Култура
„Чудна шума“ на Шукарова, Еагли и на Емин ќе го одбележи меѓународниот Ден на танцот
Искра Шукарова, кореограф и професор на Факултетот за музичка уметност, и Урсула Еагли, кореограф од САД, заедно со студентите од катедрата за современ танц при ФМУ, на 29 април (недела) со современ танцов перформанс ќе го одбележат меѓународниот Ден на танцот. Настанот ќе почне во 20 часот, најпрвин во фоајето, а потоа ќе продолжи во Камерната сала на Македонската филхармонија.
Оваа вечер има цел да направи пресек на уметничкиот и едукативниот современ танцов процес. Публиката ќе има можност да го види работниот процес на студентите при ФМУ и самостојното дело на Урсула Еагли, остварено во склоп со кореографското дело на Шукарова, а со наслов „Чудна шума“.
На овој современ танцов настан поканет е музичкиот уметник Џијан Емин, кој ќе биде вклучен како соработник во креирањето на музичкиот концепт. Заедно со Јошико Чума од Јапонија, Џијан Емин во 2007 година во Њујорк веќе оствари соработка со Шукарова и со Еагли на проектот „Страница надвор од редот“.
Еагли и Шукарова првпат ги соединија своите креативни сили во Њујорк, заедно со Јошико Чума. Две години по нивната соработка, тие лансираа заеднички проект, исто така во Њујорк, во 2008 година. Заедно соработуваа и во 2010 година во Драмскиот театар во Скопје со поддршка на Dance Theater Workshop’s Suitcase Fund, потоа во 2011 како дел од NYC’s Performance Mix Festival и со поддршка на Trust for Mutual Understanding и во 2015 година како дел од фестивалот „Локомоушн“ во Скопје.
Програмата што ќе биде претставена на Денот на танцот – 29 Април, ќе биде изведена како перформанс на кој, како што велат и двете кореографки, ќе се обидат да ја воспостават нишката на структурираното општествено живеење пренесувајќи ја публиката низ суспендираните магични базени од танци. Во проектот „Чудна шума“ учествуваат: Урсула Еагли, Искра Шукарова, Деана Антевска, Јована Јанчовска, Бојан Мицев, Јана Петровска, Росана Стефанова, Ана Маркоска, Марија Ристеска, Теодора Ежовска, Христина Ангеловска, Стефанија Лефтеровска, Милена Гаврилова, Тања Василевска, Елена Костадинова, Бисера Димчева, Ангела Костадиновска и Олга Серафимова.
На овој настан ќе биде промовирана и работата на катедрата за балетска педагогија – отсек современ танц, која е формирана во 2010 година на ФМУ. За одбележувањето на 29 Април – меѓународниот Ден на танцот, ќе се сподели пораката од македонскиот автор Марко Мицов од страна на Македонскиот интернационален театарски институт, кој оваа година слави 70-та јубилејна година. Пораката оваа година ќе ја прочита Нина Костовска од Центарот за Даунов синдром во Македонија, со кои Шукарова соработува преку проектот „И јас сакам да бидам балерина“, а поддржан од УНИЦЕФ.
Танцовиот перформанс е овозможен со поддршка од Македонската филхармонија, а во соработка со ФМУ-УКИМ, како и од фондот GPS-Global Practice Sharing/Trust for Mutual Understanding and Movement Research. Воедно, оваа програма е уште еден настан од проектот инициран од Шукарова, Nomad to Nomad, како дел од NGO Nomad Dance Academy-Macedonia.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на последната фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“
Утревечер, 27 април е третата и последна фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“.
Во Едукативниот културен центар Лабораториум со почеток во 21 часот со концертен настап ќе се претстават „Macedonian Free Society“. Потребата за нов-креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачи израз, како соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика е токму поводот за креирање на еден ваков мега состав.
Иновацијата во креирањето на музичко дело и изведба на поединечни музички преокупации и изразни форми на секој од членовите вткаени во предизвикувачка и квалитетна целина е резултатот на овој современ ансамбл. Неговите членови поединечно, или како дел од нивните матични состави нижат признанија и награди во домашен и меѓународен контекст, и тоа: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за ПМГ Џез, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.
Веднаш потоа во 22 часот на истата локација, концерт на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти во земјава, кој поставува нова парадигма во начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс и во симбиоза со авторска електронска музика, изведена во живо. Заслужни за тоа се двајца врвни современи уметници, Оливер Митковски, еден до најголемите домашни актери, кој во изведбата го носи читачкиот (поетски, интерпретативен) дел и Андреја Ристески – Салпе, талентиран автор и продуцент, еден од водечките современи македонски електронски артисти, задолжен за музиката. Неочекувана, но благодарна комбинација, која дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор.
Музиката на Андреја Салпе е квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла ново светло на познати и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност од автори како: Ацо Караманов, Гого Ивановски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески. Квалитетот на изведбата во „Поетроника“ ги елевира песните на ново, неочекувано, неописливо атрактивно ниво и ги прави податни за ново толкување, приближувајќи ги до нова, млада публика.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.