа, Македонија се претстави како атрактивна туристичка дестинација подготвена да понуди незаборавно искуство во духот на автентичноста и гостопримството.
Со ова претставување, Македонија испрати јасна порака за својата културна разновидност, уметничка креативност и современ дух, презентирајќи се пред светот како земја со богата традиција и отвореност кон иднината.
Култура
Почина Илинденка Петрушева, големата дама на македонското кино

По кратко боледување вчера почина Илинденка Петрушева, филмски критичар, истражувач на историјата на македонската кинематографија, публицист и одговорен уредник на единственото филмско списание „Кинопис“. Петрушева долги години беше раководител во Одделението за истражувачка, издавачка, јавна, меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма во Кинотека на Македонија.
Оттаму денеска изразија длабоко жалење и сочувство до семејството посочувајќи дека Кинотека на Македонија загубила искрен пријател и неуморен работник, вистински вљубеник во филмската уметност, а Република С. Македонија исклучително голем културен деец.
Петрушева беше родена на 4 август 1944 година во Пиринска Македонија, во Горна Џумаја, денешен Благоевград, во семејството на Кирил Петрушев, прв министер за внатрешни работи на Народна Република Македонија. По ослободувањето на Скопје, на четиримесечна возраст е донесена во Скопје каде се школува во гимназијата „Јосип Броз – Тито“ и во десетгодишното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“. Дипломира на Филозофскиот факултет во Загреб, на катедрата по етнологија, каде изучува и италијански и шпански јазик и факултативно историја и теорија на филм.
Професионалните работни ангажмани ги започнува како советник за култура во Скопската организација на младите (1969-1972), а со отворањето на Домот на младите „25 мај“ во 1972 година (денес Младински културен центар) во првата редакциска постава е избрана за уредник за филм, музика и литература (подоцна само за филм). Во 1974 година е еден од основачите на Кинотеката на Македонија. Член е на привремениот извршен орган заедно со Ацо Петровски и Предраг Пенушлиски, каде стапува во редовен работен однос во почетокот на 1977 година и останува сѐ до пензионирањето во 2009 година. На 23 јануари 1998 година е избрана во звање советник филмолог.
Во 1979 година е еден од иницијаторите за формирање на Кинотеката на Хрватска. Учесник е, член на Советот и еден од организаторите во востановувањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола во 1979 година и активно учествува во неговата реализација сѐ до 1995 година. Во повеќе мандати е претседател на Киносојузот на Македонија (асоцијација на филмските аматери) каде последниот мандат го „одработува“ со приемот на Киносојузот за полноправен член во УНИКА (Меѓународната унија на аматерскиот филм) во 1996 година.
Во периодот 1977-1979 година е генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на Југославија. Во седумдесеттите, осумдесеттите и во првата половина на деведесеттите години на минатиот век е член на Друштвото на филмските работници на Македонија (секција на филмски критичари) и во истиот период е член и на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна асоцијација на филмски критичари). Била член на жирија на бројни домашни и странски филмски фестивали (Пула, Белград, Москва, Ташкент и многу други). Во повеќе мандати е член на Претседателството на Културно-просветната заедница на Скопје (денес Дирекција за култура), на Самоуправната заедница за култура на град Скопје и на Македонија, на Републичката комисија за преглед на филмови, како и член на советодавниот Комитет за култура и уметност на Институтот „Отворено општество на Македонија“. Од 1999 до 2001 е советник на министерот за култура на Република Македонија, а во 2007-2008 е член на Советот за култура при ресорното министерство.
Во текот на својот работен век, Петрушева својот креативен ангажман го насочува кон неколку кинематографски сегменти – историографски истражувања на македонската кинематографија, развој на филмската култура – интензивно занимавање со филмска критика, осмислување и реализирање на други форми/програми на филмската култура и развој на филмскиот аматеризам и востановување на филмското воспитување во наставниот процес.
