Култура
Јосипа Лисац: „Од препотентност ја изгубив најдобрата песна“
Хрватската ѕвезда Јосипа Лисац на 20 април ќе одржи концерт во Македонската филхармонија во Скопје. Концертот во организација на „Авалон продукција“ е дел од нејзината балканска турнеја со која одбележува 50 години кариера.
„Многу убави спомени ме врзуваат за Скопје, за македонската публика. Првпат дојдов тука во 1969 година и скопската публика ја запознав на почетоците на мојата кариера. Моите концерти тука секогаш биле убави. Се сеќавам на преубавата енергија во Универзалната сала пред 5 години и со нетрпение ја чекам следната средба за само неколку дена“, рече Јосипа во интервју за „Репортер“.
Пејачката вели дека ја обожава традиционалната македонска музика.
„Со должна почит кон сите други народи, но јас ја обожавам вашата традиционална песна. Македонија има многу музички бисери, таленти, што ги почитувам. Ама ја обожавам и македонската храна“, рече таа.

68-годишната Јосипа пее од дете. Почнала во училишниот хор пеејќи трет глас. Уште тогаш знаела дека музиката ќе ѝ биде професија, но не помислувала дека ќе стане една од најголемите музички диви во Југославија и дека ќе слави 50 години успешна кариера.
„И како дете знаев дека музиката ќе биде мојот живот. На почетокот мислев дека тоа ќе биде класична музика, но работите се сменија. Сепак, музиката е смислата на моето постоење, животен повик што не смеев да го занемарам. Во еден момент решив сето тоа да го измешам со класиката, рокот, џезот, електронската музика. Тоа ми се допадна, тој микс. Но, дека ќе славам 50 години кариера, дека ќе бидам музичка дива, не можев ни да помислам. А не го сакам многу тој назив“, ни раскажа таа.
Јосипа не крие дека сака промени и во музиката, и во имиџот и во животот.
„Никогаш не се знае што носи утре. На крајот на денот се гордеам што во текот на сите овие години успеав да го одржам нивото што си го поставив. И можеби токму тие постојани промени некому му одат на нерви, ама мене ми се допаѓаат. Ги сакам луѓето што уживаат во тие промени, па затоа и јас се дружам со нив“, рече.
Јосипа првиот соло албум „Дневникот на една љубов“ го снимила пред 45 години. И денес со задоволство се сеќава на тоа време.

„Мнoгу добро се сеќавам на сè. Музиката беше снимена пред јас да влезам во студио за да ги отпеам песните. Карло Метикош беше продуцент на албумот и ги држеше сите конци во рацете. Знаеше што точно сака да добие. Се сеќавам, Карло ме одведе на ручек кога ја снимив песната „Среќа“. Сите ги шармира со својата појава. Кога по ручекот дојдовме дома, ми рече: ‘Тука има нешто во што не сум сигурен’, иако изведбата и интерпретацијата беа неверојатни. Во тој дел од песната не се слушаше дали е Ш или Ќ и сакаше да ја преснимиме песната следниот ден. Ја снимивме од почеток, ама не ја испеав како првиот пат. Во тоа време, кога се снимаше песна за таа да се пресними, мораше да ја избришеме претходната снимка. Не е како денес, да се снимат повеќе верзии, да се микса. Па на албумот се наоѓа верзијата што мене не ми се допадна. Ама ја изгубивме претходната. Карло потоа призна дека било препотентно од наша страна што поради ситница, а не поради грешка, ја изгубивме најдобрата верзија од песната. Секогаш мислиш дека може подобро. Но, мора да си подготвен и на тоа дека утре е нов ден, нова енергија и никогаш не знаеш дали тоа што ќе го направиш ќе биде подобро или полошо“, раскажа таа.
Денес, кога снима нова песна, песните во студио ги пее само еднаш или двапати.
„Не сакам многу да препевам. Не сум бубалица да научам нешто напамет и после да го повторувам истото. Ако снимам нешто трет пат, во третиот обид ќе додадам нешто мое ново, што може да е добро или не. Јас сум секогаш нова, поинаква, секогаш импровизирам во живо. Јас не се повторувам“, вели таа.
Оваа музичарка секогаш е поинаква од околината, впечатлива и своја. Таа не ги следи трендовите, не потпаѓа под нивно влијание.
„Во мене отсекогаш владеел некој внатрешен немир дека мора да се менувам. Секој ден е нов ден, поинаков. Мора да го почитуваме тоа што било, ама и она што допрва доаѓа. Да се опстане целото ова време значеше и да не се потпаѓа под туѓи влијанија, ама и да се биде во тек со времето. Или пред него. Некои работи не биле прифатени веднаш, туку по 10-15 години. Денес се менува сè, па и луѓето“, ни рече Лисац.
Во сите овие 50 години кариера имала многубројни соработки со разни музичари, од Бајага во 1968 година, па сè до „Хладно пиво“, со кој соработуваше пред неколку мееци.

