Култура
Утре во „Буква“ се отвора изложбата на Андреј Медиќ-Лазаревски, „Црно под ноктите“
Утревечер (13.9.) во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20:30 ќе се отвори првата изложба на Андреј Медиќ Лазаревски под наслов „Црно под ноктите“.
Изложбата се состои од колажи и мини-инсталации изработени во последната година.
„Црно под ноктите“ е концепт со кој авторот пробува да го втурне гледачот во „гнилото“, во „црното под ноктите“. Во тоа „гнило“ се наоѓаат темите што се преокупација на една цела генерација, но и вечните теми како „потрагата“ по своето место во заедницата, личното и нелирско „јас“, уништувањето на природата, љубовта, еротското, стравот, смртта, миграциите.
Дел од колажите се инспирирани и посветени на песни од поети и поетеси од домашната и светска книжевност (Сергеј Есенин, Жак Превер, Имануел Мифсуд, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Ива Петреска, Александра Спасеска, Васил Ханџиски, Милена Сиљаноска, Ангела Бошкоска, Дамјана Видическа…).
Во рамки на настанот за музичкиот дел, со свој диџеј-сет, ќе се погрижи Индог. Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по филозофија на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и студира на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата песнопој) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – 2. изменето и дополнето издание, ПНВ Публикации). Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор е на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, главен фестивалски координатор е на „Филозофскиот филмски фестивал“, член е на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал, дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а моментално работи во „Кликер маркетинг“. Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали (Стих у регији, Струшки вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Скопски поетски фестивал, АртАреа…). Негови песни се застапени во домашната периодика и преведени се на српски јазик за книжевните списанија „Блудни стих“ и „Рукописи“, на хрватски за списанието „Поезија“ на Хрватското друштво на писатели и на англиски јазик за “Selection from A new birth of the word (an Anthology of Macedonian Young Poetry)“, издание на Струшките вечери на поезијата. Негови песни се застапени во антологиите „Македонска љубовна лирика“ (прир. Весна Мојсова-Чешишевска и Иван Антоновски, Матица македонска, 2024), „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, ПНВ Публикации, 2023) и „Музика, сега и уште“ (прир. Владимир Мартиновски, Струшки вечери на поезијата, 2022). За песната „Твоја ли е градината, Алиса?“ ја добива наградата „Енхалон“ од Струшките вечери на поезијата (2024).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

