Култура
Театарска рецензија „Дух“: Шекспир не е мртов, Хамлет го уби духот
Претставата „Дух“, која утревечер на сцената на МНТ ќе ја има својата трета изведба, е една од оние кои отвораат нова страница во репретоарот на овој театар. Раскошот од модерна театарска естетика и силна комплексна порака на претставата го засени кичестиот барокен сјај на оваа театарска куќа. Врз текстот на Дуковски што фрла поинаков поглед врз Шекспировиот Хамлет сместен во современ актулен миг, Јаниќијевиќ везе исклучителна претстава. Толкувањата и оствртот врз „Дух“ неизбежно провоцираат длабоки емоции, така што вообичаените театарски критички раслојувања можат да бидат само дел од рецензентен увид во неа.
Богатство од ликови кои современата атопија ја отсликуваат природно. Пијан поп (Оливер Митковски), револуционерен банкар (Никола Ацевски), шекспиролог (Гораст Цветковски) играат еден наспроти друг, исправени пред голема задача.
Реплики пред кои се подголтнува, но, сепак, модернистичкиот приод на целата театарска интеракција ве држи во констатен трепет и не дозволува да се влезе во патетичен контекст, кој секако се ризикува со оглед на веродостојниот приказ на вредносната ерозија.

Лажните луѓе, најодговорни за колективното зло, според Скот Пек лесно ќе ги препознаеме – тие се на врвот и ниту на еден друг начин не може да се детектираат.
Најчесто „облечени “ во убави канцеларии, респектирани семејства, битни пријателства, функционери. Ако ги соблечеш, ќе останат страв и празнина. Ним им недостига дух, барем тој да ги спаси кога веќе душа немаат.
Е, Алаксандар Мара (Цветковски) во „Дух“ е парталав слободњак, шекспиролог, вљубен во сопругата, семејството, во професијата, во животот. Но, ќе му ја земат куќата. Банките – немилосрдната и продолжената рака на системот. И тоа токму на домашната слава Свети Никола, на која и така веќе пријателите не му доаѓаат, веројатно и тие измачени и понижени од системот, осиромашни и обезвреднети.
Сценографијата наместа реална, па точно кога сè е неподносливо станува имагинарна, дури држи тенденциозна бариера со публиката, како тродимензионален приказ на ништожната реалност.
Музиката е одлична, илустрира и си поигрува со ритамот на атмосферата. Понекогаш олеснува, па збеснува па некаде меѓу механичкиот звук на редарското копче (она што го има во банките за чекање ред) и патувањето до небото, ти доаѓа да станеш и да излезеш на сцена и заедно со Мара да пукаш. Да го убиеш духот, токму тој што не остана, што го нема.
Но, бистро и без претенциозна сензација Јаниќијевиќ го отвора контекстот, стануваме сочуствителни кон овој профил на криминалци сместени во канцеларии. Господари на судбини на кои исто така им е тесно во сопствената кожа. Сакаат да го притиснат копчето, револверскиот обрач, да бидат згазени, да им олесни. Но, кој да го стори тоа, да се биде или не?
Додека ракоплескаш и ти се тресат колената и едвај чекаш да излезеш и да ја исплукаш проголтаната кнедла по гледањето на „Дух“ во режија на Јаниќијевиќ, остануваш со впечатокот дека сепак разголената вистина, соочувањето со неа и обидот за борба е секогаш подобар од немиот апатичен став.

Во оваа претстава иронијата боли, трагедијата потсетува, митовите и Шекспир убиствено и истовремено нежно ви поминуваат по кожата, а суровоста во сиот безизлез станува комична.
Едно е сигурно, „Дух“ не пука со ќорци, но дали пука во празно?
А.Василевска
Режија: Срѓан Јаниќијевиќ
текст: Дејан Дуковски
Актерската екипа: Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.
Сценограф е Велимир Жерновски, костимограф Лидија Георгиевска, а музиката е на Надежда Рубин, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивица Димитријевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.

