Култура
Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски со голема светска премиера во Јапонија

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски денеска имаше извонредна светска премиера во Токио. Пред преполна сала и пречекан со огромен аплауз, „Кајмак“ премиерно беше прикажан на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио. По проекцијата режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска имаа топол и динамичен формален разговор со возбудената јапонска и меѓународна публика.
„Кајмак“ се прикажува во официјална конкуренција на овој фестивал од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложени 1.700 филмови од 107 земји, во официјална конкуренција влегоа само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак“.
Откако се распродадоа двете фестивалски проекции на „Кајмак“, организаторот додаде и трета проекција, предвидена за претпоследниот ден на фестивалот.
Организаторот му укажа исклучителна чест на Манчевски со тоа што го покани утре да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур („Кралот лавов“ на Бродвеј, „Фрида“, „Бура“, „Титус“).
Манчевски ќе има формален разговор со публиката и по втората распродадена проекција на филмот, на 28 октомври.
ТИФФ се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак“ предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев.
По светската премиера во Токио, „Кајмак“ патува на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван.
Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Триумфален настап на Џијан Емин и Франческо Тристано во Бамберг

На 30 април, во преполната концертна сала на Бамбергската филхармонија, се одржа спектакуларен концерт под диригентската палка на македонскиот маестро Џијан Емин, во соработка со светски познатиот пијанист и композитор Франческо Тристано. Настанот претставуваше мост меѓу класичната музика и современиот електронски звук, обединувајќи симфониски израз со техно и авангардни елементи во едно несекојдневно музичко доживување.
Под водство на Емин, оркестарот на Бамбергската филхармонија ја демонстрираше својата техничка прецизност и музичка сензибилност, совршено надополнета со виртуозната изведба на Тристано. На пијано и електроника, тој маестрално ги испреплетуваше традицијата и иновацијата.
Концертот беше пречекан со долготрајни овации, а публиката препозна и возврати на уникатната уметничка хемија меѓу двајцата уметници. Настанот е дел од нивната поширока соработка, која во последните години успешно ги освојува концертните сцени ширум Европа.
„Концертот во Бамберг, заедно со оркестарот Bamberger Symphoniker и Франческо Тристано, за мене беше вистинско уживање. Да се соработува со ваков врвен оркестар е едноставно фантастично – нивото на реакција и исполнителност е извонредно. Искрено, ова е најдобриот оркестар со кој сум работел досега“, изјави Емин.
„Имав прилика во минатото да диригирам и со други светски оркестри – Симфонискиот оркестар на Детроит, на Мелбурн, како и оркестри во Лондон, Париз, Фландрија, Мец, Ница… но процесот со овој оркестар беше неверојатно искуство. Станува збор за оркестар од светска класа, каде како гости диригенти се појавуваат имиња како Сер Сајмон Рател, Густаво Дудамел, Иван Фишер, Марис Јансонс… Можеби е полесно ако направам аналогија со Лигата на шампиони – за полесно разбирање“, додаде Емин.
„Франческо како пијанист беше на извонредно високо ниво, исто така инспириран од самиот оркестар. Дополнително, фактот што покрај изведбата на концертот во D-мол од Ј.С. Бах изведовме и наша авторска музика, го направи овој концерт уште поважен и посебен за нас. Публиката не штедеше на аплаузи – добивме десетминутна стоечка овација, проследена со силен ентузијазам“, вели Емин за овој спектакуларен концерт.
Настанот беше одбележан и од медиумите како дел од новата „шампионска музичка лига“. Во еден од описите на вечерта стои:
„Она што на прв поглед може да изгледа необично, на подлабоко слушање се претвора во иновативен спој. Пијанистот и продуцент Франческо Тристано, дипломец на Џулијард и мост меѓу класичната и популарната музика, заедно со диригентот Џијан Емин, разви концепт кој вешто ги брише границите меѓу жанровите. Во амбиентално концертно доживување, препознатливиот звук на класичниот симфониски оркестар се преплетува со авангардни текстури, звуци и ритми на електронската музика. А кога безвременските дела на Јохан Себастијан Бах преминуваат во сложените композиции на Џијан Емин и Франческо Тристано, разликата меѓу музичките светови одеднаш не изгледа толку голема.“
Култура
Виолин Фест во Битола

Престижниот фестивал Виолин Фест, познат по својата мисија да ѝ даде сцена на младата виолинска иднина, годинава го одбележува своето 11-то издание – и тоа со симболично враќање таму каде што сè започна, во Битола.
Пред главниот концерт што ќе се одржи на 9 јуни во 20:00 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје, Виолин Фест 2025 започнува со офф-програма во Битола, градот што отсекогаш дишел музика. Град со традиција, со училишта што изградиле генерации музичари и со атмосфера што потсетува дека културата не е украс, туку суштина.
Оваа година, фестивалот ѝ се поклонува на таа суштина – на корените. Затоа официјалната фестивалска програма започнува со два значајни настани во Битола:
– 8 мај (четврток), 12:00 ч. – Јавен час и презентација на фестивалот во Музичкото училиште во Битола
– 12 мај (недела), концерт во Офицерски дом, со настапи на млади виолинисти од музичките училишта од Битола, Прилеп и Охрид, кои преку својот труд и талент ја раскажуваат иднината на класичната музика.
Фестивалот е основан од виолинистот Владимир Костов, чии први музички чекори исто така водат од Битола. Од училишните клупи до големите сцени – неговата инспиративна приказна станува и приказна на сите оние што го препознаваат Виолин Фест како простор каде што младите таленти добиваат глас, шанса и публика која слуша со отворено срце.
„Оваа година, фестивалот не е само уште едно издание. Тој е посветеноста на виолината како инструмент – од скромност до страст, од Битола до Скопје, па и светот, од првата нота до аплаузот што значи •продолжи•” – истакнува Костов.
Влезот за сите настани е бесплатен. Проектот е поддржан од Министерство за култура.
Култура
Изложба од 26-тиот Меѓународен фестивал на афоризмот и карикатурата „Струмица 2025“ во Куманово

На седми мај, среда, со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложбата од 26-тиот Меѓународен фестивал на афоризмот и карикатурата „Струмица 2025“.
Изложбата се реализира во соработка со НУ „Антон Панов“ – Струмица којшто воедно е и организатор на фестивалот.
Изложбата содржи 30-тина карикатури селектирани од стручното жири меѓу кои и првонаградените. Во рамките на Фестивалот беа доделени и наградите за најуспешните афоризми но и признанија за Струмичкиот карневал.
Изложбата во Куманово ќе трае во наредните десетина дена.