Култура
Театарска промоција на книгата „Го силувавме ежот“
 
																								
												
												
											Издавачката куќа „Антолог“ ја најавува промоцијата на книгата „Го силувавме ежот“ од македонскиoт писател и хуморист Марјан Анѓеловски, која ќе се одржи в среда (20 јуни 2018 година) на малата сцена на Универзалната сала, со почеток во 20 часот. Промотор на книгата ќе биде рецензентот Игор Ивковиќ.
На промоцијата ќе биде изведен и дел од драмската претстава работена според книгата, во која, покрај самиот автор, настапуваат уште и: Јасмин Рамани, Петра Ивановска, Сара Николовска, Ивана Стамевска, Огнен Велевски, Ристе Мицевски, Александар Јовановски, Елена Ѓорѓевска.
„Го силувавме ежот“ е драмски наратив во кој преку дејствувањето на главните ликови и развојот на нивната љубовна приказна Анѓеловски го апострофира лудилото на власта, сатирична драма за апсурдното владеење на еден современ режим во рамките на демократско општество, раскажана преку љубовна приказна меѓу млад новинар и проститутка. По овој драмски текст е работена истоимената претстава од училиштето за театар „Од игра до претстава“ во 2017/2018 година.
Марјан Анѓеловски е роден во Скопје 1987 година. Пишува и настапува низ земјава и низ Балканот со хумор, сатира и стендап-комедија. Неговите афоризми досега се објавувани во: „Остен“, „Јеж“, „Носорог“, „Макс минус“, „Вечерни новости“, „Политика“, „Пулс 24“ и други весници, списанија и електронски портали на Балканот. Автор е на книгата „Македонијо, OFF мори мајко“ и коавтор на книгата „Три ем“ заедно со Миле Ѓорѓијоски и Миро Георгиевски. Застапен е и во неколку антологии на балканскиот и на македонскиот афоризам. Добитник е на три трети награди на Вечерта на македонскиот афоризам во Кочани (2016, 2017, 2018 год.), втора награда на фестивалот за сатира „Чивијада“ во Шабац, Србија (2017), како и на наградата „Млади Типар“ за најдобар млад сатиричар на поранешните ју-простори во Плевља, Црна Гора (2017 год.).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
 
														Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
 
														Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
 
														На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											