Култура
Фестивалот на краток филм Drim Short од 27 до 29 декември
Третото издание на фестивалот на краток филм Drim Short ќе се одржи од 27 до 29 декември во Струга со мотото „Погледни под површината“. Под површината се кријат магијата на филмот и цели нови универзуми или коригирани рефлексии на светот во кој живееме. Таму филмските уметници кријат многу вистини за нашиот свет и преку филмското платно ја повикуваат публиката храбро да зачекори внатре. Од под површината секој може да понесе со себе по малку вистински вредности и размисли, кои со сигурност ќе ја разубават и реалноста. Под површината на струшкото еднолично и црно-бело постоење се крие културниот портал кон магијата на филмот, Drim Short 2019.

„Фестивалот на краток филм ја оствари примарната цел и го продолжува континуитетот и фестивалот станува традиција. Последниот декемвриски викенд ќе си ги згрееме срцата со повеќе од 40 кратки приказни од светот. Првата новост на фестивалот е тоа што првпат националната, студентската и интернационалната категорија ќе имаат натпреварувачки карактер. Регионалната програма прераснува во интернационална, а селекцијата ќе ја прави нашиот драг соработник и селектор Иван Бакрач. Филмската програма ја заокружуваме со гостинска програма од реномираниот фестивал на кратки филмови Interfilm од Берлин.

Секако, продолжуваме со отворените мастерклас-сеанси и разговори со познати филмски имиња на теми што сигурно ќе ги заинтересираат младите филмаџии. Годинава мастерклас ќе одржи Ингрид Бирбаум, новинарка, филмски критичар и селектор на документарната програма на Interfilm, на тема „Како до фестивалска дистрибуција на краткиот филм“ и „Медени разговори“ со режисерите на „Медена земја“ – Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кои пред публиката ќе ги пренесат своите искуства за кратката филмска форма и ќе ги споделат импресиите од неодамнешните успеси. За крај ја најавуваме музичката ОФФ-програма како неизбежен белег на нашиот фестивал со која малку порано ќе ги почнеме празничните прослави.

И оваа година ќе се обидеме да анимираме нови простори во градот, создадени или рекреирани специјално за фестивалот Drim Short во НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга. Со тоа не само што ги носиме луѓето назад во кино и во матичната институција туку, пред сè, создаваме импровизирани киносали „под површината“ и таму каде што ги нема. Целта е да се заживеат на поинаков начин некои сегменти од институциите кои никогаш не се користат или имаат сосема тривијална намена. Истовремено, да укажеме на потребата од мала киносала, која на градот му е неопходна во зимскиот период“, соопштија организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

