Култура
Уште една награда за Милчо Манчевски, овој пат во Италија
Уште една награда за најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски – викендов доби специјална награда на фестивалот „И-фест“ во Калабрија, Италија. Манчевски е почесен гостин на фестивалот, кој го чествува со ретроспектива на комплетниот опус, од „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“ и „Кајмак“ до кратките „Четврток“ и „Крајот на времето“. Тој исто така одржа и мастер-клас.
Фестивалот објави и соопштение во кое изразува целосна поддршка и солидарност со Манчевски осудувајќи го политичкиот прогон на кој тој е изложен од македонските власти затоа што пријавил корупција.
„Ме изненади наградата и ме потсети на зборовите на тогашниот директор на Венецискиот фестивал, Џило Понтекорво, кога ми ја врачуваше десеттата награда во иста вечер во Венеција: ‘Баста, сињор Манчевски’. Ја посветувам наградата на сите оние што вредно работат на филмовите, без никој да знае за нив: истражувачи, публицисти, правници, дистрибутери…“, изјави Манчевски.
Фестивалот во Калабрија се одржува во Националниот парк „Полино“ и, покрај Манчевски, годинава чествува и две италијански легенди, актерката Клаудија Кардинале и режисерот Франко Зефирели. Меѓу гостите се и оскаровците Пол Хагис и Куба Гудинг Јуниор и италијанските ѕвезди Франко Неро и Марија Грација Кучинота.
Последниот филм на Манчевски, „Кајмак“, неделава продолжува со фестивалскиот живот. На 23 септември „Кајмак“ го отвора фестивалот во Тирана, Албанија, а ден претходно Манчевски ќе има официјална средба со градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
Следуваат фестивалите „Балкан панорама“ во Измир, Турција и Avant&Una во Бихаќ, БиХ, а „Кајмак“ ќе продолжи со фестивалите и во текот на есента.
На почетокот на септември „Кајмак“ ја освои наградата за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, САД, каде што ја имаше и американската премиера, а три дена претходно и специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмските критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора.
Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласира „Кајмак“ и во Австралија, каде што набргу ќе почне прикажувањето. Инаку, „Кајмак“ е еден од македонските филмови што имаат најширок пласман во светот, продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светски ден на аудиовизуелното наследство во Кинотека
На 27 октомври (понеделник), сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот ќе го одбележат Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со активности, промоции и настани со кои фокусот на светската јавноста го насочуваат кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство. Како дел од тоа големо семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и сочувувањето на филмското културно наследство, и Кинотеката се вклучува со свои активности во одбележувањето на овој значаен ден.
Во таа насока, на 27 октомври (понеделник) со почеток во 12 ч. во кинотечното кино ќе се одржи блу – реј промоција на филмот МИС СТОН на Живорад Жика Митровиќ од 1958 г., а до крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма, ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.
Од понеделник до петок, односно од 27 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе бидат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го потенцираме токму оваа 2025 година. Пред сè тука се филмовите: ДЕНОВИ НА ИСКУШЕНИЕ, ВОЛЧЈА НОЌ, ОЛОВНА БРИГАДА, КОНТАКТ, АНГЕЛИ НА ОТПАД, ЈАД и ВРЕМЕ, ВОДИ.
Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day for Audiovisual Heritage) е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три и пол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.
Култура
„Народен пратеник“ на МНТ продолжува со регионалната турнеја, следна станица „Борини позоришни дани“
Претставата „Народен пратеник“ на МНТ продолжува со успешната регионална турнеја.
На 24 октомври, во главната натпреварувачка програма, ова сценско остварување ќе биде изведено на сцената на театарот „Бора Станковиќ“ во Врање, Србија, како дел од 45. издание на реномираниот театарски фестивал „Борини позоришни дани“.
Со ова дело, Бранислав Нушиќ уште еднаш потсетува дека смеењето е најсилното оружје против глупоста и корупцијата. Неговата извонредна сатира за човековата суета, лицемерието и алчноста, преку ироничен хумор го пресликува малиот човек што, стекнувајќи политичка моќ, губи морален компас. Критичарите ја истакнуваат важноста на оваа драма, која нуди реалистичен приказ на општествените односи, засновани врз корупција и лицемерие, додека истовремено им се потсмева на политичката култура и на народната наивност. „Народен пратеник“ е безвременско дело, бидејќи темите за амбицијата, поткупот и честољубието и денес се актуелни.
Во режија на Егон Савин, еден од водечките театарски режисери на Балканот, во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Селекторот на годинашното фестивалско издание, д-р Мирослав Радоњиќ, во селекцијата вклучи седум претстави од водечки театри од регионот, кои ќе се натпреваруваат за главните награди на фестивалот и една претстава што ќе биде изведена во чест на наградените.
Освен Македонскиот народен театар, во натпреварувачката програма учествуваат: Театар „Бора Станковиќ“ – Врање, Битеф театар – Белград, Народно позориште – Белград, Народно позориште на Република Српска – Бања Лука, Градско позориште „Семберија“ – Бијељина и Звездара театар – Белград.
„Борини позоришни дани“ годинава се одржува од 21 до 28 октомври и веќе четири и пол децении претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи квалитетни сценски уметности и отворајќи простор за дијалог меѓу различни естетики, поетики и културни контексти.
Со учеството на овој значаен фестивал, МНТ уште еднаш ја потврдува стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.
Култура
Драмски со претставата „Кармен“ на театарски фестивал во Анкара
Со монодрамата „Кармен“, Драмски театар Скопје на 24 октомври ќе учествува на 17. Меѓународен театарски фестивал ЕТХОС Анкара 2025. Фестивалот се одржува од 16 до 26 октомври во главниот град на Турција. Годинава под мотото „Градот и театарот“ на фестивалот ќе учествуваат театарски уметници, амбасадори на културата, претставници на центри за култура и членови на граѓанските и невладини организаци од над 20 земји. Публиката ќе може да ги следи театарските претстави и останатите фестивалски настани на повеќе сцени низ Анкара.

Драмски театар Скопје со монодрамата „Кармен“ во која ликот на Кармен го игра Биљана Драгичевиќ – Пројковска, учествувал на десетина меѓународни фестивали и тоа во Грузија, Молдавија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Албанија како и на десетина гостувања во нашата земја.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.

Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија.

