Култура
Филмови од „Мобил фестивал“ на гала вечер на Филмскиот маркет во Кан

Четири филмови од „Мобил Фестивал“ се натпреваруваа во официјална селекција на натпреварот за кратки филмови на Иницијативата за светски мир и толеранција чија гала вечер се одржа вчера во рамките на онлајн Филмскиот маркет на Канскиот филмски фестивал.
Тие се натпреваруваа за Карл Бартош хуманитарната награда за филмови снимени на мобилен кои се фокусираат конкретно на хуманитарни теми. Наградата лани се доделуваше на Американскиот павилјон, а годинава поради кризата Филмскиот маркет во Кан се одржува исклучиво онлајн од 22 до 26 јуни.
Четирите филмови од „Мобил фестивал“ кои беа дел од најдобрите 15 филмови селектирани годинава од жирито и беа дел од гала вечерта се: Ice-cream and Freedom од Нено Белчев, Like and Follow од Форест Шлаге, Silence is Deadly од Бруно Венецијано и Mis(s)Date од Анке Сабрина Берман и Нина Ејмер Фокс.
Настанот го организира непрофитната организација Новата генерација во акција (NGIA), признаена со посебен консултативен статус од страна на Обединетите нации.
Фестивалот е во чест на професорот Карл Бартош, кој е пионер во продукцијата на филмови снимени на мобилен телефон. Тој и самиот е во жирито на фестивалот кое годинава го сочинуваа уште десетина експерти, професори, филмаџии, програмски директори, екологисти, хуманитарци.
На онлајн настанот присуствуваше и Весна Ристовска од „Мобил фестивал“. Сите присутни беа охрабрени да направат донација со цел да помогнат во организирање на виртуелно прикажување на филмови во насока на еукација за разновидност и социјална правда.
„Мобил фестивал“ го организира продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и медиа“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Петминутен аплауз и стоечки овации за македонските актери и „Ничија земја“ на фестивалот „Театар без граници“

Синоќа, Македонскиот народен театар имаше чест да ја отвори првата фестивалска вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“ во Ќустендил, Бугарија. Претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ и во режија на Александар Морфов, беше одиграна пред преполна сала со 700 гледачи, кои ја наградија маестралната актерска игра со громогласни стоечки овации и петминутен аплауз.
Универзалната тема за апсурдноста на војувањето, која режисерот Морфов умешно ја преточил во претстава, силно ја допре публиката во Ќустендил, меѓу кои имаше и гледачи дојдени од Софија и од Македонија. Иако беа обезбедени преводи на бугарски и англиски јазик, речиси никој од присутните активно не ги следеше, затоа што публиката чувствено ја доживеа приказната преку импулсите на актерите, разбирајќи ја нивната емоција.
Во претставата играат врвните и искусни актери: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
Фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ е нова европска иницијатива, која ја степенува важноста на меѓукултурната разновидност на театарската сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји. Целта е поттикнување уметничка размена, дијалог меѓу културите и создавање долгорочни партнерства.
Организаторите се фокусирани на копродукции создадени во духот на меѓународната соработка, кои го акцентираат потенцијалот за вмрежување, интердисциплинарни пристапи и поврзување преку границите.
Првото издание на фестивалот обединува реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, со програма која освен претстави, нуди и палета на професионални и културни активности: работилници и обуки со претставници на Европската комисија од Брисел, посветени на европско финансирање и мобилност за театри. Настанот се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, општина Ќустендил и Сојузот на артисти во Бугарија. Македонското учество е овозможено со поддршка на Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, финансирана од ЕУ.
Култура
Сликата со тажна приказна од Пикасо излегува од сенка: портретот на Дора Мар на продажба

