Култура
„Флипбук филм фестивал“ – ќе бидат прикажани повеќе од сто кратки авторски анимирани филмови
На годинешното издание на „Флипбук филм фестивал“, од 11 до 14 август, ќе бидат прикажани повеќе од сто кратки авторски анимирани филмови. Првата вечер традиционално е резервирана за селекција на филмови од најголемите фестивали за анимиран филм, а годинава ќе биде прикажано најдоброто од двата најголеми светски фестивала, „Анеси“ (Франција) и „Анимафест“ (Хрватска).
Во следните три вечери ќе бидат прикажани филмовите од главната селекција, студентската, селекцијата на анимиран документарен филм и селекцијата на анимирани музички спотови. Од пријавените повеќе од илјада наслови, сите селектирани филмови ги менуваат правилата на игра и ги поместуваат границите на медиумот анимација, носат новитет и во тематска и во технолошка смисла: визуелна иновативност, силна приказна, која обработува некоја современа тема, остра социјална критика, софистициран хумор, експериментирање со формата и содржината итн. И годинава ќе бидат прикажани најдобрите европски наслови, кои во изминатиот период ги освоија најважните награди на светските фестивали: во главната селекција на словенечката режисерка Шпела Чадеж – Steakhouse, на хрватската режисерка Луција Бужанчиќ – Saturation, англискиот Hide на Данел Греј, во селекцијата на анимирани документарци The Garbage Man на португалката Лаура Гонсалвес и My father’s damn camera на српскиот режисер Милош Томиќ, студентските Slouch и Toothless и македонскиот Torch од младиот автор Калин Маловски. Во селекцијата, пак, на анимирани музички спотови, меѓу другите, ќе прикажеме анимации од двајца македонски автори: Никола Дрвошанов и Филип Митров.
За најдобрите филмови ќе одлучуваат две жирија. Во жирито на главната и на селекцијата на анимирани музички видеа членови се: Себастијан Сперер, селекторот на фестивалот „Анеси“, Даниел Шуљиќ, уметничкиот директор на „Анимафест“, кој ќе ја претстави монографијата по повод 50 години од фестивалот, и Олга Бобровска, професорка по историја на анимиран филм во Краков и директорка на фестивалот „Стоптрик“. Во жирито на анимирани документарци и студентски филмови членови се: Педро Риверо, професор по сценарио за анимиран филм и директор на фестивалот Анимаком во Билбао, кој ќе одржи работилница Storytelling for Animation, Петрула Велјановска, програмски координатор на фестивалот за документарен филм „Македокс“, и Милан Милосављевиќ, директор на фестивалот „Балканима“ во Белград, кој ќе ја промовира книгата со есеи за анимиран филм The Last Turn at Albuquerque. Промоција на книга од областа на теоријата на анимираниот филм ќе имаат и полскиот теоретичар Михал Бобровски и авторот на анимиран филм, Иван Ивановски, промоција на книгата „До празнината и назад“, проследена со изложба. Во соработка со организацијата „Екосвест“ ќе биде одржана тематска работилница за анимиран филм во техника стоп-анимација и изработка на флип бук-тетратки со учениците од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Една битка по друга“, „Хамнет“ и „Адолесценција“ доминираа на Златните глобуси
Во неделата беа доделени престижните награди Златен глобус. Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) беше прогласен за најдобар филм – мјузикл или комедија, што е една од вкупно четирите награди што ги освои, додека „Хамнет“ (Hamnet) ја доби наградата за најдобар филм – драма.
Тимоти Шаламе триумфираше во една од најконкурентните категории, освојувајќи ја наградата за најдобар актер во филм – мјузикл или комедија за улогата на професионален пингпонг-играч во филмот „Марти Суприм“ (Marty Supreme).
Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another), продукција на „Ворнер Брос Дискавери“, кој ја следи приказната за група пропаднати револуционери, се смета за фаворит и за Оскар за најдобар филм. На доделувањето, режисерот Пол Томас Андерсон ги освои наградите за најдобар режисер и најдобро сценарио, додека Тејана Тејлор ја доби наградата за најдобра споредна актерка.
Филмот „Хамнет“ (Hamnet) нуди замислена приказна за тоа како Вилијам Шекспир и неговата сопруга се справувале со смртта на нивниот 11-годишен син Хамнет. Историчарите веруваат дека токму оваа трагедија го инспирирала драматургот да ја напише драмата „Хамлет“ (Hamlet).