„Сум соработувала и со рокери, и со рапери, и со џезери и со електронски музичари. Но, секаде бев своја, се пронајдов себеси. Затоа ги избрав сите тие соработки. Мојот пат е широк, отворен. Јас го земам само тоа што ми се допаѓа и така се промовирам себеси. Некои луѓе не сакаат да се менуваат. Чувствуваат несигурност пред промените. Јас сакам промени. Здодевно ми е ако нешто е едно исто“, вели Јосипа.
Таа раскажа дека љубовта отсекогаш ѝ била и водилка и инспирација во животот.
„Љубовта е сè. Тоа е аура што сите ја бараат. Многу луѓе се несреќни зашто немаат љубов. Кога владее љубовта, работите се поедноставни, животот е едноставен. Љубовта е најголемата тајна што самиот мораш да ја откриеш. Тоа е идеалистичко размислување, но гајле ми е. Јас сакам така, да ми е сè едноставно и полно со љубов“, рече таа низ смеа.
Јосипа пред многу години ја изгуби својата единствена голема љубов. Карло Метикош, нејзиниот партнер и најдобар пријател, како што го нарекува, почина во сон на на 51 година, во далечната 1991 година. Оттогаш таа живее со сеќавањата на оваа голема љубов.
„Други мажи никогаш не ме интересирале. Но, љубовта со Карло, големиот композитор, ми помогна да создадам сè што имам. Таква љубов не може да се смени, да престане, да исчезне. Јас често ги освежувам сеќавањата на Карло. Ги славам неговите дела. Дури и сега во Скопје ќе пеам дел од неговите песни. Всушност, песните што за мене ги направи Карло се најубавите што сум ги испеала, носат силна порака, а луѓето тоа го препознаваат. На тој начин знам дека Карло никогаш нема да исчезне. А и јас сум таква жена. Луѓето можеби забораваат бргу, јас не заборавам. Мислам дека јавно и понатамуи ја пренесувам пораката дека ја живеам својата љубов. Тоа се чувствува и се гледа. Тоа е таа страст што живее. Тоа е силата што ја имам за моето утре. Со таа љубов знам која сум, што сум. И не се изгубив себеси,“ рече Јосипа.
Андријана Јовановска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Прилепскиот џез фестивал не доби финансиска поддршка од Министерството за култура, организаторите бараат објаснување
Здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП, организатор на фестивалот „Прилеп Џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend), ја информира јавноста дека Министерство за култура одлучило да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.
Од здружението наведуваат дека по 14 години континуирана институционална поддршка, ваквата одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај. Според нив, Prilep Jazz Weekend не е експериментален или привремен проект, туку фестивал со историја, публика, јасна програмска визија и препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната сцена во Прилеп и пошироко.
Во соопштението се поставуваат низа прашања до надлежните институции, меѓу кои дали културната политика на државата оди кон централизација и маргинализација на културните настани во помалите градови, дали континуитетот, квалитетот и публиката сè уште се релевантни критериуми при распределбата на јавни средства, како и дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни.
Од здружението оценуваат дека со вакви одлуки културата надвор од главниот град не се развива, туку, како што наведуваат, „се гаси тивко, без објаснување и без одговорност“. Тие додаваат дека ова не е само удар врз еден фестивал, туку порака до културните работници во внатрешноста дека нивниот долгогодишен труд и резултати лесно може да бидат игнорирани.
Во соопштението се нагласува дека Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои благодарение на публиката, идејата и упорноста, но дека јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено оние што доаѓаат надвор од центарот.
Од Здружението бараат транспарентност, образложение и одговорност, порачувајќи дека културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка, туку право што мора да биде достапно насекаде.
Култура
„Ѕвездено арпежо“ со врвната харфистка Анлин Ленартс
Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Македонска филхармонија ќе одржи концерт насловен „Ѕвездено арпежо“ на кој како солистка ќе настапи Анлин Ленартс, водечка харфистка од Белгија, која во моментов работи во оркестарот на престижната Виенска филхармонија. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, Концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго и Симфонијата бр.5 од Лудвиг ван Бетовен.
Белгиската харфистка Анлин Ленартс е една од водечките солистки на својот инструмент. Во декември 2010 година е именувана за прва харфа на Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со бројни реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот „Моцартеум“, Брукнеровиот оркестар од Линц, Бриселската филхармонија и Националниот оркестар на Белгија. Своето солистичко деби го имала во престижни сали како Вигмор во Лондон, Карнеги хол во Њујорк, Берлинската филхармонија…, како и на престижни фестивали. Нејзините настапи се снимени од BBC Radio 3, Radio France Musique и Deutschlandfunk. Анлин има освоено 23 награди на меѓународни натпревари за харфа, меѓу кои првата награда на Grand Prix International Lily Laskine (2005) и Награда на публиката на ARD International Music Competition во Минхен. Таа има снимено повеќе албуми за Warner Classics, вклучувајќи и издание со дела од Нино Рота, кое во 2019 година ја доби наградата Opus Klassik. Истата година ја доби и наградата „Почести на фламанската заедница“ од Владата на Фландрија. Анлин Ленартс студирала во Брисел и во Париз, а магистерската диплома по харфа ја стекнала со највисоки одлични оценки. Денес таа предава на Универзитетот во Мастрихт и е член на наставниот кадар на Aspen Music Festival (САД).
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.

