Култура
Фестивалот „Браќа Манаки“ завршува вечерва со свечено доделување на наградите
Фестивалот „Браќа Манаки“ завршува вечерва со свечено доделување на наградите. На последната прес-конференција на годинашново издание на „Браќа Манаки“, селекторот на главната програма во компетиција за „Златна камера 300“, Благоја Куновски-Доре го претстави филмот „Девојка“, белгиско-холандска копродукција. Гостин на фестивалот е кинематограферот од Холандија, Франк Ван Ден Иден, соопштија организаторите.

За присутните, се додава во соопштението интересно било што станува збор за билингвален филм. Главниот лик, Лара зборува француски со татко си, а во болницата зборува холандски.
„Мислам дека јазикот може да биде ново и збунувачко за публиката, но според мене тоа е типично белгиски поради двете различни јазични области во Белгија. Нема некоја посебна причина за билингвалност во филмот, туку сакавме да прикажеме нешто што е дел од животот во Белгија. Тие доаѓаат од Брисел каде зборуваат француски, но потоа се преселуваат во Антверп и таму зборуваат холандски. Инаку, ова е вистинска приказна, Лора навистина постои, се запознав со девојката додека снимавме, но таа не сакаше да се експонира и не се мешаше во сценариото. Кога филмот се прикажа, таа се претстави на белгиските медиуми, беше многу храбра и сакаше да ја поддржи идејата за дискусија за трансродовите лица“, раскажа Ван Ден Иден.

Вечерва на затварањето на ИФФК „Браќа Манаки“, ќе биде прикажан краткометражниот игран филм „Скаут“ на режисерот Алек Цветков, кој е син на Рок Цветков познатиот каскадер со македонско потекло, а екипата на филмот беше денеска претставена на средба со новинарите, се вели во соопштението.
Организаторите додаваат дека гостите на фестивалот, синоќа го посетиле градот Охрид како репрезентативен пример на македонското културно и природно богатство, на некои од нив, велат ова не им била прва посета, но сепак не ја пропуштиле можноста повторно да уживаат во убавините на Охрид.

Последниот ден на годинашново издание на ИФФК „Браќа Манаки“ поминува во знакот на исчекувањето на имињата на добитниците на Златна, Сребрена и Бронзена камера 300, која се доделува на најдобрите кинематографери од филмовите во главната програма Камера 300. Освен овие три главни награди ќе биде доделена и Мала камера 300 од конкуренцијата на краткометражни филмови.
Освен краткиот филм „Скаут“, се посочува во соопштението, кој се прикажува надвор од официјалната конкуренција, публиката во Центарот за култура во Битола, ќе го види и последниот филм од главната програма „Црниот Кју-Клукс- клановец“, во режија на Спајк Ли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