Бразилскиот филм „Тајниот агент“ (The Secret Agent) беше прогласен за најдобар филм на странски јазик, а неговата ѕвезда Вагнер Моура ја освои наградата за најдобар актер во филм – драма.
Стелан Скарсгард го доби Златниот глобус за најдобра споредна машка улога во норвешката семејна драма „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value).
„Не бев подготвен за ова, бидејќи, секако, мислев дека сум престар“, изјави 74-годишниот актер на сцената.
Песната „Злато“ (Golden), од анимираниот феномен „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters), беше прогласена за најдобра оригинална песна.
Во телевизиските категории, серијата „Пит“ (The Pitt) ја освои наградата за најдобра ТВ серија – драма, додека „Студиото“ (The Studio) беше прогласена за најдобра ТВ серија – мјузикл или комедија.
Мини-серијата „Адолесценција“ (Adolescence), која ја раскажува шокантната приказна за тринаесетгодишно момче обвинето за убиство на соученик, ја освои наградата за најдобра мини-серија или антологиска серија.
Актерите Стивен Грејам, Овен Купер и Ерин Доерти ги освоија наградите за најдобар актер во мини-серија, најдобар спореден актер на телевизија и најдобра споредна актерка на телевизија.
Култура
„Парусион“ во МКЦ: Авторски фјужн звук во срцето на живиот ритам
Групата „Парусион“ на 28 јануари, со почеток во 20:15 часот, ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, најавувајќи вечер посветена на авторската музика, современиот фјужн израз и ритамот како главен носител на музичката мисла.
Формиран во 2003 година во Скопје, ансамблот „Парусион“ е предводен од Михаил Парушев – композитор и тапанар чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви, од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн пристап што ги спојува импровизацијата, јасната форма и живата сценска енергија. По повеќе од две децении активна концертна работа, „Парусион“ функционира како отворен колектив во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.
Во актуелната концертна постава, покрај Михаил Парушев на тапани, како постојан член од 2003 година се издвојува гитаристот Зоран Костадиновски, чиј израз комбинира ритмичка стабилност и експериментален пристап. Останатите музичари се приклучуваат на „Парусион“ во различни периоди, носејќи свои индивидуални сензибилитети и проширувајќи ја звучната палета на ансамблот преку труба, саксофон, пијано, бас и перкусии.
Звучната слика на ансамблот ја надградува трубата на Трајче Велков, која внесува јасни мелодиски линии и динамична боја, додека саксофонот на Петар Колевски се движи меѓу џез-фрази и слободна импровизација. Гитарскиот слој на Костадиновски се движи меѓу прецизна ритмика и истражувачки пристап, а пијаното на Јован Цветковиќ претставува хармонски и структурен столб на ансамблот. Бас линијата на Иван Бејков ја заокружува целината со длабока и стабилна основа, додека Горан Трајков со тарабука и перкусии дополнително го проширува ритмичкиот спектар, внесувајќи етно и ориентални нијанси во фјужн контекстот.
![]()
Роден во 1976 година во Скопје, во семејство на музичари, Михаил Парушев уште од најрана возраст го гради својот однос со ударните инструменти. Ритамот станува негов прв јазик уште на четиригодишна возраст, а на шест години тапаните веќе се негов примарен израз. Своето формално музичко образование го заокружува со дипломирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, што му овозможува стабилна основа врз која развива слободен, истражувачки и авторски пристап.
Неговиот талент е рано препознаен – во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок фестивал, а од 1989 година па сè до денес континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, искуство што директно се влева во звукот и сценската енергија на „Парусион“.
Авторскиот фокус на Парушев е потврден и со солистичкиот албум „Агол“, издаден во 2022 година, кој дополнително го нагласува неговиот интерес за ритамот како самостоен, но и фјужн елемент во поширок музички контекст. Во рамки на концертот во МКЦ, ансамблот ќе изведе авторски композиции што постојано се трансформираат на сцена, оставајќи простор за импровизација, дијалог и жив контакт со публиката.
Паралелно со тековните настапи, „Парусион“ продолжува да работи на нов авторски материјал и современи обработки на традиционални македонски песни, истражувајќи ја тенката линија меѓу музичкото наследство и модерниот фјужн израз.
Концертот во МКЦ е наменет за публиката што бара авторска, современа и жива музика – каде фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот колективен јазик што се создава во моментот.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.

