Култура
Хуманитарна изведба на „Не се клади на Енглези“ во МНТ за Сара Настеска
Македонскиот народен театар и во ноември ќе има хуманитарна претстава за помош на 15-годишната Сара Настеска од Охрид, кај која е дијагностицирана Anemia aplastica, болест за чие лечење е неопходна трансплантација на коскената срж.
Македонскиот народен театар и екипата на претставата „Не се клади на Енглези“ во режија на Синиша Евтимов, а во која играат Сашко Коцев, Оливер Митковски и Александар Микиќ, одлучија средствата добиени од изведбата на 11 ноември да бидат уплатени на сметката на Сара Настеска. Цената на билетот е 500 денари, а може да се купи и онлајн.
„Апелот за помош во јавноста го испрати семејството Настески, а нивниот 13-годишен син Виктор е единствен сроден донатор на коскена срцевина за Сара. Македонскиот народен театар сочувствува со загриженоста на семејството Настески и посакува успех на донаторската акција и на оперативниот зафат на младата Сара Настеска“, велат од МНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на Аница Китаноска „Скаменети потези: еволуција на формата“ во Битола
Вечерва со почеток во 19 и 30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на уметницата Аница Китаноска, насловена „Скаменети потези: еволуција на формата“. Изложбата ќе биде отворена во изложбениот простор Магаза – Битола.
Изложбата ќе ја отворат директорката на НУ Завод и музеј – Битола, Маргарита Спасов, која ќе даде воведен збор, кустосот советник во истата установа, Наде Геневска-Брачиќ, и уметницата Љубица Мешкова Солак, членка на ДЛУМ која живее и работи во Битола.
Изложбата ја заокружува трилогијата посветена на односот меѓу мозаикот и сликарството. Таа ја истражува трансформацијата на уметничкиот гест во трајна форма, каде што традицијата се преобликува во современ израз.
Битола, со своето богато мозаично наследство, станува простор на континуитет и преобразба, точка каде што минатото и сегашноста се спојуваат во нова визуелна целина.
Изложбата се одржува во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), НУ Завод и музеј Битола, Музеј на Град Скопје и со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Изложбата ќе биде отворена од 27 октомври до 12 ноември 2025 година.
Култура
Изложба „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“ во КСП Центар-Јадро
Вечерва, во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро ќе се oтвори изложбата „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“, дел од континуираната читачка група што веќе пет години функционира во рамките на програмата за критичка теорија и современа уметност.
Оваа година форматот е проширен – покрај теоретските средби, проектот вклучува и уметничко истражување кое ја поврзува теоријата со уметничката практика, отворајќи простор за нови форми на критичко изразување и дијалог со јавноста.
Темата за ова година „Јавен простор – Место за конфликт“ се фокусира на политичките, социјалните и економските сили што го обликуваат јавниот простор, како и на начините на кои пристапот, сопственоста и контролата влијаат врз неговата демократска природа.
Изложбата „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“ е создадена од уметниците Ивана Мирчевска, Елена Чемерска и Амир Карахасан, во рамки на процес инициран од Ѓорѓи Пулевски и модериран од Ивана Драгшиќ.
Таа истражува како телата, гестовите и блискоста стануваат облик на отпор и колективно преосмислување на јавниот простор – терен каде се судираат различни желби и логики на присуство. Во време кога просторот на градот се сведува на транзитна зона, изложбата предлага перформативен и поетски гест на враќање на чувството на заедништво, припадност и заедничко битисување
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб концертот на триото „30 прсти“ ја воодушеви загрепската публика
Во македонскиот КИЦ во Загреб, пијано триото ,,30 Прсти” во состав Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, со својот ексклузивен шестрачен пијано концерт приреди единствено музичко доживување за загребската публика.
Во својот поздравен говор директорката на македонскот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска истакна дека, камерниот ансамбл „30 прсти“со својот концерт во Загреб го продолжува своето уметничко патување, збогатувајќи ја областа на камерната музика и градејќи естетски тренд препознатлив дури и за најсофистицираните познавачи на уметничката музика.
Триото „30 прсти“ е првиот и единствен македонски ансамбл од ваков вид. Во последните три години, тие одржаа тринаесет концерти – десет во земјата и три во странство (Австрија, Бугарија, Србија). Посебен пресврт беше одбележан со минатогодишниот настап, кога за првпат во историјата на македонските пијанистички концерти изведоа дело за шестрачно пијано и камерен оркестар.
Негувајќи посебна љубов кон македонското музичко наследство, пијано триото ,,30 Прсти” во својот репертоар вклучува дела специјално напишани и адаптирани за овој уникатен ансамбл, што е предизвик и инспирација и за домашните композитори.
Концертот во преполната сала на македонскиот КИЦ во Загреб го проследија истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, универзитетски профсори, студенти на Музичката академија во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.

