Култура
Филмови на Чарли Чаплин во летното кино на Кинотека
Кинотеката од 17 јули (петок) со почеток во 21 часот почнува со прикажување филмови на Чарли Чаплин во летното кино под отворено небо.
„Со десет наслови во овој исклучителен циклус – кој го опфаќа творештвото на Чаплин од неговите почетоци па сè до последните дела – Кинотеката ви овозможува увид во најдоброто од златната ера на немиот филм, но и начинот со кој Шарло се справува со предизвикот на звучниот филм“, се вели во најавата за настанот.
Чарлс Спенсер Чаплин (Charles Spencer Chaplin), или едноставно Чарли Чаплин (Лондон, 15 април 1889 –Корсие-сур-Вевеј, 25 декември 1977), не само што е класик во светската кинематографија, туку со него и започнува тој период што ние денес го нарекуваме класика.
Со безмалку 90 улоги на филм и 72 кредити како режисер, Чаплин е од оние автори кои компримираат вистински филмски универзум сам за себе: бил и сценарист, монтажер, продуцент, а повремено и компонирал или бирал музика за неговите филмови.
Од крајот на Првата светска војна до почетокот на Втората светска војна Чаплин ги снима неговите најуспешни кратки и среднометражни филмови (ДЕТЕТО / The Kid, 1921; МРЗЛИВЦИ / The Idle Class, 1921; АЏИЈАТА / The Pilgrim, 1923…) и долгометражни филмови (ЦИРКУС / The Circus, 1928; СВЕТЛИНИТЕ НА ВЕЛЕГРАДОТ / City Lights, 1931; МОДЕРНИ ВРЕМИЊА / Modern Times, 1936).
Појавата на звучниот филм е новиот предизвик, и во таа сфера не е неуспешен: ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР (The Great Dictator, 1940), ГОСПОДИНОТ ВЕРДУ (Monsieur Verdoux, 1947) и СВЕТЛИНИТЕ НА СЦЕНАТА (Limelight, 1952) е неговите три звучни филмови, со кои ја завршува американската епизода во неговиот живот и кариера. Во Велика Британија го снима КРАЛ ВО ЊУЈОРК (A King in New York, 1957).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.

