Култура
Утревечер, со солистички концерт на Кокан Димушевски почнува 19. издание на балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум-фест – музика и традиција 2025“
Утревечер во познатото Пацио на НУ Завод и Музеј со солистички концерт на Кокан Димушевски, ќе започнува 19-то издание на Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција 2025 “.
Никола, Кокан, Димушевски, е роден во Скопје, 26. Ⅳ 1958 – клавијатурист, аранжер, композитор и продуцент. Кариерата ја започнал како клавијатурист на групата „Леб и сол”, а има напишано над 200 аранжмани за различни автори и изведувачи во Македонија и во Европа.
Автор е на музика (околу 1.500 минути) за голем број театарски претстави во Европа и во САД. Создавал музика (аудиодизајн) за повеќе радио и ТВ станици. Одржал над 1.000 концерти во целиот свет. Соработувал со Ѕамаха и Радио Франце Интернационал. Издал дваесетина ЦД и ДВД-носачи.
Локум фест е единствен ваков фестивал во Македонија и на Балканот кој ги спојува традиционалната градска музика со fusion & world music, и зад себе има преку 110 реализирани концерти на ансамбли од Македонија, Балканот и светот, а се одржува на културно-историски локации промовирајќи ги истите како сцена , што годинава е и слоган на фестивалот. „Наследството како сцена“.
Инспирацијата за Локум фест доаѓа од живото културно наследство на некогашна конзулска Битола, која била важен воено-економски центар и цивилизациска крстосница, дом на бројни етноси и амалгам на култури, каде се вкрстувале византиската, ориенталната , сефардската и европската култура. Сето тоа резултираше со неверојатно богатство на музички влијанија, обичаи, архитектура и др. Локум фест е фестивал кој повикува на средба, помеѓу културите и еден дух. Истовремено е атрактивен за туристи од земјата и странство и веќе со години промовира културен туризам као дел од локалната и национална туристичка понуда. Локум фест е член на Most music, Without borders, EFFA, и други регионални и европски фестивалски асоцијации.
За прв пат паралелно со Битола, Локум фест се случува и во Скопје. Во соработка со Public room на 18 јули таму ќе настапат грчката група Reggetiko project и русите VEDAN KOLOD, под мотото „Однадвор кон центарот“. Ова е редок пример на културна дисперзија од крајниот југозапад на државата кон центарот и ги најавува амбициите за следната година кога се одбележува 20 години Локум фест, а фестивалот ќе се дисперзира на неколку автентични локации во Македонија и регионот.
Фестивалот е една од ретките манифестации која доследно се држи до јавниот карактер и е не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори без наплата на средства и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во склоп на Бит фест 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

