концерти
Француска вечер на Охридско лето – концерт што долго ќе трае
Дела од француски и руски композитори, изведени од врвните пијансити Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле, синоќа одекнуваа под сводовите на црквата „Света Софија“. Француската вечер на фестивалот Охридско лето ѝ донесе ново и возбудливо музичко доживување на фестивалската публика.
На програмата беа композиции од Фредерик Шопен, Сергеј Рахманинов, Клод Дебиси и Дариус Мијо. Пијанистот Мишел Бурдонкле, задоволен од својот настап, вели дека се чувствува почестен што повторно е дел од фестивалот Охридско лето.
„Се чувствуваме одлично, но многу ми е жал што свиревме руска и француска музика, а не успеавме да отсвириме македонска. Сум настапувал во оваа прекрасна црква и претходно и запознаен сум со акустиката, но за мене беше чест да се настапува повторно на Охридско лето. Исто така, се гордеам што и мојот син се претстави на фестивалот. Се чувствувам почестен што сум повторно дел од овој престижен фестивал“, изјави Мишел Бурдонкле, кој пред речиси две децении беше дел од фестивалската програма на Охридско лето.
Неговиот син, Николас Бурдонкле, иако е млад, сепак важи за еден од најдобрите пијанисти на денешницата. Двајцата уметници синоќа беа еднакво впечатливи и атрактивни за посетителите на концертот.
„Ми беше чест што настапив првпат на фестивалот, и тоа заедно со мојот татко. Сè почесто добиваме понуди заедно како татко и син. Сакаме да изведуваме сè повеќе композиции, но највпечатлив за нас е настапот со две пијана и камерен оркестар“, вели Николас Бурдонкле.
Француската вечер на фестивалот Охридско лето е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје. Синоќешниот концерт го проследија претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој е и покровител на фестивалот Охридско лето, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, градоначалникот на Охрид, Јован Стојановски, и претставници од Францускиот институт во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

