Култура
„Уметноста на звучните пејзажи во современата изведба“ – предавање на композиторот и пијанист Алесандро Ола
Утре, со почеток во 19 часот, во КСП „Центар – Јадро“, предавање ќе одржи професор Алесандро Ола на тема „Уметноста на звучните пејзажи во современата изведба“.
Говорникот Алесандро Ола е познат уметник со звук и композитор, кој во рамките на проектот Arts Hub ќе ги сподели своите сознанија за тоа како звукот може да го подобри изведбеното искуство и да создаде инволвирачки средини.
За време на предавањето ќе бидат истражени разни елементи на звучните пејзажи вклучувајќи теренски снимки, пронајдени звуци и електронска манипулација и како тие може да се искористат за да се создаде уникатен звучен пејзаж за публиката. Воедно, ќе проникнеме и во спојот на звучната уметност и изведбата и ќе дискутираме како звукот може да се користи како форма на изразување и раскажување.
Исто така, за време на предавањето ќе бидат истражени начините на кои звукот може да се користи како алатка за социјален ангажман, од проекти во заедницата до инсталации на специфични локации, кои се занимаваат со суштински социјални прашања. Ќе се разговара и за тоа како звукот може да помогне да се создадат поинклузивни и партиципативни форми на уметничко изразување овозможувајќи им на маргинализираните заедници да го пуштат својот глас и да бидат слушнати.
Ќе биде истражена и улогата на звукот во градењето капацитети за локалната сцена во социјално ангажираната уметност. Говорникот ќе ги сподели своите искуства од неговата работа со заедници и уметници за развивање вештини и градење мрежи овозможувајќи им да креираат свои социјално ангажирани уметнички проекти и иницијативи.
„Без разлика дали сте уметник, изведувач или едноставно сте заинтересирани за светот на звукот, ова предавање не треба да се пропушти. Ви ветуваме дека оваа вечер ќе ве стимулира на размислување и подлабоко ќе ја цените моќта на звукот во современата изведба“, велат организаторите на настанот.
Предавањето се реализира во рамките на проектот Arts Hub на КСП Центар-Јадро, кој е поддржан од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.
Алесандро Ола (Alessandro Olla, IT/ESP), композитор, пијанист и изведувачки уметник. По студиите по пијано, композиција и електронска музика, го напушта академскиот пристап кон музиката и го почнува својот уметнички пат низ експеримент, импровизација и електроника како во компонирањето така и во сценскиот настап. Неговото лично истражување се фокусира главно на интеракцијата помеѓу музиката и другите уметнички изрази. Неговите интереси и искуство исто така вклучуваат видеоарт и танц.
Изведувал во интернациопнални музеи и галерии, како, на пр.: MACBA (Museu d’Art Contemporani Барселона, 2007), BAC (Лондон, 2007), GRIM (Centre Montévideò Марсеј, 2005), Accademia d’Arte Contemporanea (Сиракуза, 2000), Théatre Daniel Soriano (Дакар, 2004), The Luggage Gallery (Сан Франциско, 2004), Voz Alta (Сан Диего, 2004). Настапувал со современи уметници меѓу кои и: Tim Hodgkinson, Marc Ribot, David Shea, David Toop, Elio Martusciello, Victor Nubla, Fabrizio Spera, Paolo Fresu, Jean Marc Montera, Lorenc Barber, Roberto Pellegrini, Henning Frimann; на фестивали меѓу кои и Time in Jazz (Berchidda, 2006), LEM (Barcelona, 2005), Europe Tendence Emotion (Paris, 2003), electricittà – GRIM (Marseilles, 2005, 2003), Festival SpazioMusica (Cagliari, 2003), Ixem (Firenze, 2003), Impro Match, festival europeen de musique improvisée (Poitiers, 1999). Во 1996 го основал ансамблот Coincidentia Oppositorum.
Од 1999 компонира оригинална музика за многубројни претстави соработувајќи со важни италијански театри и театарски уметници, како Дарио Фо, Марко Карнити, Марко Пароди, Дациа Мараини, Марио Фатикони, Франческо Ориго, Франческо Сапонаро, Карла Тато. Автор е на театарски претстави, кои исто така вклучуваат претстави базирани на импровизација (Suonobliquo, Water Rythms, Aleph). Компонирал музика за радио, телевизија и филмови и работел на звучни записи на локации во урбани и рурални средини.
Од 1994 работи и како подучувач и ментор во рамките на театарски и музички работилници. Подучувајќи, го продлабочил својот поглед на врската музика-јазик-поезија и како режисер реализирал неколку проекти базирани на вокални експериментирања. Веќе шест години држи часови за музикотерапија и театарски работилници работејќи во полето на менталните тешкотии.
Во 2007 го основа и почнува да го води мултимедијалниот фестивал на напредна музика SIGNAL, чиј идеен творец е токму тој. Од 2001 до 2005 организирал годишен фестивал за импровизација и музичко истражување, базиран на работилници и перформанси во Калјари, Сардинија. Живее помеѓу Барселона, Рим и Калјари, а базата му е (главно) во Калјари, каде што во 1995 го основал центарот посветен на музичко истражување и театарски експеримент, TiConZero [www.ticonzero.org]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

