Култура
Филмот за култниот документарист Љубе Цветановски достапен на „Јутуб“

Филмот за култниот документарист Љубе Цветановски е достапен на „Јутуб“, по повод 10-годишнината од смртта. Режисер на филмот е неговиот син, Гоце Цветановски.
„ Крај песочните плажи, до бистрата морска вода, можеш да ја споредуваш младоста и долговечноста, можеш да се прашуваш каков би бил светот ако со него владеат само луѓето што ја сакаат убавината…“ – Љубе Цветановски.
Поет, патописец, документарист, новинар. Човек кој знаеше да каже дека спознанието ќе биде ништожно ако не го споделиш со друг, ако не го раскажеш со збор или ако не го регистрираш низ објективот на камерата… Таков беше култниот Љубе Цветановски – македонска легенда чијшто живот згасна пред 10 години.
Филмот „Детето во светот“ се фокусира на сеќавањата од детството на Љубе Цветановски кои се раскажани во неговата истоимена книга, како и снимки со патувањата во над 20 егзотични земји од каде ја збогати македонската ризница со бројни исконски репортажи. Мајсторот на документарниот филм, познат по својот хумористичен и поетски стил, не’ води на незаборавно патување.
„Добар документарен филм е оној кој личи на игран филм, а добар игран филм е оној кој личи на документарен фим“, говореше Љубе Цветановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Симон Трпчески на 20 декември во арена „Борис Трајковски“

На 20 декември 2025 година, Скопје ќе биде сведок на музички спектакл посветен на 25-годишнината од уметничката кариера на еден од најголемите амбасадори на македонската култура во светот, маестро Симон Трпчески.
Во соработка со Националната опера и балет, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, оваа вечер ќе биде спој на уметност, традиција, емоција и врвна интерпретација. Заедно со квинтетот „МАКЕДОНИСИМО“ и специјални гости, Трпчески ќе нè однесе на патување низ музиката кое ќе ги надмине жанровите и границите.
По минатогодишниот фантастичен концерт во арена „Борис Трајковски“, кога Симон Трпчески ја наполни салата до последно место и ги остави присутните без здив, годинава тој се враќа со јасна причина за славење.
25 години врвна музичка кариера, исполнета со настапи на најпрестижните сцени, соработки со елитни оркестри и интерпретации што оставаат траен печат. Пат исполнет со непоколеблива посветеност кон уметноста, со страст што не згаснува и со визија што постојано се надградува. Јубилеј што сведочи за храброста да се остане верен на сопствениот израз, дури и кога тој го менува светот околу себе.
Настанот е во организација на „Прагма продукција“, а картите за истиот се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, Розе Веро 2, Јк травел во Бисер и Јк травел Дајмонд.
Култура
Македонската филхармонија ќе гостува во Солун

На 30 јуни (понеделник), оркестарот на Македонската филхармонија ќе гостува во Солун, во заедничка изведба на сценската канатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф со Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун.
Диригент ќе биде Михалис Иконому од Грција, а како солисти ќе настапат нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контра тенорот Николас Спанос од Грција.
Изведбата на градниозното дело до Карл Орф ќе се одржи во Концертната сала во Солун, со почеток во 21 часот.
Ова е втора изведба на „Кармина Бурана“, по премиерата во Софија во февруари, која беше проследена со овации од публиката.
„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела кое има статус на музички „бестселер“ на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на сите генерации. Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија „Codex Buranus“. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на оваа кантата. „Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата кои ги носи животот.
Култура
Фотографија со други очи: Завршна изложба на регионалниот проект „Out of Frame“ во Музеј на град Скопје

На 27 јуни во петок, во 19 часот, публиката во Скопје ја очекува посебно уметничко доживување: свечено отворање на мултимедијалната изложба „РЕ-КРЕАЦИЈА НА ВИДОТ“: Да ги погледнеме фотографиите со други очи во изложбениот простор на Музејот на град Скопје. На изложбата ќе бидат претставени фотографиите на младите фотографи од Србија, Црна Гора и Северна Македонија, кои беа создадени во текот на повеќемесечно работење, учење и заедничко истражување на фотографијата и современиот поглед на свет.
На свеченото отворање ќе присуствуваат партнерите и менторите од целиот регион -Славица Христова, кустос од Музејот на град Скопје, Александра Ристовска, фотографка и деканка на Факултетот за визуелни уметности на International Balkan University, Сашо Алушевски, директор на фестивалот ЗРНО од Скопје, Владимир Јовановски, директор на фестивалот Малински од Куманово, Звездан Манчиќ, директор на фестивалот VIZUALIZATOR од Белград и Далибор Шеваљевиќ, директор на фестивалот Tivat Photo Days од Црна Гора.
Изложбата претставува големо финале на пионерскиот регионален проект Out of Frame: Promoting New Perspectives Through Photography, подржан од British Council, а кој во изминатите десет месеци беше воден од Центарот за развој на фотографијата од Белград, со партнерите од Црна Гора – организација Fluid Drum и со подршка на Музејот на град Скопје. Проектот се реализира во рамките на програмата Culture and Creativity for Western Balkans (CC4WB). Проектот Culture and Creativity for Western Balkans (CC4WB), е финансиран од страна на Европската унија. Преоектот се реализира во рамките на прогамата насочена кон поттикнување на дијалогот на Западен Балкан, преку јакнење на културните и креативните сектори и засилување на социо-економското влијание.
Изложбата во Музејот на град Скопје ја заокружува работата на младите фотографи од Србија, Црна Гора и Северна Македонија, кои во изминатиот месец поминаа низ интензивна менторска работилница, под водство на истакнати автори и педагози. Работата на младите автори од Северна Македонија за прв пат ќе биде претствена на јавноста, заедно со работата на авторите од регионот. Во центар на вниманието се наоѓаат младите гласови и новите авторски погледи, кои низ објективот проговоруваат за секојдневието, идентитетите и просторот кој ги обликува. Во време во кое вистината се потешко се пронаоѓа меѓу сликите, Al aлатите, младите автори нудат автентичен и личен поглед ослободен од клишеа и конвенции.
Изложбата во Скопје следува по успешните изложби во рамките на београдскиот фестивал VIZUALIZATOR и Tivat Photo Days во Црна Гора. Секако, ова не е крај, туку напротив почеток – преку пионерскиот проект Out of Frame поставени се темелите на нова регионална мрежа на фотографи, ментори и фестивали на фотографија на
Западен Балкан, со кои ќе се продолжи развивање на соработка и истакнување на млади автори. Настанот ќе биде збогатен и со претставување на дигитална платформа за млади таленти, со што дополнително се отвараат вратите за размена помеѓу фотографската сцена во регионот.