Уште за време на студиите во Загреб повремено објавува осврти за филмови од кинорепертоарот на брановите на Радио Загреб, а во почетокот на седумдесеттите години започнува професионално да се занимава со филмска критика, објавувајќи филмски рецензии, осврти, коментари и есеи во „Филм-фокус“, „Екран“, „Пулс“, „Просветна жена“ (1975-1988), „Културен живот“ (1983-1997), „Премин“ (2001-2003) и во други домашни и странски списанија меѓу кои култниот сараевски „Синеаст“, загрепска „Филмска култура“, белградски „Филмограф“, „Блимп“ во Виена, „Томбак“ во Истанбул и други.
Редовен филмски рецензент била во „Вечер“ (1980-1988), „Денес“ (1997-2003), „Македонија денес“ (1998-2003), како и на Скопската програма на МТВ (1987-1989). Главен и одговорен уредник беше на списанието „Кинопис“ (од број 1 до двобројот 45/46, односно од 1989 до 2014 година), како и член на редакциите на „Кинотечен месечник“ (1977-1988) и на меѓународното списание „Балкан Медиа“ (Софија/Виена, 1993-1996).
Покрај занимавањето со филмска критика, Петрушева од крајот на шеесеттите години иницира и активно учествува и во реализацијата на други форми за развојот на филмската култура: ги реализира познатите „Синеастички вечери“ кои од 1972 година се вдомуваат во Домот на младите, ги организира репризните програми во Скопје од Белградскиот ФЕСТ и Фестивалот на југословенскиот документарен и кусометражен филм, организира трибини и разговори со познати синеасти (Макавеев, Жилник, Зафрановиќ, Тихонов, Донској и многу други), иницира нови фестивали како на пример Југословенскиот фестивал на цртан и анимиран филм (Дом на младите, 1976), креативно учествува во активностите на фестивалите „Астерфест“ (2006-2010) и „Македокс“ (2010-2025), како и во реализација на Отворениот филмски универзитет на Естетичката лабораторија при Философскиот факултет (УКИМ) и Кинотеката на Македонија (1977/1978).
Во текот на седумдесетттите и осумдесеттите години на минатиот век, Петрушева, соработувајќи со хрватските професори по филмска теорија д-р Анте Петерлиќ и д-р Мирослав Врабец, реализира ТВ серија во десет продолженија „За филмското воспитување“ на брановите на Радио Скопје, потоа објавува бројни коментари, осврти и есеи во домашната периодика и иницира и учествува со свои соопштенија на повеќе советувања за оваа проблематика. Резултат од овој ангажман беше воведувањето на наставни единици за филмска уметност во основното и средното образование распоредени во пооделни наставни предмети – македонски јазик, философија или изборни предмети, како и реализација на аматерски филмови во училишните клубови. Во овој контекст Петрушева учествува во бројни стручни тела фомирани од тогашните Секретаријат за образование и Републички завод за школство, пришто реализира и повеќе нагледни предавања за просветните работници.
Учесник е на бројни домашни и странски научни симпозиуми, собири и трибини, а со свои авторски трудови учествувала во повеќе монографски изданија.
Во рамките на кинотечната дејност, Петрушева објави авторски студии за Столе Попов, Бранко Гапо и Љубиша Георгиевски, за македонскиот филм пишува во специјализирани изданија на Шпанската и Хрватската кинотека, а за потребите на Македонската кинотека, меѓу друготo, објавува авторски прилози и за бројни светски кинематографии.
Автор е на книгите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (Кинотека на Македонија, 1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (Киносојуз на Македонија, 2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005), „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011) и „Само сонот е стварност – од бележникот на еден филмолог“ (Македоника литера, 2014). Во ракопис во електронска форма го изработила истражувачкиот труд „Филмолошка библиографија 1897-1944“. Уредник е на книгата на д-р Александар Трајковски „Музиката во македонскиот игран филм – од ’Фросина’ до ’Лазар’“.
