Култура
Љутков на научна конференција: Ќе ги поддржиме иновациите во културниот сектор
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Музејот на македонската борба се обрати на седмото издание на конференцијата „Културните и креативните индустрии: предизвик за туризмот, културното наследство и економијата“, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Поздравувајќи ја организацијата на конференцијата, Љутков рече дека се дебатира за исклучително важна и актуелна тема, која на едно место ги обединува нашите напори и стремежи за развој и унапредување на културната, туристичката и економската сфера.
Осврнувајќи се на културните и креативните индустрии, министерот Љутков нагласи дека со својата посебност и потенцијал, тие можат да бидат моќен двигател на економијата.

„Инвестирањето во оваа област ќе придонесе за поттикнување на економскиот развој, нови можности за вработување и за зголемување на глобалниот углед на нашата културна сцена. Креативниот сектор не само што произведува уникатни производи и услуги туку и го поттикнува растот на туризмот, угостителството и малопродажбата“, истакна пред присутните министерот за култура и туризам.
Препознавајќи го потенцијалот на културните и креативните индустрии, Љутков информираше дека Владата и Министерството за култура и туризам во наредниот период ќе се фокусираат, пред сѐ, на изработка на нова Национална стратегија за културни и креативни индустрии (ККИ), ќе се изврши мапирање на ККИ, а ќе се возобнови и Советот за ККИ.
„Воедно, преку поддршка на стартап-компании кај правните лица и на фриленсерите ќе се креираат нови иновативни програми за поддршка за создавање и развој на бизнисите во креативните и културните индустрии и во видеоигрите“, додаде министерот Љутков, нагласувајќи дека ќе се даде поддршка за создавање препознатливи македонски брендови, за обнова и развој на традиционалните занаети, за воведување специјализирани географски ознаки со кои ќе се препознаваат македонските производи, а ќе се поддржуваат и еколошки одржливи проекти од областа на културата со користење традиционални знаења и вештини поврзани со природата и заштитата на животната средина.

Исто така, ќе се реализираат и низа работилници, саеми и кампањи за подигнување на свеста за придонесот на ККИ во економијата и општеството.
Повикувајќи на соработка меѓу сите засегнати, Љутков нагласи дека само така ќе можеме да создадеме синергија која ќе резултира со одржлив развој на нашата култура, туризам и економија.
„Во тој контекст, улогата на Министерството за култура и туризам е клучна во создавањето рамка која ќе овозможи ефикасно справување со предизвиците и ќе ги поддржи иновациите во културниот сектор“, рече Љутков, додавајќи дека со поддршка на креативците, како и со овозможување поволни услови за развој на креативните индустрии, сите заедно ќе ја оствариме визијата за создавање богат и разновиден културен сектор и ќе изградиме културна средина која ќе биде конкурентна на глобалниот пазар.

На конференцијата се обратија и деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков; проф. д-р Владимир Јаневски од Музичката академија на УГД; проф. д-р Наташа Митева, продеканка на ФТБЛ; м-р Александар Јорданоски, експерт за културно наследство и Анче Илиевска, в. д. директорка на НУ Музеј на македонската борба за самостојност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