Француската аукциска куќа „Хотел Друо“ ќе ја понуди на продажба сликата „Портрет на жена со цветен шешир“ на Пабло Пикасо, посветена на неговата партнерка Дора Мар и насликана во јули 1943 година. Делото, масло на платно со димензии 80×60 см, се проценува на околу осум милиони евра, но се очекува цената да порасне на аукцијата закажана за 24 октомври.
Сликата се наоѓала во сопственост на истакнат француски колекционер, дедото на сегашните наследници, и никогаш досега не била јавно изложена. Според експертите, ова е едно од ретките дела кое претставува клучен момент во уметноста на Пикасо – создадено во време кога тој ја напуштал Дора Мар поради помладата Франсоаз Жило.
Автентичноста на портретот е потврдена, а досега била позната само преку архивски фотографии и каталози.
Култура
Откриј ја „Ноксиа“ – аудиовизуелна магија оваа сабота во Аеродром

В сабота (20.9.2025), со почеток од 20 часот, ќе биде поставена аудиовизуелната инсталација „Ноксиа“ во надворешниот простор на локалот Books&Dogs Café во Аеродром.
Проектот интегрира транс-медиуми кои со поврзување на алатките на генеративната вештачка интелигенција прикажува комуникациски можности и дисфункционалности. Дигиталнaта комуникација со виртуелните соговорници е функционално истражување на аудио-визуелната инсталација која поврзува уметничко видео, звучен дизајн, актерска игра и поезија.
Инсталацијата интегрира експериментално прикажување на специфична локација (site-specific).
Автори на проектот се видео-авторката Вероника Камчевска и дизајнерoт на звук Горан Москов. Актерката Јасмина Василева ја деконструира човековата состојба, а поезијата е на авторката Елена Пренџова и Владимир Петровиќ. Ова е почеток на серија истражувања на влијанието на алатките на ВИ, а како прв соговорник се анализира Chat GPT.
Повеќе за проектот
Аудио-визуелниот проект „Ноксиа“ (noxia) е видео инсталација која претставува систем на медиумски можности во пренесување на информација и прекини во комуникациски процеси. Низ видео и звучен приказ „Ноксиа“ прикажува недоследности во искази кои настануваат со користење на алатките на генеративната вештачка интелигенција. Во проектот се истражува начинот на кој вревата (noise, noxia) која постои или настанува во перцептивниот процес на комуникаторите станува дисфункционален дел на информацијата сè до пренесувањето на пораката. На тој начин таа метаморфозира и созадава код на новонастаната ситуација во која когнитивната способност на рецепиентот е тестирана. Како замислените факти се претвараат во препозиција на логичности и стварности е истражувачки предизвикот на аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ со кој низ експеримент се обидуваме да симулираме комуникациски процес на човекот кој користи алатки на генеративна вештачка интелигенција за да постигне значење. Може ли да се создаде комуникациска состојба ако комуникаторите не користат човечки предиспозиции туку синтетички изградени модели на свест? Алатките на генеративната вештачка интелигенција преку ChatGPT, Character AI, Gemini, X, Facebook овозможуваат виртуелни соговорници и виртуелни асистенти да помогнат или остварат комуникациски систем преку природен процесиран јазик (NLP). Возможно ли е да се комуницира ако комуникаторот е празен простор исполнет со кодови и факти, а емоционалноста ја создава врз база на интерпункциски знаци, емотикони, емоџи и граматички структури во реченицата?
Аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ симулира врева која настанува во самата намера да се комуницира со податоци кои создаваат логички композиции каде се исклучува одговорноста за влијанието од создаденото значење врз корисниците. Кога фактите изгледаат навидум реални и стварни, настанува поле на фантазии и замисли кои можат да креираат простор на брзо и автоматизирано комуницирање, но да го намалат потенцијалот на човековото автономно размислување.
Како автори го следиме и аналзираме процесот на создавање комуникациски варијации на визуелни искази кои се генерички и синтетички. Низ аудио-визуелен процес , „Ноксиа“ ја интегрира природата како основен функционелен дел на пренесување пораки.
Аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ ќе започне циклус на истражувачки процес за тоа како генеративната вештачка интелигенција создава нов систем на разбирање на стварноста, потенцијалните ризици врз разбирањето на информациите и влијанието на аудио визуелните потенцијали на креативното изразување.
Вероника Камчевска