Култура
Целовечерен концерт со македонските уметници Томе Атанасов и Марија Ѓошевска
Во рамките на музичката програма на „Охридско лето“ , во црквата „Света Софија“ вечерва од 21 часот ќе се одржи концерт на македонските уметници, обоистот Томе Атанасов и пијанистката Марија Ѓошевска.
Томе Атанасов, првите едукативни насоки во музиката ги добива во средното музичко училиште во Скопје во класата на својот родител и педагог м-р Васил Атанасов. Добитник е на стипендија на престижната Interlochen Arts Academy во САД (2002) во класата на познатиот педагог Даниел Столпер, каде добива богато уметничко искуство. Студиите ги продолжува на Универзитетот за уметности во Есен, Германија во класите на проф. Пјер Фајт и Михаел Низеман.
Меѓу неговите ментори се вбројуваат имиња на прочуени педагози, обоисти од светот: Давид Волтер, Штефан Шили, Џон Мек, Илејн Дувас, Џозеф Робинсон, Алексеј Огринчук, Вaшингтон Барела, Христо Касметски и други.
Звукот на неговата мелодична,привлечна за уво интерпретација, продолжува да го носи на врвни концертни сцени на кои свири фасцинантно освојувајќи ја целосно публиката. Незаборавни се настапите со Филхармонијата на Република Северна Македонија, Камерниот оркестар „Скопски солисти”,Триото „Атанасов”, „Симфониета” Софија, но најголем подвиг се бројните настапи со Камерната филхармонија од Келн, како и многуте концертни турнеи низ Европа, Азија, Австралија и САД. Соработува со повеќе оркестри меѓу кои: Камерна филхармонија – Келн, Класична филхармонија – Бон, Филхармониски оркестар – Франкфурт, Филхaрмониски оркестар – Хаген, Вестфалиска камерна филхармонија Гутерсло, Симфониски оркестар Рур, Нова филхармонија- Келн, Филхармонија на нациите, Симфониски оркестар „Нирвана“ од Јужна Кореја.
Томе Атанасов покрај бројните награди од државните натпревари за музика во земјата е лауреат на натпреварот „Mузички таленти” во Софија – Бугарија и добитник на наградата „Феникс” за врвни постигнувања во музичката уметност за 2015 г.
Моментално е прв обоист на Националната опера и балет.
Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанистки во нашата земја. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на сите реномирани фестивали во Р. Северна Македонија но и надвор од неа во САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн.
Настапува како солист со Филхармонијата на Република Северна Македонија, а значајни се и концертите со Симфонискиот оркестар во Дубровник, Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето”, соработувајќи со повеќе домашни и странски диригенти. Често настапува како камерен музичар и пијано соработник со истакнати инструменталисти. Ѓошевска е еден од македонските учесници во проектот „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и С. Македонија. Во октомври 2021 година, на покана од Маестро Антони Вит и филхармонијата во Краков, го изведе Пијано концертот бр.2 од Сергеј Рахмањинов како дел од концертната сезона 2021/22 на овој оркестар.
Во април 2016 година се закитува со престижната награда „Виртуози” за најдобар музички изведувач во 2015 година. Неколку години подоцна, во 2018 година ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања. Марија Ѓошевска е редовен професор и раководител на катедрата за клавишни инструменти и харфа и раководител на трет циклус – докторски студии за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

