Култура
„Франкенштајн“, „Едвард Втори“ и „Демонот од Дебар Маало“ денес на програмата на „Војдан Чернодрински“
Три претстави во официјалната програма ќе бидат на програмата на шестиот ден на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Први во 17 часот на сценaта на театарот во Прилеп ќе гостува Театарот за деца и младинци од Скопје со младинската „Франкенштајн“, по мотиви од истоимениот роман „Франкенштајн“ од Мери Шели. Режијата е на Кокан Младеновиќ. Улогите ги толкуваат: Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Maтеа Јанковска Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски и Симона Спировска.
Веднаш по претставата ќе следуваат разговори на тркалезна маса. Во 19.30 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде изведена „Едвард Втори“ во продукција на „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес. Претставата е во копродукција со Драмски театар „Масалитинов“, Пловдив. Претставата во режија на Андриј Жолдак, е по текст на Сашо Димоски според А. Жолдак и К. Марлоу. Улогите ги толкуваат: Борис Крстев, Илин Јовановски, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Тодор Стојковски, Сандра Танчева – Марго, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски. Театарот „Ацо Шопов“ од Штип ќе гостува на фестивалот вечерва во 22 часот на сцената на Прилепскиот театар, со претставата „Демонот од Дебар Маало“, според текст на Горан Стефановски, а во режија на Наташа Поплавска. Улогите ги толкуваат: Пеце Ристевски, Марија Минчева-Андонов, Ефтим Траjчов, Валентина Ѓоргиевска, Владимир Тулиев, Миле Вратеовски, Анѓелка Нашкова, Елена Шорова-Дербов, Раде Рогожарев, Стефанија Митовска и Даријан Петров.
Во 11 часот ќе биде промовирана книгата „За комичното и хуморот“ на Иван Џепароски, во издание на Театар Комедија. За книгата ќе зборува Дарко Спасов, директор на театарот и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“.
Монографијата „Театар Куманово 75 години (1948-2013)“ беше промовирана вчера, а за неа зборуваа авторите – тројца драматурзи и актерката Кети Дончевска-Илиќ. Нaјавувајќи го ова дело – историја за кумановскиот театар насловено „Театар Куманово 75 години (1948-2023), режисерот Милош Б. Андоновски потенцираше дека ова е прва од ваков вид монографија за театарот. Имало само печатено издание за периодот 1961-1971 година. За уредникот на монографијата, актерката Кети Донческа Илиќ, најфасцинантна е енергијата која се чувствува низ страниците и фотографиите на монографијата. -Во монографијата се концентриравме на фотографиите. Посебно од гостувањата на театарот. За жал, за некои претстави не најдовме материјал, ама многу е битно што под секоја фотографија се и имињата на актерите. Инаку, театарот веќе четврта година се реновира, тоа е тешка ситуација зашто сме „кираџии“ во Домот на културата. Се надеваме дека наскоро ќе заврши, зашто се пробиени сите рокови, објаснува Дончевска Илиќ.
На монографијата работеле тројца драматурзи и еден актер. Драматургот Сашо Костовски смета дека е внесена историјата и на градот, и на театарот, особено се посебни деталите забележани во инспициентските тетратки.
-Се пренесува сета енергија низ 75-те години, која ги опфаќа сите чувства. Внимание привлекоа нотираните, интересни, необични моменти во инспицинтските тетратки. На пример, кој кога задоцнил на претстава, кој дошол поднапиен. Тоа е историја. Посебно пријатно вчудовидува што во 60-тите години од минатиот век годишно имало дури 12 премиери, рече Костовски. Инаку, сите режисери, родум од Куманово, режирале во кумановскиот театар.
Впечатоци од претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани, на Битолскиот театар сподели публиката присутна во Центарот за култура. Се отворија прашањата за театарот и претставите кои зборуваат за проблемите во општеството што е и смислата на театарската уметност. -Голема обврска е да се донесе тој социјален реализам во директен контакт со публиката која на малата сцена во Центарот за култура речиси беше во директен контакт со дејството и актерите кои на сцена беа 17, рече модераторката Јована Горѓиовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

