Култура
Фестивалот на грчки филм четврти пат ќе се одржи во Скопје и Битола
Фестивалот на грчки филм четврти пат ќе се одржи во Скопје и Битола. Фестивалската програма, покрај скопската, ќе ја гледа и публиката во Битола, градот на филмот, градот на богатата кинокултура, градот на почетоците на балканската кинематографија со браќата Манаки.
Отворањето на Фестивалот на грчкиот филм е на 7 април (недела) во Скопје, а во Битола ден подоцна, на 8 април (понеделник), и ќе ја понуди есенцијата на грчката филмска уметност од последните неколку години прикажувајќи вкупно 6 филма: 3 долгометражни и 3 кратки.
Филмовите во Скопје ќе бидат прикажани во Кинотеката на Северна Македонија, а во Битола во „Кино Манаки“.
Амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, поздравувајќи ги присутните на денешната прес-конференција и истакнувајќи задоволство поради одржувањето на Фестивалот се осврна на филмот „Жена убиец“/ФОНИСА во режија на грчката режисерка Ева Натена.
„Филмот е инспириран од познатиот роман на познатиот грчки писател Алексаднрос Пападијамантис. Тој е еден од најистакнатите грчки писатели, чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори, а неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии“, рече Филипиду.
„Жена убиец“ е втора адаптација на истоимениот роман по онаа на Костас Ферис од 1974 година и жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции, обичаи што долго време биле зацрврстени, дури и во позитивното грчко законодавство. Се работи за филм кој е заснован на настани што реално се случиле.
Во продолжение амбасадорката Филипиду ја најави видеопораката на Ева Натена, режисерката на филмот, која им се обрати на присутните.
Голема благодарност до организаторите на Фестивалот. Многу сум среќна што филмот ќе се прикажува на Фестивалот на грчкиот филм во Северна Македонија, би сакала да можам да присуствувам, но тоа е тешко во моментот. Многу важно за мене и моите соработници е што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите вистински да го почувствувате филмот, рече Натена објаснувајќи дека филмот го работела врз основа на истражувања што траеле десет години.
Флорентиа Киортси, прв секретар за комуникација од канцеларијата за јавна дипломатија во Амбасадата на Грција, се осврна на концепцијата на програмата на Фестивалот на грчкиот филм. Киорици информира дека на отворањето ќе бидат прикажани „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос, краток филм, а по него следува трагикомедијата „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

