Култура
Четврта нагрда за филмот „Хомо“ на меѓународни фестивали
Најновото признание за долгометражниот игран филм „Хомо“ (анг. „Only Human“) доаѓа од Waterfront Фестивалот на Интернационален Филм во Лаваса Индија, каде Игор Иванов ја освои Наградата за најдобра режија.
„Хомо“ светската премиера ја доживеа оваа година, на 51. ГОА ИФФ Индија, Европската премиера во рамките на 25. ИФФ Софија и Македонската – на СИНЕДЕЈС. До сега го прикажаа преку десет фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Индија, Романија, Србија, Бугарија, а доби награда и на фестивалите Gbeck Future Film Festival – Награда за Најдобар Филм, WorldFest-Houston International Film Festival – Бронзена Реми Награда и IndieFEST Film Awards – Награда за извонредност специјално признание.
„Хомо“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор.
Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, монтажа Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија). „Хомо“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.
Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев, Славиша Кајевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

