Култура
Фестивал за краток филм Drim Short од 12 до 14 октомври во Струга
Од 12 до 14 октомври во НУЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга, под мотото „Еден јазик, илјада приказни“, ќе се одржи второто издание на фестивалот за краток филм Drim Short, во организација на Иницијативата за култура и независен активизам (ИНКА).
Ползувајќи ја универзалноста на филмскиот јазик и комуникацијата со публиката, под мотото „Еден јазик, илјада приказни“, и оваа година Drim Short Film Festival ќе ja доближи кратката филмска форма до публиката, со цел да се зајакне филмската култура и да придонесе Струга да стане регионално филмско јадро за филмските уметници од Македонија и регионот.
Ќе бидат прикажани неколку кратки филмови од неколку национални филмски уметници: „Доаѓаат од центарот на светот“ и „Без љубов“ во режија: Дина Дума; „Мишко“ режија: Ханис Багашов; „Долорес“ режија: Радован Петровиќ; „Почеток“ режија: Агим Абдула; „Црно и бело“ режија: Сандра Ѓоргиева; „Иднината е наша“ режија: Андреј Георгиев; „Црни криви“ режија: Марко Џамбазовски; „Чевли“ режија: Бранко Костески; „Последните камбани“ режија: Николче Попоски; „Коливо“ режија: Андреј Волкашин и „И(с)згубени“ режија: Антонио Вељаноски. Фестивалот годинава добива интернационален карактер со вклучување на регионална програма, чијашто селекција ја направи Иван Бакрач, која ќе ни претстави кратки филмски остварувања од регионот: O noapte in Tokoriki режија: Роксана Строе; Pupanje режија: Дора Шустиќ Tranzicija режија: Милица Томовиќ; Prima Noapte режија: Андреи Танасе; Into the Blue режија: Антонета Аламат Кусијановиќ и Nikog nema режија: Јелена Гавриловиќ.
Шанса за своја промоција преку студентската програма ќе добијат и студентите од филмските академии од Македонија со: „Тишина“ режија: Батухан Ибрахим (ФДУ); Red Ribbon режија: Џовани Рустанто (ФИОФА); The Bar режија: Горан Томиќ (ФИОФА); Rose режија: Јехона Бериша (ФИОФА); „Уште едно кафе“ режија: Ѓорѓи Лазов (УГД); „Заб“ режија: Ајдин Ислами (ФДУ); Out of Orde“ режија: Трифун Ситниковски (ЕСРА); „Двајца со јајца“ режија: Бруно Велјановски (ЕСРА); „Услов“ режисер: Даниел Шикоски (ДАСТА) и „Дневникот на генерација Z“ режија: Борјан Стојков (ФДУ). Освен филмски проекции, на Drim Short Film Festival ќе се оддржат мастер класови со режисерот на „Исцелител“ Ѓорче Ставрески и со реномираната косовска актерката Аурита Агуши.
Исто така, предвидена е гостинска програма со Македокс Докуникулци, како и студентски пичинг-форум. А ниту еден филм не би бил возможен без иницијалната идеја, па затоа оваа година ќе бидат избрани пет најдобри идеи на студенти од Македонија, кои ќе се натпреваруваат за симболична награда што ќе претставува мотив за нивната понатамошна работа во филмот. За крај на фестивалските денови (петок, сабота и недела) по филмските проекции ќе се оддржи ОФФ програма во Хангар во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, Струга, со: Томче Рут Бој и Мирко Попов (ПМГ); Herzel ( Hivern Discs, Uncanny Valley) и ogie (Btkrsh, AAA музика). Фестивалот на краток филм Drim Short 2018 е овозможен со поддршка од Министерство за култура на Република Македонија во рамките на проектот „Нов културен бран“ и Фондацијата Oтворено општество Македонија (ФООМ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