Добитник е на наградите „Почесен медал“ на УНИКА (Меѓународна унија на аматерскиот филм) за афирмација и популаризирање на аматерскиот филм (2000), „Златен објектив“ на Кинотеката на Македонија за исклучителен придонес во македонската кинематографија (2017) и престижната државна награда „11 Октомври“ (2017) за животно дело – за повеќедецениски значајни остварувања и ангажмани во областа на кинематографијата.
Култура
„Патување“ на Калиопи Трпчева во „Мала станица“

На 11 септември 2025 (четврток), во Мултимедијалниот центар Мала станица ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Калиопи Трпчева, во 20 ч. Поставката ќе биде достапна за широката публика во текот на две недели.
„Концептот на „Патување“ (проект – изложба) на Калиопи Трпчева е прикажување на уметниковите чувства преку ликови – портрети и фигури, а воедно е и експериментирање на мешавина од материјали, каков што е колажот и во сликите и во илустрациите. Насловот на изложбата – „Патување“ – сам по себе сугерира симбиоза на најважните вредности во животот, како и во уметноста. Со своите дела, како и во животот, Калиопи изнедрува продуховеност, промисленост и доследност, зрачејќи притоа со „уметност на радоста на животот“. Токму затоа, посебно би ја нагласиле „поврзаноста со детето“ на секое човечко битие, како нешто најдлабоко во секој од нас. Детето во човекот никогаш не мирува. Колку и да порасне, да се образува и да се труди да стане успешен, во својата душа човек останува немирно и наивно дете. Понекогаш се враќа во минатото и сфаќа дека сè се променило, но колку и да пораснал, во нeго секогаш постои тоа искрено дете што ќе живее вечно и кое ќе го тера да оди понатаму, ќе му зборува дека ништо не може да го запре и дека сè е можно.
Калиопи Трпчева е фасцинирана од процесот на изработка, кој претставува спој на хартијата и други материјали (златни ливчиња, салфетки, весници…), кои во тој процес се изедначуваат со бојата и стануваат една целина во сликите. Во постапката на создавање на илустрацијата следиме процес на вметнување на нови и нови цртежи, експерименти од дигитални четки и повторно, преку повеќе цртежи, составување на една конечна илустрација. Портретите и фигурите се одраз на уметниковите чувства, сеќавања од минатото, однесувањето, начинот на кој се доживуваме себеси во еден период од животот, своевидно патување низ животот. Во своите дела Калиопи Трпчева ни пренесува среќа, мир, тага и детали од секојдневието, а градот и куќите кои се претставени, се просторот и движењето на мислите, талкањето низ улиците со сопствените мисли, или, пак, темели на љубов, со кои ни го пренесува движењето низ времето на постоењето. Изворноста и едноставноста ги покажуваат човековата инспирација од животот и богатството на акумулирани сознанија, емоции, ставови и визии. Од оваа акумулација на податоци креативноста дава варијанти на отелотворение на човековиот дух низ творечка активност што се еманира во форма. Со искуството што го поседува, сликарката мошне умешно создава ликовна симбиоза. Кај Калиопи заживува ракопис што потсетува на детски цртеж, форми и предмети што се урбани генерациски постулати. Благодарение на сето тоа, енергијата проникната во овие дела, кои се прикажуваат за првпат, лесно го пронаоѓа вистинскиот пат до реципиентот и поведува на патување во вистинската смисла на зборот“, пишува во најавата за изложбата.
Родена на 16 март 1987 година во Кочани, Македонија, Калиопи Трпчева е сликарка и илустраторка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Благоја Маневски, отсек сликарство и насока моден дизајн кај професорката Лира Грабул. Додека активно се занимава со сликарство, таа интензивно работи и со илустрација, особено за книги за деца. Уметнички пристап ја спојува илустрацијата во нејзините слики на платно, создавајќи живи и имагинативни композиции. Има учествувано на повеќе ликовни колонии во Македонија, како и на групни изложби.
Куратор на изложбата е Горанчо Ѓоргиевски.