Култура
Хуманитарен концерт на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ и институтот ФЕЈМС за Кочани
На 29 април, во камерната сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи хуманитарен концерт со исклучително значење – музичка вечер исполнета со класика, солидарност и поддршка. Концертот е во организација на институтот „ФЕЈМС“, со учество на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.
Средствата од продадените билети ќе бидат донирани за фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани, каде што животите ги загубија над 60 лица, а повеќе беа повредени.
„Во моменти кога зборовите не се доволни, музиката може да биде најчистата форма на утеха и солидарност. Овој концерт е наш начин, преку уметноста, да им дадеме поддршка на семејствата погодени од оваа незамислива трагедија. Исклучително сме благодарни на Роман Симовиќ што ја прифати поканата да настапи и ја стави својата уметност во служба на хуманоста“, изјавија од „ФЕЈМС“.
На концертот, публиката ќе има ретка можност да ужива во изведба на дела од Бетовен – Концерт за виолина и Симфонија бр. 7, под палката на маестро Симовиќ и оркестарот на „ФЕЈМС“ институтот составен од млади, исклучителни музичари од различни европски земји. Настанот се организира во соработка со Црвениот крст на РСМ, а на самиот концерт ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација.
Инаку, Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс. Билетите се веќе достапни преку mktickets.mk – со строго ограничен број места, оваа вечер ветува уникатно, интимно музичко доживување со длабок хуманитарен карактер.
Институтот „FAME’S“ е еден од водечките центри за оркестарски снимања и музичка едукација во Европа. Лоциран во Скопје, Македонија, институтот е посветен на создавање уникатни музички искуства преку едукативни програми, работилници и концерти кои инспирираат млади музичари од целиот свет. Нивните програми нудат можност за професионално усовршување во соработка со водечки уметници и диригенти, промовирајќи ја моќта на музиката како универзален јазик.
Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

