Култура
Ѓоко Ризов дел од музичка изложба во Њујорк и со сопствен уметнички перформанс во Амстердам
На 31 aвгуст во Њујорк македонскиот сликар Ѓоко Ризов беше дел од настанот Abstraction Have Voices, каде што познатиот композитор и пијанист Маргин Александер од Њујорк изведе неколку оригинални композици инспирирани од уметноста на Ризов и единаесет други уметници од девет земји. Настанот во форма на музичка изложба беше инструментален концерт во Њујорк емитуван во живо преку онлајн-стриминг отворен за сите музички и уметнички љубители. По завршувањето на настанот, тој во форма на видеозапис е пратен до повеќе галерии и куратори во САД.
Маргин Александер за Ризов кажува дека во неговите уметнички дела открил еден сосема нов свет и дека неговата уметност е нешто што не го видел претходно. Инспириран од уметноста на Ѓоко Ризов, Маргин Александер компонира оригинално музичко дело, кое може да се види на видеото на 10:25 минути.
Претходно, на 21 август, Ѓоко Ризов имаше свој уметнички перформанс со наслов Reflections and Frames во галеријата Sound Light Color во Амстердам, во кој перформанс учествуваше и Александра Црвенковски од Виена. Уметничкиот перформанс ги истражува човековите свесни и несвесни тенденции на користење маски и во исто време категоризирање на сѐ што се случува и постои околу нас. Прашувајќи се кое е нашето вистинско лице и колку често лицето во огледалото е во спротивност со сликата што му ја прикажуваме на светот, Ѓоко Ризов во својот перформанс преку портрети, огледала и лица го поставува прашањето: како изгледаат среќата, заљубеноста, осаменоста, депресијата или аксиозноста на човековото лице и дали и колку сме спремни да се спознаеме себеси и другите.
Уметничкиот перформанс во интерактивна форма наиде на огромно воодушевување кај публиката во Амстердам, а посетителите зедоа и активно учество во него.
Повеќе за Ѓоко Ризов и неговата уметност можете да видете на неговиот инстаграм-профил: @_goartsy или на неговата веб-страница www.goartsy.mk
Ѓоко Ризов речиси половина година живее и твори во Амстердам, Холандија, каде што претходно во 2017 година на холандската публика ѝ се претстави со самостојна изложба. Инаку, Ризов до мај 2021 година работеше како помошник-началник во Единицата за економски и компјутерски криминал при МВР и по напуштањето на службата, продолжува активно да се занимава со уметност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

