Култура
(Фото) Свечено затворање на 𝟣𝟩. издание на Битолското културно лето – „Битфест“

Во изминатите 70-тина дена, почнувајќи од 26 јуни, Битола повторно блесна како центар на културните случувања во државата.
Општина Битола беше домаќин на низа настани кои ја славеа македонската музика, култура и традиција, кои отворија простор за младинска креативност, за театарска уметност, за врвни класични изведби и за содржини посветени на најмладите.
„Посебна гордост се настаните што оставија траен впечаток – како спектакуларниот концерт на Армин ван Бурен на Стадионот „Петар Милошевски“, кој уште долго ќе се памети како дел од културната историја на градот.
Со особено внимание ги негувавме и традиционалните манифестации: „Илинденски денови“, „Широк Сокак во бело“, „Битолино“, „Локум фест“ и многу други – настани кои се препознатлив белег на нашиот фестивал и на градот.
Оваа година е значајна и по тоа што за првпат БИТ ФЕСТ доби поддршка од Министерството за култура и туризам токму во доменот на креативните индустрии. Резултат на таа поддршка е и вечерашниот настан, кој ја претставува финалната слика на ова фестивалско лето – “Bitola Art Mapping”, проект кој ја претвори Битола во сцена за современа уметност, за 3Д мапинг, музика и интерактивни инсталации, кои ја пренесуваат културата директно до публиката“, наведуваат од општина Битола.
„Со секое издание на БИТ ФЕСТ ја зацврстуваме позицијата на Битола како културно срце на регионот и дека вечерва е уште една прекрасна страница во таа приказна.
Ова не е само крај на едно фестивалско лето – ова е прослава на уметноста што нè издигнува над секојдневието и ни покажува колку е моќна културата кога ја живееме заедно“, додаваат од општина Битола.
фото: фејсбук
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ награден за најдобар анимиран филм во Романија

Првенецот на македонската анимација „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за Најдобар долгометражен анимиран филм на 6. издание на Galactic Imaginarium Film Festival во Романија – иновативен фестивал кој ги спојува филмот, литературата и новите технологии во областа на фантастиката.
Ова признание е трето по ред за филмот, по наградите за најдобар долгометражен анимиран филм на Portoviejo International Film Festival во Еквадор и Ariano Film Festival во Италија. Со тоа филмот ја продолжува својата успешна фестивалска кариера и ја афирмира македонската продукција како значаен играч на меѓународната сцена на независна анимација.
„Наградата ја посветувам на сите членови на екипата кои неуморно работеа за да го претворат овој филм во реалност, и на сите оние кои помогнаа во ова историско остварување за македонската кинематографија“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Филмот, кој ја спојува авантуристичката научна фантастика со хумор и сатирични елементи, веќе привлече внимание на триесетина фестивали низ Европа, Јужна Америка и Азија.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, директор на анимација е Димитар Ѓоргиев, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Изложба „Поглед кон далечина обоена сино“ во Центар-Јадро

На 20 септември (сабота) во 12.00 часот ќе биде отворена изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ заедно со Дарко Алексовски во КСП Центар-Јадро.
На оваа прошетка уметникот ќе зборува за развивањето на идеите кои ги собраа различните, досега неизложувани дела во една целина, како и за теориските и референците од историјата на уметноста. Средбата ќе биде од неформален карактер, а публиката ќе има простор да постави прашања и да сподели свои впечатоци.
Автор на текстот и куратор на „Поглед кон далечина обоена сино“ е Славчо Димитров, а изложбата ќе може да се погледне и во текот на следната недела во работни денови помеѓу 10.00 и 16.00 часот.
Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Култура
„Везилка“ – самостојна изложба на Јана Јакимовска во КИЦ – Скопје

На 24 септември во 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје ќе се отвори самостојната изложба на цртежи и слики на академската сликарка Јана Јакимовска со наслов Везилка.
За изложбата, кураторката д-р Ана Франговска ќе напише:
Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.
Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 23 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Има учествувано на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.