Култура
Љубовната опера „Дидо и Енеј“ првпат во земјава со ѕвездите Гарванлиев и Де Силва

За првпат во Македонија, на 20 септември во Камерната сала на Филхармонија ќе биде изведена најпознатата опера од Хенри Персл – „Дидо и Енеј“.
Станува збор за автентична, концертна изведба на љубовната приказна преточена во опера на најголемиот британски барокен композитор, а во организација на Уметничкиот центар „Полифонија“.
Во премиерната изведба учествуваат оперските ѕвезди: македонскиот баритон Васил Гарванлиев како Енеј, кој кариерата успешно ја гради на меѓународните сцени, канадската оперска дива, сопранот Криста де Силва како Дидо, која исто така првпат гостува на македонската сцена, а моментно пее во престижните оперски куќи на Едмонтон и Монтреал, потоа еден од најбараните барокни ансамбли – „Г.А.П.“ од Германија, како и ансамблот „ИН МЕДИАС РЕС“ на „Полифонија“.
Операта „Дидо и Енеј“ е базирана врз некои делови од познатиот еп на Вергилиј „Енеида“, а според либретото на Нахум Тате, зборува за несреќната љубов помеѓу кралицата Дидона и принцот Енеј. Изворно, дејствието е сместено во кралската палата во моќниот град-држава Картага каде што Енеј застанува во своето патешествие за да основа ново кралство враќајќи ја разрушената Троја. Тогаш, под влијание на боговите, се вљубува во убавата Дидона и во цутот на нивната љубов ја остава за да го продолжи своето патување. Дидона е оставена сама, во стравови и сомнежи, во судир помеѓу кралската, рационална улога и страста. Ова е една прекрасна љубовна фантазија, мит помеѓу јавето и сонот, помеѓу фантазијата и вистината, приказна за границата на човековиот ум и неговото доживување на стварноста, за миговите на болка и тага.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ и е во соработка со Институтот Гете во Скопје, како и со Канадскиот музички центар во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Златниот објектив“ за 𝟤𝟢𝟤𝟧 година во рацете на доајенот Петар Богоевски: награда на Кинотека на Македонија

Крајот на април во Кинотеката секоја година е резервиран за доделувањето на „Златниот објектив“. Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли. Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови.
Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.
„Златниот објектив“ традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.
Оттаму, свеченото доделување на „Златниот објектив“ на доајенот Петар Богоевски ќе се одржи во вторник, на 29 април, во 12.00 часот во киносалата на Кинотеката на РС Македонија.
Култура
Лик од Македонија ќе се појави во новата епизода на „Симпсонови“

Лик од Македонија ќе се појави во новата епизода на анимираната серија „Симпсонови“.
Креаторите на серијата одлучиле да внесат спортист кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија.
Во епизодата е вклучен тим од земјата. Се работи за сестрите Невена и Калина Нешкоска и нивниот брат Наум, кои заедно го водат едукативниот канал, Дарко Биберко.
„Учествувавме во преводот, јас лично имав консултантска улога, а сите тројца испеавме песна што ја преведовме од англиски на македонски. Благодарност до композиторка Кара Талве, која ја овозможи оваа соработка“, напиша Невена Нешкоска на Фејсбук.
Епизодата премиерно ќе се емитува во САД во недела, на 27. април, во 20 часот (2:00 понеделник наутро по македонско време) на американската телевизија „Фокс“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.